feature

Коло Туре е нов тренер на Виган Атлетик

Поранешниот фудбалер Коло Туре е назначен за нов тренер на Виган Атлетик. Екипата која се натпреварува во англискиот Чемпионшип оваа сезона се наоѓа во лоша позиција поради што отказ доби доскорешниот тренер Ричардсон. Виган во моментот се наоѓа на 22. позиција од табелата во втората по ранг англиска лига.

За Коло Туре ова е ќе биде прва работа како главен тренер на некој тим, а претходно беше тренер асистент во Селтик, Лестер, но и во репрезентацијата на Брегот на Слоновата коска.


Ливерпул ги мрси сметките на Јунајтед за Коди Гакпо

Манчестер Јунајтед доби сериозна конкуренција за потписот на холандската ѕвезда, Коди Гакпо, пренесуваат медиумите на Островот. 22-годишната ѕвезда на ПСВ одигра фантастична сезона и го привлече вниманието на многу европски гиганти, а на Мундијалот е една од најголемите ѕвезди.

Манчестер Јунајтед веќе подолго време се обидува да го доведе на „Олд Трафорд“, но сега во трката за неговиот потпис се вклучи и Ливерпул.

ПСВ после одличните партии сигурно нема да го пушти за помалку од 80 милиони евра, а Ливерпул започнал преговори со неговиот агент.

Двата англиски гиганти ќе водат голема битка за неговиот потпис, а Гакпо веќе потврди дека сака кариерата да ја продолжи во Премиер лигата.


Пелистер одобри присуство на Комитите на дербито со Вардар

Дерби натпреварот од Втората македонска фудбалска лига помеѓу вечните ривали Пелистер и Вардар кој ќе се одржи во сабота на стадионот Петар Милошевски во Битола ќе се игра во присуство на навивачки групи од двата тима.

Претходно Вардар поднесе барање до управата на Пелистер да дозволи присуство на околу 300 најверни фанови на Вардар, популарните Комити, на дуелот во Битола, што беше прифатено од страна на битолскиот клуб.

Останува надеж дека присуството на Чкембари и Комити во Битола ќе помине во најдобар ред и дека дерби натпреварот ќе се одигра во права фудбалска атмосфера.


Пулишиќ: Ќе бидам подготвен за дуелот со Холандија

Американскиот репрезентативец Кристијан Пулишиќ потврди дека ќе биде подготвен за осминафиналниот дуел од СП против Холандија.

Пулишиќ беше стрелец на единствениот гол за својот тим во победата над Иран кој на САД му донесе пласман во нокаут фазата и пресметка со Холандија.

Пулишиќ после постигнувањето на голот се пожали на повреда и мораше предвреме да го напушти теренот и беше одведен во болница. Фудбалерот после завршувањето на мечот испрати порака на социјалните мрежи во која истакна дека ќе биде подготвен за дуелот со Холандија кој се игра во сабота.


Мартино не е повеќе селектор на Мексико, му заврши договорот по мундијалскиот неуспех

Херардо Мартино по елиминацијата од Мундијалот во Катар, изјави дека повеќе не е селектор на Мексико. И покрај победата од 2-1 над Саудиска Арабија, Мексико не успеа да се пласира во осминафиналето.

Полска го освои второто место во групата, бидејќи примија помалку голови.

„Договорот ми истече во моментот кога судијата свирна крај на натпреварот“, објасни аргентинскиот стручњак кој го водеше Мексико.

Мартино е на клупата на репрезентацијата на Мексико од 2019 година, но не оствари некој позабележителен резултат. Не блескаше ниту во квалификациите, а го загуби и финалето на „Голд Купот“ од САД.


Баерн Минхен ја пронајде замената за Левандовски

Германските медиуми пренесуваат дека напаѓачот на Вердер и репрезентативец на Германија, Никлас Филкруг, својата кариера ќе ја продолжи во Баерн Минхен.

Филкруг прикажа одлична игра на СП во Катар, и беше стрелец за Германија во ремито од 1:1 со Шпанија.

Медиумите во Германија наведуваат дека челниците на Баерн Минхен мислат дека голгетерот на Вердер е идеална замена за Роберт Левандовски кој во летниот преоден го напушти клубот и потпиша за Барселона.

29-годишниот Филкруг неодамна го продолжи договорот со Вердер до јуни 2025.година, а претходно играше за Хановер, Нирнберг и Гројтер Фирт.


Ренард: Мексико заслужи да победи, жал ми е за неуспехот

Поразот од Мексико со 2-1 ја спречи Саудиска Арабија да се квалификува во осминафиналето на Светското првенство 2022. Тимот ја изненади Аргентина на почетокот, но на крајот заврши на последното место во својата група, а селекторот Ерв Ренард смета дека тоа е сосема реално.

„Ако треба да сумирам, Мексико одигра подобро од нас и заслужено не победи. Настапивме под нашите можности и не реагиравме добро откако се најдовме во ситуација да го бркаме резултатот. Мораме да му бидеме благодарни на нашиот голман, бидејќи да не беа неговите интервенции, ќе постигнеа. Само во последните минути верувавме дека нешто може да се случи, но веќе беше доцна“, прокоментира Ренард.

„Многу е тешко да се поминат групите на Светското првенство. Саудиска Арабија тоа го направи само еднаш, во 1994 година. Им честитам на моите играчи за вложениот труд, но денеска не заслуживме да одиме понатаму“, беше искрен францускиот стручњак.


Три мундијалски асистенции на Кејн, исто како некогаш Дејвид Бекам

Англискиот напаѓач Хари Кејн имаше асистенција на натпреварот од групната фаза на Светското првенство 2022 година против Велс (3-0). 29-годишниот напаѓач ја даде третата асистенција на овој светски шампионат и успеа да го повтори достигнувањето на Дејвид Бекам.

Кејн стана првиот играч на Англија кој постигнал најмалку три асистенции на едно Светско првенство по Бекам на Светското првенство во 2002 година. Овој статистички податок го објави „Опта Џо“ на „Твитер“.

Англија во групната фаза освои седум бода и од првото место се пласираше во осминафиналето на Светското првенство во Катар каде за противник ќе ја има репрезентацијата на Сенегал. Велс групната фаза ја заврши на последното место со еден бод.


Тите најави промени во тимот за Камерун во третото коло

Селекторот на Бразил Тите одлучи да ги одмори повеќето стартери за натпреварот против Камерун кој се игра во петок. Бразил веќе си обезбеди пласман во осминафиналето на СП 2022 година и ова, како и здравствената состојба на некои од главните играчи, е главната причина зошто Тите ќе смета на сосема поинаков состав во однос на натпреварите против Србија (2-0) и Швајцарија (1-0).

Повредени се Нејмар, Данило и Алекс Сандро. Други играчи имаат температура и не се чувствуваат добро.

Според „О Глобо“, стартниот состав против камерун би требало да изгледа вака: Едерсон, Дани Алвеш, Едер Милитао, Бремер, Алекс Телес, Фабињо, Бруно Гимараеш, Антони, Родриго, Габриел Жесус и Габриел Мартинели.

Можно е Педро и Евертон Рибеиро да стартуваат од првите минути.


Бен Вајт го напушти тренинг кампот на англиската репрезентација

Англиската фудбалска федерација соопшти дека дефанзивецот на Арсенал, Бен Вајт, ја напушти репрезентацијата на СП во Катар, и поради лични причини се врати во Англија.

Од федерацијата не ја наведуваат причината за заминувањето на Вајт од Катар, но откриваат дека не се очекува негово повторно враќање на Мундијалот. 

25-годишниот Вајт не влезе во игра на првите два натпревари на Англија во групната фаза против Иран и САД, а дуелот со Велс го пропушти поради болест.

Англија која обезбеди пласман во осминафиналето својот натпревар со Сенегал го игра во недела.