feature

Мартинез: До крајот на неделата ќе знаеме дали Лукаку ќе оди во Катар

Селекторот на фудбалската репрезентација на Белгија, Роберто Мартинез, потврди дека до крајот на неделата ќе донесе одлука дали напаѓачот Ромелу Лукаку ќе биде дел од тимот за Мундијалот во Катар.

Мартинез истакнува дека доколку Лукаку се врати во добра физичка подготовка до 1.декември тогаш тој ќе биде дел од репрезентацијата за СП. Лукаку кој настапува за Интер како позајмен играч на Челзи, поради повреда подолг период е надвор од фудбалските терени. Тој неодамна повторно заигра фудбал за Интер но ја обнови старата повреда на бутниот мускул. Конечната одлука ќе биде донесена во консултација со лекарскиот тим на репрезентацијата на Белгија.


Добри вести за Јужна Кореја – Сон е подготвен за Катар

Фудбалерот на Тотенхем и репрезентативец на Јужна Кореја, Хеунг Мин Сон, преку Инстаграм пост потврди дека е подготвен за настап на претстојното Светско првенство во Катар.

„Играњето за својата земја на Светско првенство е сон на секое дете, како што е и мој сон. Ова не би го пропуштил за ништо друго на светот. Едвај чекам да заиграм за нашата прекрасна земја, се гледаме наскоро“, објави Сон на Инстаграм.

Сон на крајот од минатата недела беше опериран поради фрактурата околу левото око која ја доби на натпреварот од ЛШ против Олимпик Марсеј. Тој им се заблагодари на сите навивачи за пораките на поддршка кои беа упатени кон него. 

Селекцијата на Јужна Кореја на СП во Катар е во група со Уругвај, Португалија и Гана.


ФИС го измени календарот за Светскиот Куп во крос-кантри

Високите трошоци за енергија ги натераа италијанските организатори да ги преместат трките од Светскиот куп во крос-кантри скијање од центарот на Милано во планинското одморалиште Ливињо, соопшти ФИС.

Италијанската федерација за крос-кантри скијање соопшти дека организирањето на спринтерските трки на 21 и 22 јануари ќе бара премногу енергија за производство и складирање на вештачки снег со оглед на очекуваните високи температури.

ФИС изврши увид на патеката во Ливињо и ја одобри програмата која ќе се одржи на 21 јануари.


Анчелоти: Уморни сме, но задоволен сум од првиот дел од сезоната

Шпанските медиуми пренесуваат дека тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, изјави оти неговата екипа не е потресена после поразот од Рајо Ваљекано со 3:2 во 13.коло од Ла Лига. Овај пораз е прв за мадридскиот клуб од почетокот на сезоната во Примера.

Тренерот Анчелоти признава дека неговите играчи се уморни поради големиот број на одиграни натпревари оваа сезона.

„Не сме свежи, бидејќи одигравме многу натпревари. Не сме добри како порано но тоа е нормално. Лигата е доста долга. Разочарани сме што го загубивме првото место на табелата, но овај прв дел од сезоната и понатаму е доста добар“, истакна Анчелоти.

Реал Мадрид се наоѓа на второто место на табелата во Ла Лига, и заостанува 5 бода зад Барселона, со еден одигран натпревар помалку.


Спалети: Рано е да се зборува за титула

Екипата на Наполи продолжува со одличните игри во новата сезона на Серија А и стигна до својата 12.победа. Наполи убедливо го држи првото место од табелата со осум бода предност пред Милан.

Сепак првиот тренер на екипата Лучијано Спалети потенцира дека е многу рано да се зборува за евентуално освојување на шампионската титула.

„Мислам дека постојат повеќе од седум кандидати за освојување на Скудетото. Тимот го очекува долг пат кој крие многу опасности. Треба да останеме фокусирани на сите натпревари кои ни претстојат. Многу важна работа до крајот останува ротацијата на играчи во тимот бидејќи ако немате доволно измени тешко е да се издржат сите 90 минути,“ истакнува Спалети.


Мане се повреди и неговиот настап во Катар е неизвесен

Најдобриот играч на репрезентацијата на Сенегал, Садио Мане, се повреди на натпреварот помеѓу Баерн Минхен со Вердер, и неизвесен е неговиот настап на Мундијалот во Катар.

Мане заработи удар во коленото поради што мораше да го напушти теренот во 20.минута од натпреварот.

Тренерот на Баерн Нагелсман во изјава за клупскиот сајт изјави дека ударот што го добил Мане бил доста силен и ќе мора да се почекаат дополнителните лекарски снимки за да се дознае сериозноста на повредата.

Мане е најдобар стрелец во историјата на Сенегал, со постигнати 34 гола на 93 натпревари.  Сенегал на СП е во група со домаќинот Катар, Еквадор и Холандија.


Реал ќе го менува Чус Матео, Ѓорѓевиќ еден од кандидатите

Кошаркарскиот клуб Реал Мадрид реши да продолжи со помошник Хесус Чус Матео откако се раздели со Пабло Ласо, но тоа не ги даде очекуваните резултати во досегашниот дел од сезоната. Посебно болен за „кралевите“ беше последниот пораз од тимот на Сарагоса, со кој ривалот ја прекина серијата од шест порази.

Раководството на Реал Мадрид размислува за нов тренер, а двајцата кандидати во моментов се Андреа Тринкиери и Александар Ѓорѓевиќ.

Тринкиери го предводи Баерн Минхен и наводно со него веќе се воспоставени контакти, но исто така во опција е и поранешниот селектор на Србија кој до неодамна го водеше Фенербахче.

Во текот на својата играчка кариера, Ѓорѓевиќ го носеше дресот на Реал од 1999 до 2022 година, па познавањето на околината дефинитивно ќе биде негова предност пред Тринкиери.


Барселона го бара Заха од Кристал Палас

Шпанските медиуми јавуваат дека челниците на Барселона планираат на крајот од сезоната да го ангажираат Вилфрид Заха од Кристал Палас.

Иако во Барселона изминатото лето пристигнаа голем број на играчи кои настапуваат во нападот, сепак Заха би стигнал како замена за евентуалното заминување на Депај, кој најверојатно ќе го напушти клубот по завршетокот на сезоната. 

29-годишниот Заха би пристигнал на Камп Ноу како слободен играч без обештетување, бидејќи репрезентативецот на Брегот на Слоновата коска има договор со Христал Палас до јуни следната година.


Хамилтон стана почесен граѓанин на Бразил

Повеќекратниот Формула 1 шампион, Британецот Луис Хамилтон ја доби титулата почесен граѓанин на Бразил.

Церемонијата за доделување на признанието се случи во бразилскиот парламент, а во пресрет на одржувањето на Ф1 трката за Големата награда на Бразил.

Хамилтон изрази голема благодарност до бразилскиот народ за добиената чест што ќе биде државјанин на земјата од каде потекнува неговиот идол Аиртон Сена.


Илчо Ѓорѓиоски не е повеќе тренер на Брегалница

Од македонскиот фудбалски прволигаш Брегалница соопштуваат дека ја прекинаа соработката со тренерот Илчо Ѓорѓиоски и спортскиот директор Никола Тонев. 

Во соопштението на клубот се наведува дека Ѓорѓиоски и Тонев си поднеле неотповикливи оставки од своите функции кои раководството одлучи да ги прифати.

Штипска Брегалница во моментов го зазема шестото место од табелата во Првата македонска фудбалска лига.