feature

Емил Рајковиќ се раздели со турски Тофаш

Емил Рајковиќ и Тофаш ја завршија соработката. Турскиот клуб денеска со официјално соопштение потврди дека нашиот стручњак ја напушта позицијата прв тренер на тимот.

Рајковиќ беше назначен за главен тренер на Тофаш на стартот на сезоната 2025/2026, но не успеа да ја заврши на своето ново работно место. Кризата која го зафати тимот на резултатски план, а особено последните порази и во ФИБА Лигата на шампионите беа иницијална каписла за турските газди да побараат ново тренеско решение.

„Решивме да се разделиме со нашиот почитуван тренер и му се заблагодаруваме за неговиот придонес во нашиот клуб и кошарката во Бурса. Му посакуваме многу среќа во следната фаза од неговата кариера“, напишаа од Тофаш.


Борбено реми на Брера и Македонија ЃП

Брера и Македонија ЃП во Струмица одиграа интересен и до крај неизвесен натпревар кој заврши без победник 1-1. Двата тима водеа важна битка за опстанокот, беше присутна желбата и мотивот за трите бода, меѓутоа на крајот мораа да се задоволат со по еден.

Домашниот тим поведе од првата посериозна шанса во 20. минута. Изведен корнер, се направи мешаница во петерецот, а Петровиќ доби повратна топка и на своето деби за струмичкиот тим успеа да погоди за предност.

Во финишот од првиот дел Македонија ЃП изврши сериозен притисок по голот на Вргов, кој имаше една успешна интервенција, а потоа и досуден пенал откако Луковиќ играше со рака по продорот на Џангаровски.

Пецов го изведе пеналот, Вргов му одбрани, но на топката налета Ивановски кој во обид да расчисти ја смести топката во својата мрежа.

Во вториот дел и двата тима тргнаа по бодовите. Брера имаше и бројчана предност на теренот, со оглед дека Ричков во 69. минута беше исклучен, но тоа не успеа да го материјализира домашниот тим.


Нема повеќе реми во јапонската лига, при нерешено ќе се шутираат пенали

Јапонската Џеј Лига ќе донесе историска промена во натпреварувањето, откако официјално беше потврдено дека во сезоната 2026 нема да има реми во регуларниот дел од натпреварите.

Секој дуел што ќе заврши без победник по 90 минути ќе добие разрешница преку изведување пенали. Тимот што ќе слави од белата точка ќе освои два бода, додека поразениот сепак нема да остане со празни раце и ќе добие еден бод.

Ваквата мерка е изгласана со поддршка од клубовите од елитата, а идејата е да се внесе дополнителна возбуда и поголема динамика во борбата за позициите на табелата. Раководството верува дека новиот систем ќе ја зголеми неизвесноста и интересот кај навивачите.

Сепак, станува збор за привремено решение. Сезоната 2026 ќе има транзициски карактер поради намерата јапонскиот фудбал да премине на европскиот календар. Наместо досегашниот формат пролет есен, во иднина шампионатот ќе се игра по европски пример. За да се реализира оваа промена без проблеми, ќе биде одиграна скратена кампања до летото, по што од есен ќе стартува новиот циклус според изменетиот распоред.


Линдзи Вон третпат оперирана по тешкиот пад

Американската скијачка Линдзи Вон објави дека успешно е оперирана по трет пат откако имаше тежок пад во спустот на Зимските олимписки игри кои се одржуваат во Милано и Кортина.

Четириесетиедногодишната Вон ја илустрираше објавата на Инстаграм со фотографии од болничкиот кревет со кренат палец.

„Денеска ја имав третата операција и беше успешна. Иако закрепнувањето е бавно, напредувам и знам дека ќе бидам добро“, порача Вон.

Вон падна само 13 секунди по стартот на спуст трката во неделата, по што беше транспортирана во болница во Тревизо со хеликоптер. Ден подоцна, повеќекратната светска шампионка потврди дека претрпела комплексна фрактура на тибијата, која е стабилна, но бара повеќе операции за да биде соодветно санирана.

„Благодарна сум на неверојатниот медицински персонал, пријателите и семејството кои се покрај мене, како и на огромната поддршка и љубов што ја добивам од целиот свет. Големи честитки до сите спортисти во тимот на САД кои ме инспирираат и ми даваат причина да навивам“, додаде Вон. (МИА)


Реал Мадрид се повлече од Суперлигата, натпреварувањето веќе не постои

Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) објави вечерва дека постигнала договор со Реал Мадрид за прекин на тековната битка околу формирање Суперлига, откако мадридскиот клуб остана единствен поборник за ова натпреварување.

Главниот ривал на Реал Мадрид, Барселона, минатата недела објави дека се откажува од проектот Суперлига, а сега и Кралскиот клуб одлучи да го стори истото.

„По повеќемесечни разговори водени во најдобар интерес на европскиот фудбал, УЕФА, фудбалските клубови и Реал Мадрид објавуваат дека постигнаа договор околу начелата во корист на европскиот клупски фудбал, почитувајќи ги принципите на спортска заслуга, со акцент на долгорочната одржливост на клубовите и подобрување на искуството на навивачите преку користење на технологијата. Овој договор за начелата ќе послужи и за решавање на нивните правни спорови поврзани со Европската Суперлига, откако овие принципи ќе бидат имплементирани и применети“, објави УЕФА на својата официјална веб-страница.

Идејата за формирање на Суперлигата беше наменета да им користи на најбогатите европски клубови, а беше иницирана во 2021 година од Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Арсенал, Челзи, Ливерпул, Тотенхем, Барселона, Атлетико Мадрид, Реал Мадрид, Интер, Јувентус и Милан.

Повлекувањето на Реал означи дефинитивен крај на Суперлигата уште пред проектот воопшто да започне.


Ајзеа Стјуарт казнет со седум натпревари заради инцидентот

НБА кошаркарската лига реагираше брзо по хаотичните сцени на натпреварот помеѓу екипите на Детроит Пистонс и Шарлот Корнетс, суспендирајќи четири играчи кои беа во центарот на масовна тепачка во текот на третата четвртина.

Најстрого казнет е крилниот центар Детроит, Ајзеа Стјуарт, со суспензија од седум натпревари. Муса Диабате и Мајлс Бриџис од Шарлот исто така добија суспензија, од по четири натпревари, додека играчот на Детроит Џејлен Дурен е суспендиран на два натпревари.

Инцидентот започна нешто повеќе од седум минути пред крајот на третата четвртина, кога Џејлен Дурен, со топката во раце и во обид да се упати кон кошот, беше фаулиран од Диабате.

По фаулот, Дурен се сврте и влезе во вербален и физички контакт со противникот, при што делуваше дека двајцата се судрија со главите.


Ѓоковиќ го откажа настапот во Доха

Новак Ѓоковиќ нема да настапи на турнирот во Доха и одлучи да паузира во февруари по настапот на Австралија Опен.

Србинот беше поразен од Карлос Алкараз во финалето, пропуштајќи шанса за 25. гренд слем титула, но самиот пласман во завршницата беше голем успех.

Неговото отсуство од Доха изненади дел од јавноста, особено ако се знае дека има договор со „Катар ервејс“ и често беше гостин во оваа земја.

Според најавите, Ѓоковиќ се очекува да се врати на терените на Индијан Велс следниот месец.


Дамфрис се врати на тренинзите по тешката повреда

COMO, ITALY – JANUARY 03: Denzel Dumfries of FC Internazionale looks on during the FC Internazionale training session at the club’s training ground Suning Training Center on January 03, 2023 in Como, Italy. (Photo by Mattia Ozbot – Inter/Inter via Getty Images)

Само неколку дена пред дербито со Јувентус, Дензел Дaмфрис се врати на тренинзите на Интер.

Холандскиот репрезентативец нема настап од 9 ноември, кога заработи повреда на зглобот поради која мораше да биде опериран.

Поради тоа тој ги пропушти последните 13 натпревари на „нероаѕурите“ во Серија А.

Сè уште не е познато дали Киву ќе го вклучи во составот за дуелот со Јувентус, но се чини дека е малку веројатно да започне како стартер.

Претходно оваа недела на тренинзите им се приклучија и Николо Барела и Хакан Чалханоглу.

Турскиот репрезентативец беше надвор од терените од 11 јануари, додека италијанскиот играч за врска паузираше од 28 јануари.


Враќање во Премиер лигата: Рудигер преговара со Тотенхем

Тотенхем започна преговори за потпишување на германскиот дефанзивец Антонио Рудигер, кој треба да го напушти Реал Мадрид на крајот од тековната сезона. Англискиот клуб размислува да го привлече играчот во претстојниот летен преоден рок.

Тотенхем се надева дека ќе го убеди Рудигер да не потпишува нов договор со Реал Мадрид. Дефанзивецот претходно се согласи на значително намалување на платата за да остане во Реал Мадрид.

Рудигер не брза да донесе конечна одлука за својата иднина, но изрази желба повторно да игра во Англија. Вест Хем и Кристал Палас исто така се во трка за да потпишат со него.

Дефанзивецот има можност да ја продолжи кариерата во Саудиска Арабија, каде што се соочува со значајни финансиски понуди. Тековниот договор на Рудигер со Реал Мадрид истекува ова лето, а неговата вредност се проценува на 12 милиони евра.


Форест ќе го отпушти и Шон Дајч

Раководството на Нотингем Форест размислува да го отпушти главниот тренер Шон Дајч . Претседателот на клубот, Евангелос Маринакис, е незадоволен од резултатите на тимот оваа сезона и сериозно размислува да го замени 54-годишниот менаџер.

Дајч го презеде тимот во октомври 2025 година, но не успеа да ги подобри нивните резултати. Нотингем Форест моментално е само едно место над зоната за испаѓање. Сфаќајќи дека Дајч не е добар избор, Маринакис реши да се обиде да го привлече менаџерот Марко Силва од Фулам за време на летната пауза.

Договорот на Силва со Фулам истекува ова лето, а Маринакис сака да го ангажира менаџерот како слободен агент. Сепак, Нотингем не е единствениот клуб заинтересиран за Силва. Кристал Палас исто така внимателно го следи и се подготвува да се раздели со Оливер Гласнер.

Марко Силва е на чело на Фулам од 2021 година. Оваа сезона, тимот одигра 30 натпревари, победи на 14, одигра четири нерешени и загуби на 12. Фулам е на 12-то место на табелата во лигата со 34 бода.