feature

Чилвел поради повреда го пропушта СП во Катар?

Победата на Челзи против Динамо Загреб со 2:1 во Лигата на шампионите и обезбедувањето на првото место во групата пред настапот во осминафиналето, ќе остане во сенка на повредата на Бен Чилвел.

Репрезентативецот на Англија се повреди во последните моменти од средбата на Стенфорд Бриџ, и според информациите се работи за оштетување на мускулот од ногата. Во изјава после натпреварот, тренерот на Челзи Грем Потер изјави дека во моментот многу се мали шансите Чилвел да заигра за Англија на Мундијалот во Катар.


Лопетеги пред промоција во Вулверхемптон

Англискиот фудбалски прволигаш Вулверхемптон е во поодмината фаза на преговори со Јулен Лопетеги за да седне на тренерското столче, јавија британските медиуми.     

Според истите извори, двете страни неделава ги обновиле преговорите, откако шпанскиот стратег минатиот месец ја одби понудата на Вулверхемптон да го ангажира Лопетеги на местото на Бруно Лаж.

Клубот и самиот тренер се надеваат дека наскоро ќе биде постигнат договор, особено поради тоа што Лопетеги е без ангажман по отказот во Севиља, објави телевизијата Скај. Лопетеги во преговорите го застапува познатиот менаџер Жорж Мендеш, кој е близок соработник на раководството на Вулверхемптон.


Лука Дончиќ испишува НБА рекорди

Кошаркарот на Далас Маверикс и репрезентативец на Словенија, Лука Дончиќ, ја продолжува серијата на постигнување 30 или повеќе поени по натпревар на стартот од новата сезона во НБА.

Дончиќ стана прв играч после сезоната 1962/63 кој постигнал 30 или повеќе поени во првите седум натпревари во НБА лигата. Рекордот по оваа статистика го држи Вилт Чемберлејн кој во сезоната 1962/63 успеал да постигне 30 или повеќе кошеви во првите 23 натпревари од лигата.


Сон го пропушта дуелот против Ливерпул

Фудбалерот на Тотенхем и репрезентативец на Јужна Кореја, Хонг Мин Сон, заработи повреда на натпреварот од Лигата на шампионите против Олимпик Марсеј, и мораше да биде принудно заменет од игра. Сон во еден дуел со противнички играч доби удар во окото по што се јави голем оток па беше одлучено дека тој не може да го продолжи натпреварот.

Од Тотенхем информираат дека следуваат подетални лекарски прегледи и најверојатно тој ќе го пропушти неделниот дерби натпревар во Премиер лигата со Ливерпул.


Кеси се повреди во Чешка, се враќа во 2023 година

Продолжуваат проблемите на Барселона со повредени фудбалери, а последен на оваа листа е Френк Кеси.

Вчера на натпреварот од Лигата на шампионите против Викторија Плзен Кеси се здоби со повреда на задната ложа. Повредата ја потврди и тренерот Чави по средбата.

„Не е добро, изгледа дека задната ложа е во прашање“, изјави Чави.

Според првите прогнози, Кеси ќе отсуствува околу шест недели, што значи дека ќе ги пропушти Алмерија и Осасуна и ќе биде подготвен кога ќе продолжи првенството на крајот на декември.

Она што треба многу повеќе да го загрижува Чави се честите повреди на неговите играчи. Кеси од почетокот на сезоната е дури деветти играч кој треба да направи одредена пауза, која нема да биде кратка.


Борко Ристовски ќе брани за Лемго

Голманот на ракометниот клуб Вардар 1961, Борко Ристовски, е пред неочекуван трансфер во бундеслигашот Лемго.

Според информациите, поранешниот македонски репрезентативец ќе потпише краткорочен договор со Лемго во траење од два месеци.

Германскиот клуб има проблем со голманите во екипата, откако првиот голман Кастелиц заработи повреда поради која ќе мора да паузира осум недели. Останатите тројца голмани се неискусни за важните натпревари кои го очекуваат тимот, па така како реална опција се појави ветеранот Борко Ристовски, кој ќе остане во Лемго до декември и потоа повторно се враќа во Скопје.


Украина го побара местото на Иран на Мундијалот

Веќе со недели учеството на фудбалската репрезентација на Иран на Светското првенство е доведено во прашање поради наводната помош на земјата за Русија во тековната војна.

Најгласен во лобирањето за протерување на Иран е фудбалскиот сојуз на Украина, кој сега и официјално побара исфрлање на оваа азиска земја од Светското првенство во Катар.

И покрај притисокот од Украина, ФИФА остана на својата првична одлука да го задржи Иран во натпреварувањето

Една од причините за овој потег е желбата на Украинците наместо Иран да бидат тие кои ќе влезат на Мундијалот. Но, правилата налагаат во случај на исклучување таа селекција да ја замени само некој од истата федерација. Според информациите тоа најверојатно ќе биде репрезентацијата на Обединетите Арапски Емирати.


Тен Хаг: Неслучајно Касемиро освоил пет трофеи од Лигата на шампионите

Тренерот на фудбалерите на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, јавно го пофали Касемиро кој во текот на летото го напушти Реал Мадрид и се пресели во Премиер-лигата.

„Јас за него велам дека е бетон во нашиот среден ред. Каземиро навистина има одлична соработка со сите на теренот. Секогаш може да види што се случува“, вели Холанѓанецот.

Ќе потсетиме дека  бразилскиот интернационалец  со „краелвите“ успеа да освои дури пет пехари во Лигата на шампионите.


Поразителни бројки за европската сезона на Глазгов Ренџерс

Глазгов Ренџерс и официјално е најлошиот тим кој учествувал во групната фаза од Лигата на шампионите. по синоќешниот пораз од Ајакс во последното коло од натпреварите по групи, шкотскиот клуб групата ја заврши без да освои ниту еден бод во шесте одиграни натпревари.

Ренџерси претрпеа два порази со резултат 3-0 од Наполи, 2-0 и 7-1 од Ливерпул, како и два порази од Ајакс со 4-0 и 3-1.

Тоа значи дека избраниците на Џовани ван Бронкхорст во шест меча примија вкупно 22 гола, а постигнаа само два со негативна гол разлика од -20. Со овој антирекорд, Ренџерс го минаа хрватски Динамо Загреб, кој групната фаза од Лигата на шампионите во сезоната 2012/13 ја заврши без бодови и негатива од -19 голови.


Чави: Ќе играме максимално за да ја освоиме Лига Европа

Чави Хернандез на прес-конференцијата по синоќешната победа во Чешка над Викторија Плзен, истакна дека неговиот тим со истиот елан ќе продолжи и во Лигата на Европа.

„Оценка на нашиот настап во групната фаза од Лигата на шампионите е секако неативна. Имавме шанси да влеземе во плеј-офот, се зависеше од нас, но не успеавме, не ги искористивме сопствените можности. Сега сме фаворити во Лигата на Европа. Тоа е големо натпреварување, и во него ќе се бориме за освојување на трофејот“, вели Чави.

Барселона освои седум бода на шест натпревари и го зазеде само третото место во групата Ц, што беше доволно само за пласман во Лигата на Европа следната пролет.