feature

Данецот Руне подобар од Ѓоковиќ за трофеј во Париз

Данскиот тенисер Холгер Руне е победник на Мастерс 1000 турнирот во Париз, совладувајќи го во финалето Новак Ѓоковиќ со 2:1 во сетови.

19-годишниот Руне стана професионален тенисер во 2020 година и со оваа победа докажува дека е еден од најперспективните млади играчи во Светот. Ова за него беше трето финале по ред, после неговиот триумф во Стокхолм, и поразот во Базел.

Руне со оваа победа се најде на 10.место од АТП листата, додека Ѓоковиќ падна на осмата позиција.


Алкараз поради повреда нема да игра на завршниот турнир во Торино

Актуелниот прв тенисер на Светот, Шпанецот Карлос Алкараз, поради повреда на стомачниот мускул се повлече од учеството на претстојниот завршен мастерс турнир во Торино.

Алкараз поради повредата го предаде четвртфиналниот дуел од мастерсот во Париз против Данецот Руне, а подоцна беше соопштено дека го чека опоравување од шест недели.

Алкараз сезоната ја завршува со 57 победи и 13 порази. Тој на 12.септември стана најмладиот играч на првото место од АТП листата.


Чилвел повреден, нема да игра на Мундијалот во Катар

Бен Чилвел поради повреда на бутниот мускул на левата нога ќе мора да паузира дури три месеци и нема да биде во составот на Англија за Светското фудбалско првенство кое од 20 ноември до 18 декември ќе се одржи во Катар.     

Чилвел се повреди во судиското продолжение на дуелот против Динамо Загреб одигран претходно оваа недела во рамки на завршното коло од групната фаза во Лигата на шампиони. Досега Чилвел има 17 настапи за Англија, а лани беше во составот на Гордиот Албион кој дојде до финалето на ЕУРО2020, но не влезе во игра. Англија на претстојниот Мундијал е во групата Б заедно со Иран, САД и Велс.


Ливерпул фаворит за потписот на Белингем

Ливерпул е фаворит за играчот од средниот ред на Борусија Дортмунд, Џуд Белингем, објави „ЕСПН“.

Неколку извори одеднаш тврдат дека „црвените“ водат во трката, пред Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Челзи и Реал Мадрид. Забележано е дека Ливерпул успеа да воспостави добри односи со преставниците и блиските на играчот, а тоа може да биде сериозен фактор.

Претходно беше објавено дека тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, се договорил со управата следното лето да тргне во трка за да го добие 19-годишен фудбалер. Борусија Дортмунд сака најмалку 150 милиони евра за играчот.Белингем оваа сезона одигра 19 натпревари во сите натпреварувања, постигна девет гола и имаше две асистенции.


Харден го чека едномесечна пауза

Кошаркарот на НБА тимот Филаделфија, Џејмс Харден, ќе биде надвор од терените околу еден месец поради повреда на тетивата на десното стапало, објавија денеска американските медиуми. Харден се повреди во средата во поразот од Вашингтон со 111-121, кога го исчаши десното стапало.

По лекарските прегледи, утврдено е дека тој ќе отсуствува еден месец.

Во првите девет натпревари од сезоната, Харден имаше просек од 22 поени и имаше 10 асистенции. Филаделфија победи на четири натпревари и претрпе пет порази досега оваа сезона.


Србинот Малешевиќ потпиша за Работнички

Во KK Работнички минатата седмица беа комплетирани трансферите на Американците Камерон Форте и Пол Џексон, а во следните денови се очекува да биде ангажирано уште едно големо засилување – српскиот интернационалец Никола Малешевиќ.

Станува збор за играч кој е добро познат во нашата јавност бидејќи во претходните две сезони важеше за еден од лидерите на тимот на Пелистер. Тој минатото лето ги напушти битолчани и се пресели во Цибона, но не се снајде најдобро во таборот на хрватскиот клуб и неодамна си замина од Загреб.

Разговорите меѓу Малешевиќ и управата на „центарци“ се во завршна фаза и се очекува наскоро да биде официјално потпишан договорот, по што Србинот ќе му се стави на располагање на тренерот Димитар Мираковски.


Жил Симон ја заврши професионалната кариера

Францускиот тенисер Жил Симон на Мастерсот во Париз го одигра својот последен официјален натпревар во кариерата.

Симон, кој следниот месец ќе наполни 38 години, се прости од тенисот со пораз од Феликс Оже Алијасим. Канаѓанецот беше убедлив со 6-1, 6-3.

За Симон ова беше 898-ми меч во кариерата. Освои 14 турнири, најдобар пласман на АТП-листата му беше шестото место. Тој беше еден од четворицата француски тениски мускетари од кои се повлекоа тој и Цонга, а активни се уште Гаске и Монфис.


Елмас: Среќен сум за голот, минав низ тежок период

Наполи беше подобар од Аталанта во вечерашното дерби во Серија А, победа во која важна улога одигра нашиот ас Елиф Елмас.

Елмас беше стартер и за довербата на тренерот Лучијано Спалети возврати со погодок во првото полувреме, погодок со кој неговата екипа комплетно го смени резултатот (2-1) што на крајот се покажа како пресудно за освојување на трите бода.

„По тежок период среќен сум што имав самодоверба и што ги освоивме трите бода. Се надевам ќе продолжиме вака до крајот. Тренерот ни го кажа составот два часа пред натпреварот. Бев малку под стрес бидејќи немав играно долго време, но секогаш сум спремен. Овие три бода се важни. Патот е правилен, но има уште долг пат и мора вака да продолжиме“, порача Елмас.

Ова за Елиф беше втор сезонски гол во Серија А.


Сон е успешно опериран, но рано е за одлука дали ќе патува во Катар

Фудбалерот на Тотенхем, Хеунг Мин Сон, е успешно опериран поради добиената скршеница во пределот на окото, но уште е рано да се донесе конечна одлука дали тој ќе може да настапи за репрезентацијата на Јужна Кореја на СП во Катар. Напаѓачот на англискиот премиерлигаш, со повреда се здоби на дуелот од ЛШ со Марсеј.

Во извештаите кои ги пренесуваат медиумите стои дека лекарскиот тим на Сон смета дека процедурата помина добро и дека шансите за настап се позитивни.

Сон во дресот на Јужна Кореја има 104 настапи и постигнати 35 гола.


Мбапе на чекор до рекордот на Пеле

Репрезентативецот на Франција, Килијан Мбапе, постигна два гола за победа над Данска со 2:1, и му донесе на својата селекција пласман во следната фаза од Мундијалот.

Мбапе со овие голови се доближи до рекордот на легендарниот Пеле, кој е единствениот играч кој постигнал седум гола на Светските првенства пред да наполни 24 години.

Мбапе во моментот стигна до бројката на шест постигнати погодоци на СП, а со оглед на тоа што Французинот во декември ќе наполни 24.години, тогаш е многу веројатно дека ќе го достигне резултатот на славниот Пеле.