feature

Гатузо го води Балотели во Валенсија

Марио Балотели се уште не заиграл во шпанската Ла Лига, но тоа може да се промени сезонава.

Според информација на италијанските медиуми, новоименуваниот тренер на Валенсија, Џенаро Гатузо е многу заинтересиран да го доведе Марио Балотели во клубот.

Според медиумите, италијанскиот тренер веќе го повикал Балотели за да се распраша за можноста, но засега нема индикации дека има некаков договор. Балотели моментално е под договор со турскиот прволигаш Адана Демирспор, а за него се распрашува и швајцарски Сион.


Диало од ПСЖ се сели во Милан

Милан е во потрага по квалитетен дефанзивец кој ќе биде замена за Ромањоли, кој го напушти тимот ова лето.

Неколку имиња се поврзуваат со трансфер на „Сан Сиро“, но сепак најконкретен интерес „росонерите“ покажуваат за дефанзивецот на ПСЖ, Абду Диало.

25-годишниот Диало е дефанзивец, но може да игра и како лев бек, па токму поради тоа е прв избор на „росонерите“. Малдини веќе започнал преговори со ПСЖ, кој е спремен да го продаде, и за неговата слобода бара 20 милиони евра.

Милан ќе се обиде да ја намали таа сума преку преговори, или да го донесе на едногодишна позајмица со право на откуп.


Чистка во ПСЖ: Галтие се откажува од 11 играчи

Новиот тренер на Париз Сен Жермен, Кристоф Галтие планира да се одрекне од 11 фудбалери во овој преоден рок, известуваат француските медиуми.

На трансфер листата се најдоа дефанзивците Леон Курзава, Абду Диало и Тило Керер, играчите за врска Леандро Паредес, Данило Переира, Идриса Гаје, Андер Ерера, Жоржињо Вајналдум и Ерик Ебимбе, како и напаѓачите Дракслер и Икарди.

Раководството на клубот од Париз за овие играчи претходно плати 282 милиони евра, а тие сега вредат нешто повеќе од 160 милиони евра.

Француските медиуми тврдат дека на трансфер листата го нема Нејмар, кој и наредната година ќе игра во ПСЖ.


Забраната за Русија и Белорусија останува

Судот за спортска арбитража ја одби жалбата на Русија, „зборнајата“ и клубовите од Русија нема да можат да играат во натпреварување под капата на УЕФА и ФИФА.
Одлуката клупскиот и репрезентативниот фудбал на овие две земји да биде „замрзнат“ ќе продолжи да важи.

Покрај тоа, тие ја продолжија одлуката со која странските играчи во руските клубови имаат можност еднострано да ги раскинат договорите со клубовите до 30 јуни 2023 година.


Рафа Маркез се врати во Каталонија и ја презеде втората екипа на Барса

Барселона го објави назначувањето на Рафаел Маркез за нов тренер на вториот тим на Каталонците.

43-годишниот Мексиканец потпиша двегодишен договор со каталонскиот клуб. Минатата сезона Барселона Б под водство на Серхи Бархуан заврши на 8-то место во 3-та дивизија.

Маркез е легенда на клубот, кој играше на „Камп Ноу“ од 2003 до 2010 година.


Дибиров ја прифати понудата од Загреб

Ракометарот Тимур Дибиров во наредната сезона нема да настапува за екипата на Вардар 1961, бидејќи ја прифати понудата својата кариера да ја продолжи во тимот на ППД Загреб.

Веста дека Дибиров ќе го напушти Вардар стана актуелна откако скопскиот клуб доби казна од ЕХФ со која нема право на учество во Лигата на шампионите за наредната сезона.

Дибиров кој е играчка легенда на Вардар, во новиот клуб Загреб ќе настапува со поранешните соиграчи од Скопје, Вуко Борозан и Иван Чупиќ.


Кристијан Ериксен е нов играч на Манчестер Јунајтед

Данецот Кристијан Ериксен и официјално е нов фудбалер на Манчестер Јунајтед, потврди англискиот клуб.

Ериксен со тимот од Олд Трафорд потпиша договор до 2025 година. Тој во последните шест месеци настапуваше за Брентфорд каде пристигна од Интер.

Данецот го напушти Милано после инфарктот кој го доживеа на Европското првенство минатата година.


Марез го продолжи договорот со Манчестер Сити

Фудбалерот на Манчестер Сити, Ријад Марез, го продолжи договорот со клубот на уште две години. 

Со новиот договор, Марез ќе остане во Сити до 2025 година. Тој стана еден од главните играчи во екипата водена од Пеп Гвардиола откако во 2018 пристигна од Лестер.

За четири сезони во Сити, 31-годишниот алжирски репрезентативец освои три шампионски титули во Премиер лигата, еден ФА куп, и три Лига купа. 


Реал Мадрид не го продолжува договорот со Асенсио

Шпанскиот весник Марка објавува дека Реал Мадрид нема намера да го продолжи договорот со Марко Асенсио. 

Според информациите постои веројатност кралскиот клуб да го продаде Асенсио до крајот на летниот преоден рок бидејќи неговиот договор има важност до следното лето.

Претходно интерес за Марко Асенсио постоеше од шампионот на Серија А, Милан, како и од екипите на Њукасл и Арсенал.


Волвс го продава Адама Траоре за само 10 милиони евра

Вулверхемптон е подготвен да го продаде крилниот напаѓач Адама Траоре за скромна сума од 10 милиони фунти. 26-годишниот фудбалер минатата сезона ја мина на позајмица во Барселона, но не успеа да ги убеди Каталонците да ги откупат неговите права. Тој сега се врати во „Молину“, но во оваа фаза се чини дека тој не е дел од плановите на менаџерот Бруно Лагер, бидејќи клубот веќе бара купувач за него, според Football Insider.

Интересно, „волците“ платија 18 милиони на Мидлсброу за правата на Траоре во 2018 година, па доколку сега биде продаден за 10 милиони, клубот ќе биде во сериозна загуба.

И самиот Траоре е склон кон трансфер. Проблемот е што тој се надева дека ќе добие понуда од топ клуб, но во оваа фаза шансите тоа да се случи воопшто не изгледаат големи. Во моментов најсериозен интерес за него има од Евертон.

Не е исклучена и опцијата Траоре да остане на „Молину“ и во новата сезона и да го исполни својот договор кој е до летото 2023 година.