feature

Челзи ќе се обиде да го ангажира Гнабри

Откако станува јасно дека Челзи ја губи трката за потписот на Рафиња кој е се поблиску до трансфер во Барселона, клубот од Стенфорд Бриџ ќе се насочи кон ангажирање на Серж Гнабри од Баерн Минхен.

Доколку Челзи тргне во купување на Гнабри, се очекува цената која Баерн би ја побарувал за играчот да изнесува околу 45 милиони фунти.

Актуелниот договор на 26-годишниот фудбалер со тимот од Минхен истекува во јуни 2023 година. Гнабри има претходно искуство со настапи во Премиер лигата бидејќи во минатото има играно за екипата на Арсенал.


Тимур Дибиров пред преселба во ППД Загреб

Според многумина најдоброт играч на ракометниот клуб Вардар 1961, Тимур Дибиров е пред заминување од клубот.

Според пишувањата на хрватските медиуми, Русинот се договорил за трансфер во шампионот на Хрватска ППД Загреб.

Ваквиот потег на Дибиров беше за очекување после казната која ја доби Вардар од ЕХФ со која на клубот му се забранува настап во Лигата на шампионите за наредната сезона.

Тимур Дибиров го носеше дресот на Вардар девет години, и со клубот успеа двапати да ја освои Лигата на шампионите


Дани Алвес: Не ми се допадна како си заминав од Барса

Дани Алвес се врати во Барселона за да помогне на тимот и играше за ниска плата, но сепак неговата втора епизода на „Ноу Камп“ траеше само неколку месеци.

Барселона одлучи да не му го продолжи договорот на Бразилецот. Во новата сезона Алвес нема да биде дел од Барселона, а во последното интервју кое го даде за „Гардијан“ Алвес не криеше дека бил разочаран од начинот на кој си замина од Барселона.

„Не си заминав тажен, си заминав среќен затоа што се вратив тука. Пет години сонував да доживеам втора етапа во Барселона. Единственото нешто што не ми се допадна беше начинот на кој си заминав. Од првиот ден кога дојдов порачав дека не сум дете од 20 години и дека сакам работите да се кажуваат в лице, без нешто да се крие.

Овој клуб греши во последните години и не се грижи за луѓето кои пишуваа историја. Ќе беше подобро работите да се заврше а на друг начин. Како и да е вечно ќе биде благодарен на Чави и претседателот што ми дадоа шанса да се вратам“, изјави Бразилецот.


Виеира го доведе Дукуре во Ленс во Кристал Палас

Шејк Дукуре се пресели од француски Ленс во англискиот Кристал Палас, соопшти прес-службата на лондонскиот клуб. Играчот потпиша договор на пет години. Според Трансфермаркт, двете страните се договориле за вредност на зделката од 21,3 милиони евра.

Дукуре минатата сезона одигра 37 натпревари за Ленс, постигнувајќи еден гол и четири асистенции.

Дукуре го доби својот прв повик во репрезентацијата на Мали во ноември 2018 година. До денес, играчот од средниот ред има осум натпревари за националниот тим. Да потсетиме, претходно Кристал Палас во текот на овој преоден рок го ангажираше крилото Малколм Абивеј и голманот Сем Џонстон.


Баерн го сака Кејн, но Тотенхем нема ни да преговара

Хари Кејн најверојатно нема да се пресели во Баерн.

Слична информација се појави изминативе денови поради очекуваното заминување на полскиот голгетер Роберт Левандовски. Сепак, преговорите меѓу Минхен и Тотенхем за 28-годишниот Англичанец се уште не се ни почнати. Договорот на Кејн со Тотенхем истекува во 2024 година и клубот е решен да му понуди продолжување, бидејќи тој е една од главните фигури во составот на „мамузите“.

Пред неколку месеци, поранешниот дефанзивец на Баерн, Џером Боатенг изјави дека Кејн е совршената замена за Левандовски, чиј договор со клубот истекува на 30 јуни 2023 година.

„За мене тој е комплетен напаѓач кој постигнува голови секој ден за Тотенхем – многу добар тим, но не и светска класа. Ако игра за тим како Баерн, мислам дека ќе беше многу добра опција за замена, на многу добра фудбалска возраст. Сè зависи од Баерн“, прокоментира 33-годишниот дефанзивец на Лион во мај.


Столе Димитриевски останува во Рајо Ваљекано

Голманот на македонската фудбалска репрезентација Столе Димитриевски по се изгледа дека ќе остане во својот сегашен клуб Рајо Ваљекано и следната сезона.

Димитриевски се јави на првата прозивка на екипата пред почетокот на подготовките за новата сезона. Тој се очекува и наредната сезона да биде прв голман во тимот. 

Постоеја бројни шпекулации за евентуална промена на средината за нашиот репрезентативец, а најголеми шанси за заминување од Рајо, Димитриевски имаше во зимскиот преоден рок кога дури и беше поврзуван со трансфер во гигантот Барселона.


Спортинг сака да го доведе подзаборавениот Пјаниќ

Барселона не смета на босанскиот играч за врска Миралем Пјаниќ и бара од него малку да се потруди околу заминувањето од клубот. Според информациите, клубот веќе го информирал Пјаниќ и неговиот агент дека тој не е планиран на листата на патници за претсезонска турнеја во САД.

Иднината на Пјаниќ стана уште покомплицирана откако во тимот на Барселона дојде ѕвездата на Милан, Френк Кеси, а Чави и натаму одбива да го врати Пјаниќ во тимот за следната сезона.

Босанецот минатата сезона ја помина на позајмица во екипата на Бешикташ, од каде летово се врати во Шпанија.


Мекинро: Дозволете му на Новак да игра на УС Опен

Со освојувањето на седмиот Вимблдон, а четврти последователен, Новак Ѓоковиќ е во позиција да се бори за својата 22-ва грен слем титула на УС Опен, при што доколку триумфира во Њујорк, би се израмнил со Рафаел Надал на врвот на вечната листа.

За жал, според сегашните правила во Америка, на Ѓоковиќ му е забранет пристапот на турнирите во САД бидејќи не е вакциниран против коронавирусот.

Свесен за можноста Новак да не учествува на уште еден Грен слем сезонава, по непромислениот третман што го доби на Австралија опен, славната тениска легенда Џон Мекинро веднаш по финалето на Вимблдон, кое традиционално го проследи, побара од американските власти да му дозволат на Ѓоковиќ да настапи на УС Опен.

„Политичарите почнаа премногу да се мешаат. Тоа го направија во Австралија. Нека му дозволат на човекот да игра во Америка, мислам, навистина луѓе. Ова е лудост“, изјавил Мекинро.


Леброн и Вестбрук се во лоши односи во Лејкерси

Најдобриот кошаркар на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс е во лоши односи со својот соиграч Расел Вестбрук, пренесуваат американските медиуми.

Челниците на ЛА Лејкерс се нашле во нови проблеми, откако славниот клуб минатата сезона не се пласираше во плеј-офот.

„Џејмс и Вестбрук се скарани, а за време на натпреварите од Летната лига во Лас Вегас се игнорирале. Воопшто не разговараа еден со друг“, тврди американскиот весник.

Леброн Џејмс не сакаше да ја коментира оваа информација.

„Можеби нешто значи, можеби ништо, а можеби значи се“, напиша на социјалните мрежи новинарот на „Атлетик“, Јован Буха.


Нотинген Форест го доведе и шестото засилување ова лето

Фудбалскиот клуб Нотингем Форест соопшти дека нов играч на клубот е репрезентативецот на Велс Неко Вилијамс.

21-годишниот Вилијамс, вториот дел од минатата сезона го помина играјќи во Фулам како позајмен играч на Ливерпул. Неговиот трансфер во новиот член на Премиер лигата Нотингем Форест изнесува 17 милиони фунти, а потпиша договор на четири години.

Вилијамс кој игра на позицијата десен бек е шестиот нов играч кој пристигна во клубот ова лето.