feature

Бекам гради дрим-тим во Мајами

Дејвид Бекам реши да изгради ѕвезден тим во САД, а британски „Тајмс“ објави дека наскоро во Интер Мајами доаѓаат уште неколку фантастични фудбалери. Според медиумот, наскоро во дресот на Интер Мајами може да ги гледаме Лионел Меси и Кристијано Роналдо, па така Бекам ќе го има најмоќниот тим во светот.

Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Реал Мадрид, Милан и ПСЖ планира да го договори Меси во следниот период, а Аргентинецот се очекува да потпише за Интер Мајами следното лето.

Исто така, се воделе преговори и со Роналдо, кој во моментов е слободен играч откако го раскина договорот со „црвените ѓаволи“.

Британските медиуми пишуваат дека во екипата би можеле да стигнат уште неколку легенди, а тоа се Луис Суарез кој е слободен по завршување на договорот со Национал, но и Цеск Фабрегас кој игра за второлигашот Комо, додека последна ѕвезда која може да пристигне е Серхио Бускетс.


Шаќири е подготвен за Србија

На конференција за медиумите после натпреварот со Бразил, селекторот на Швајцарија Мурат Јакин, објави дека фудбалерот Џердан Шаќири има проблем со истегнат мускул на ногата и дека ќе мора да паузира некој период.

Според последните информации и фотографии на швајцарските медиуми од последниот тренинг на репрезентацијата може да се заклучи дека Шаќири сепак ќе биде подготвен за настап на дуелот со Србија во петок, кој за двете репрезентации ќе биде одлучувачки за пласман во нокаут фазата од СП.


Алегри останува тренер на Јувентус

Масимилијано Алегри ќе остане тренер на Јувентус најмалку до крајот на сезоната, и покрај фактот што целиот Управен одбор на клубот од Торино си поднесе оставка.

Во понеделникот, целиот управен одбор  на Јувентус, на чело со претседателот Андреа Ањели си поднесе оставка, после обвинувањата за нереално претставување на висината на трансферите, но и прикривање на платата на фудбалерите на овај клуб за време на пандемијата со корона вирусот.

Тренерот Алегри минатата сезона потпиша договор со Јувентус до 2025.година, вреден седум милиони евра годишно. Според информациите Алегри се изненадил од одлуката на управниот одбор во врска со оставките, но прифатил да остане на клупата до крајот на сезоната.


Рашфорд е стрелец на 100.гол за Англија на Светските првенства

Репрезентацијата на Англија се пласира во нокаут фазата од Светското првенство во Катар, после победата над селекцијата на Велс со резултат 3:0.

Маркус Рашфорд на овај натпревар беше двоен стрелец и го постигна 100.гол за Англија на Мундијалите. Фудбалерот на Манчестер Јунајтед стана и прв играч на овај клуб кој постигнал три гола на едно СП после легендата Боби Чарлтон. Рашфорд по бројот на голови на ова СП се израмни со Коди Гакпо од Холандија, Килијан Мбапе од Франција и Енер Валенсија од Еквадор.


Алегри нема да добие отказ по заминувањата од Јуве

Италијанскиот гигант Јувентус поминува низ турбулентен период, откако целото раководството заедно со претседателот Ањели си поднесоа оставка. Јувентус има сериозно обвинение за финансиски малверзации, па актуелното раководството ја презеде одговорноста и си поднесе оставка.

Од клубот си замина претседателот Андреа Ањели, потпретседателот Павел Недвед, извршниот директор Маурицио Аривабене, а се шпекулираше дека неизвесна е иднината и на тренерот Алегри.

Меѓутоа, сопственикот Џон Елкан потврди дека Алегри останува клучен за спортскиот проект на клубот.

„Алегри останува клучна фигура во спортскиот проект на Јувентус и ќе го води тимот до следните големи успеси“, изјави Елкан.


Клоп го сака Џонатан Дејвид од Лил

Ливерпул е силно заинтересиран за напаѓачот на Лил и канадски репрезентативец, Џонатан Дејвид. Дејвид игра уште една фантастична сезона и моментално се етаблираше во еден од најдобрите млади напаѓачи во Европа.

22-годишниот Канаѓанец е мета на многу клубови, меѓу кои Милан и Баерн, па поради тоа Ливерпул сака што побрзо да ја победи конкуренцијата.

Клоп подолго време го следи Дејвид и сакаше да го доведе уште минатото лето, а верува дека ќе биде идеална замена за Фирмињо, кој е на излезна врата.

„Црвените“ се спремни за него да понудат 50 милиони евра во јануари, а и самиот напаѓач сака да ја промени средината.


Челзи го договорил Нкунку од РБ Лајпциг

Челзи долго време бара нови засилувања и конечно успеа да договори едно од нив. Тоа е Кристофер Нкунку кој доаѓа од Лајпциг, а трансферот ќе изнесува 70 милиони евра.

Медицинските прегледи биле завршени уште во септември, а сега се комплетирани и останатите детали меѓу двете страни.

Познатиот новинар Фабрицио Романо објави дека сите страни само чекаат потпис на договорот за официјално да биде потврден трансферот на Нкунку во Челзи.

Челзи ќе го добие Нкунку на 23 јуни, односно за следната сезона, што значи дека одличниот француски напаѓач останува во Лајпциг до крајот на оваа сезона.


Рашфорд: Нема логика нашите навивачи да нè исвиркуваат

Младиот напаѓач на Англија, Маркус Рашфорд, вели дека неговата селекција не заслужила свирежи од трибините на дуелот со САД бидејќи сите во тимот биле свесни дека не одиграле според очекувањата.

„Кога победуваме, ние сме најдобриот тим во светот. Кога губиме, стануваме најлоши. Тоа е дел од фудбалот. Да бидам искрен, не ни требаа свирежите на нашите навивачи за да знаеме дека не игравме добро“, вели Рашфорд.

Англија сигурно ќе оди во осминафиналето под услов да не загуби со најмалку четири разлика од Велс.


Бензема ќе настапи за Франција во нокаут фазата?

Шпанските медиуми тврдат дека францускиот репрезентативец, Карим Бензема, би можел да му се приклучи на тимот во нокаут фазата од Светското првенство во Катар, бидејќи успешно се опоравил од повредата.

Информациите од Шпанија велат дека Бензема ќе присуствува на тренингот на Реал Мадрид во четврток кои се подготовка за продолжение на сезоната.

Претходно од Фудбалскиот сојуз на Франција изјавија дека Бензема ќе мора да паузира три недели поради повреда на бутниот мускул. Сега се отвора можноста Бензема да му се приклучи на репрезентативците на Франција во нокаут фазата од Мундијалот, но челниците на сојузот и селекторот Дешамп не даваат повеќе информации во моментот.

Франција веќе обезбеди пласман во осмина финалето на СП, после двете победи против Австралија и Данска.


ФК Вардар бара присуство на „Комитите“ на дербито со Пелистер во Битола

Во сабота се игра дерби натпреварот од 14.коло во Втората македонска фудбалска лига, помеѓу вечните ривали Пелистер и Вардар. Натпреварот ќе се игра во сабота на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, кога во употреба ќе биде пуштена и новата трибина.

Пред дерби дуелот од управата на ФК Вардар преку соопштение бараат од раководството на Пелистер да дозволи гостување на своите најверни навивачи, полуларните „Комити“.„Големото македонско фудбалско дерби е пред нас. Првенствено, веруваме дека управата на Ф.К. Пелистер ќе се согласи и ќе дозволи присуство на нашата навивачка група “Комити Запад”. Фудбалот без навивачи на трибините губи многу, затоа веруваме дека одлуката по однос на ова прашање ќе биде позитивна. Дека сме сериозни и искрени во намерата да го вратиме сјајот на големото дерби, потврдува и тоа што уште од сега јавно соопштуваме дека ќе дозволиме присуство на навивачката група “Чкембари Битола” на натпреварот кој овие два тима ќе го одиграат во Скопје. Воедно, упатуваме важен апел до управата на Ф.К. Пелистер, а тоа е да дерби натпреварот помеѓу Ф.К. Пелистер и Ф.К. Вардар, кој е закажан за оваа сабота (3.12.2022) се  одигра ден подоцна, односно во недела (4.12.2022). Навивачите на двата тима тоа го заслужуваат. Ајде заедно да помогнеме да се врати стариот сјај на големото македонско фудбалско дерби. Како клуб, стоиме на располагање за соработка и помош доколку е потребна, во однос на било кој аспект. Недела ден за фудбал – навивачите заслужуваат!“ – се вели во соопштението од ФК Вардар.