feature

Крај на сезоната за Нејмар

Шампионот на Франција, Париз Сен Жермен објави дека поради повреда, Бразилецот Нејмар ќе биде надвор од терените од три до четири месеци, и дека ќе мора на операција на скочниот зглоб.

Нејмар повредата ја доби на 19.февруари во првенствениот дуел против Лил. Тој во последните неколку години имаше проблеми со скочниот зглоб, па поради тоа медицинскиот тим нс ПСЖ препорачал операција на лигаментите за да се спречи идна посериозна повреда.

 Бразилскиот напаѓач би требало да биде целосно подготвен за настап од наредната натпреварувачка сезона.


Вест Хем подготвува понуда за триото од Манчестер Јунајтед, Мегваер, Мектоминај и Марсијал

Според најавите од островските медиуми, премиерлигашот Вест Хем размислува за ангажман на тројца фудбалери на Манчестер Јунајтед, Хари Мегваер, Скот Мектоминај и Ентони Марсијал.

Сите тројца паднаа во втор план кај тренерот Ерик тен Хаг оваа сезона и се чини дека најверојатно на крајот од сезоната ќе го напуштат Олд Трафорд.

Тренерот на „чеканите“, Дејвид Мојс е голем фан на сите тројца играчи и размислува дали да му пријде со понуда на својот поранешен клуб на крајот од сезоната.

Единствена пречка за Вест Хем, посебно околу ангажман на Мегваер би била висината на неговата плата која во моментот ја добива во Манчестер.


МЛС лигата сонува ангажман на Лионел Меси

Лионел Меси подолг период се поврзува со трансфер во МЛС, каде веројатно би ја завршил својата успешна фубалска кариера.

Во прв план е Интер Мајами и косопственикот Дејвид Бекам, кој наводно подолг период го убедува Аргентинецот да се пресели во САД.

Ова лето е идеален тајминг за такво нешто бидејќи истекува договорот на Меси со ПСЖ, а Бекам го ветува и неговиот поранешен соиграч Серхио Бускетс во пакет.

Комесарот на лигата, Дон Гарбер, вообичаено негодува за ангажирање на фудбалери во залезот на кариерата, но тоа не важи и за Меси.

„Зборуваме за можеби најважниот фудбалер во историјата на фудбалот. Затоа и шпекулациите кои го поврзуваат со Интер Мајами ми се допаѓаат, мислам дека ако се случи такво нешто, тоа ќе биде добро и за клубот и за лигата, но и за Меси и неговата фамилија“, изјавил Гарбер.


Скамака се враќа во Серија А, Милан го сака асот на Вест Хем

Џанлука Скамака минатото лето се пресели во Вест Хем, но може експресно да се врати во Серија А.

Скамака со настапите во Сасуоло се етаблираше во еден од најголемите таленти на Апенините, но во Премиер лигата се уште не може да се адаптира. Скамака едноставно се вклопи во сивилото на Вест Хем, кој игра слаба сезона и се бори за опстанок.

Скамака до сега постигна 7 гола во сите натпреварувања, но главно е на клупата за резерви и сака да ја промени средината.

Ситуацијата будно ја следи Милан, кој покажува сериозен интерес и сака на лето да го донесе на „Сан Сиро“.


Квинси Промес ризикува двегодишна затворска казна

Во последно време се почесто познати фудбалски имиња се дел од истраги на обвинителствата, а последен на списокот кој ќе треба да одговара за своја постапка е Квинси Промес.

Повремениот холандски репрезентативец е обвинет за напад со нож на роднина за време на семејна прослава во 2020 година.

Промес се обидел да прободе со нож свој братучед, а обвинителството официјално бара двегодишна затворска казна.

Обвинението е градено не само на изјавите на сведоците, туку и на преслушување разговори во кои самиот фудбалер раскажувал дека свесно го извршил нападот. За да биде поинтересно, неговите разговори биле прислушувани поради вмешаност во друга истрага за продажба на наркотици.

Промес во моментов е член на Спартак Москва.


Јовиќ: Можеби прерано потпишав за Реал

Лука Јовиќ вчера постигна важен гол за победа на Фиорентина над Милан, а зборувал и пред медиумите за својата кариера и неуспешниот престој во Реал Мадрид.

Српскиот напаѓач не успеа да се наметне во „кралскиот клуб“, беше вратен во претходниот клуб Ајнтрахт, а потоа пристигна во Фиренца, каде ќе се обиде да потсети на најдобрите денови од својата кариера.

„Очигледно прерано го напуштив Ајнтрахт. Се тргна наопаку уште од почетокот на мојот престој во Реал, сите погледи беа вперени во мене. Беше тешко да се адаптирам во најголемиот светски клуб, тука беше повредата, ситуацијата со ковид, како и неправедниот притисок кој ми беше наметнат. Сега очекувам да напредувам и да и помогнам на Фиорентина“, изјавил Јовиќ.


Тен Хаг објасни зошто го избрка Роналдо

Ерик Тен Хаг пред натпреварот со Ливерпул зборуваше за различни теми, меѓу кои и Кристијано Роналдо.

Новинарите ги интересираше зошто Тен Хаг се откажал од Роналдо, кој остана без договор пред крајот на 2022 година и се пресели во Ал Наср од Саудиска Арабија.

„Имав свои причини поради кои се откажав од Роналдо. Тие беа премногу очигледни, а свесен бев дека ќе има негативни последици за мене.

Сепак, не се грижев и спиев мирно. Јас треба да носам одлуки во интерес на клубот. Размислувавме на долг план и имавме доволно време за да донесеме конечна одлука“, кажа Тен Хаг.


Леклер: Болидот на Ред Бул сезонава е од друга планета

Пилотот на Ферари, Шарл Леклер, ги сумираше впечатоците од Големата награда на Бахреин, препознавајќи значително заостанување во брзината во однос на Ред Бул. Леклер не успеа да стигне до целта на трката поради дефект на моторот.

„Очекувавме да заостанеме овој викенд, особено во однос на Ред Бул. Овој тим во моментов е како од друга планета. Но, затоа треба да се обидеме да заработите што повеќе поени на секое Гран При. Не можевме да го направиме тоа денес. Понекогаш бевме една секунда побавни од Ред Бул во круг. Сега тие се во друга категорија, затоа треба да работиме напорно и да најдеме решение, бидејќи ако продолжи вака, ќе имаме тешкотии да им бидеме конкуренција“, изјави Леклер.


Јуриќ пред смена, Дионизи фаворит за тренерското место во Торино

Резултатите на Торино одат во позитивна насока откако на клупата седна Иван Јуриќ, но тој има одредени несогласувања со раководството на клубот.

Преговорите за продолжување на договорот до 2026 година запнале поради одредени услови, па Јуриќ добил ултиматум за во одреден период да се изјасни дали ќе ја прифати понудата.

Главните недоразбирања се поврзани и со проектот на клубот, односно желбата на Јуриќ да се зголемат амбициите и да бидат доведени нови квалитетни засилувања.

Доколку исходот на преговорите е негативен, хрватскиот стручњак ќе го напушти Торино по крајот на сезоната, а раководството на „биковите“ веќе има фаворит за негов наследник.

Се работи за Алесио Дионизи кој во моментов е тренер на Сасуоло и чиј стил на работа очигледно оди во прилог на приоритетите на Торино.


Турски Трабзонспор застана во редот за Бојан Миовски

Бојан Миовски игра одлично за Абердин, па поради тоа се повеќе клубови покажуваат интерес за неговите услуги.

Од турските медиуми се појави информација дека од Трабзонспор каде што во овој момент е Енис Барди стапиле во контакт со шкотскиот клуб. Во само неколку дена ова е трет клуб кој се поврзува со македонскиот напаѓач. Шкотските медиуми објавија дека Саутемптон од Премиер лигата го гледа Миовски како идеално засилување, а пред два дена се пишуваше и за интерес на ривалот на Трабзонспор, Бешикташ.

Миовски игра одлична сеозна во Шкотска каде што е трет стрелец во првенството со 18 постигнати голови.

Во досегашната кариера македонскиот голгетер настапуваше за Брегалница, Работнички, Ренова и МТК од каде што за 600.000 евра дојде во Абердин минатото лето.