feature

Германецот Госенс зимава заминува од Интер

Интер во зимскиот преоден рок најверојатно ќе го продаде Робин Госенс, кој не се вклопува во стилот на Инзаги.

Кога во јануари пристигна во Интер Робин Госенс требаше да биде засилување за подолги стази. Поранешниот играч на Аталанта прво играше позајмен, а потоа „нероаѕурите“ го откупија неговиот договор за 25 милиони евра.

Меѓутоа, првите шест месеци Госенс падна во сенка на Перишиќ, а оваа сезона игра под сите очекувања и главно е на клупата за резерви.


Баерн Минхен сака да го доведе Илкај Гундоган

Фудбалерот на Манчестер Сити Илкај Гундоган, ја игра последната година од неговиот договор со англискиот шампион, и најверојатно на крајот од сезоната ќе го напушти клубот како слободен играч.

Ваквата ситуација внимателно ја следат челниците на Баерн Минхен и тренерот Јулијан Нагелсман кои размислуваат да го ангажираат Гундоган, кој би бил големо засилување за средниот ред од екипата.

Илкај Гундоган претходно изјави дека својата одлука околу продолжувањето на кариерата ќе ја донесе после завршувањето на СП во Катар, а фудбалерот претходно се поврзуваше и со трансфер во Барселона.


Дубаи ја добива организацијата на завршниот турнир од Евролигата?

Според пишувањата во одредени кошаркарски портали, завршниот турнир во Евролигата за 2023.година би можел да биде организиран во Дубаи.

До неодамна како главен фаворит за организација на фајнал форот се споменуваше литванскиот Каунас, меѓутоа поради проблеми од финансиска природа, по се изгледа дека овај град ќе испадне од конкуренцијата за организација.

Инвеститори од Дубаи веќе изразија желба да инвестираат свои средства во Евролигата, како и да има кошаркарски тим од овој град кој во иднина ќе се натпреварува во Евролигата. Според предлогот на инвеститорот, Дубаи посакува да биде организатор на завршниот турнир во наредните три сезони.


Интер го враќа Кеси во Серија А?

Франк Кеси може експресно да се врати во Серија А и тоа во големиот ривал на Милан.

Кеси ова лето го напушти Милан и како слободен агент, но не е задоволен од третманот што го има во Барселона каде добива мала минутажа и главно е на клупата за резерви.

Поради тоа репрезентативецот на Брегот на слоновата коста сака уште во јануари да ја промени средината, а интерес за него покажува Интер.

„Нероаѕурите“ се спремни да го донесат на позајмица со право на откуп на крајот на сезоната за 20 милиони евра.


Томас Рајс е нов тренер на Шалке 04

Германскиот фудбалски клуб Шалке 04 го назначи Томас Рајс за нов тренер на екипата. Главна цел на новиот тренер ќе биде обезбедување опстанок на клубот во Бундеслигата.

Рајс го презема Шалке после отказот кој го заработи во Бохум, тим кој е локален ривал и главен конкурент во битката за опстанок.

Шалке во моментот е последен на табелата, со шест бода од 11 натпревари, а Бохум е претпоследен со еден бод повеќе.

Рајс на клупата на Шалке ќе го замени Франк Крамер кој беше отпуштен од клубот после низата од пет порази.


Манчестер Јунајтед се распрашува за Александар Митровиќ

Приоритет на Манчестер Јунајтед во зимскиот преоден рок ќе биде доведување на централен напаѓач.

Тен Хаг сака да се ослободи од Роналдо и да донесе робусен напаѓач, а прва мета е напаѓачот на Фулам, Александар Митровиќ.

Митровиќ е трет стрелец во англиската лига, па „ѓаволите“ би можеле наскоро да испратат понуда.

Србинот треба да биде замена за Роналдо во нападот, зашто Португалецот е на излезна врата од „Олд Трафорд“.


Мекени на пат кај Конте во Тотенхем

Тотенхем е заинтересиран за играчот за врска на Јувентус, Винстон Мекени, пренесуваат италијанските медиуми.

Со враќањето на Погба на терените, Мекени ќе добива уште помала минутажа, па Алегри дал зелено светло за негова продажба.

Американецот исто така е спремен да ја промени средината, а Конте верува дека идеално ќе се вклопи во неговата формација.

Јувентус за неговата слобода бара 20 милиони евра, а Тотенхем е спремен да ја плати таа сума уште во јануари.


Џеко: Не знам дали ќе останам во Интер

Напаѓачот на Интер, Един Џеко, изјави дека не знае дали и во наредната сезона ќе го носи дресот на тој клуб.

Џеко одигра одлична партија во победата над Плзен во Лигата на шампионите, постигнувајќи два гола за Интер во натпреварот кој заврши со резултат 4:0. Со оваа победа италијанскиот тим обезбеди учество во осмина финалето на ЛШ.

„Не верувам дека ќе започнам преговори со клубот бидејќи уште е рана фаза на сезоната. Се чувствувам одлично и знам дека уште можам да играм на високо ниво, но ќе видиме дали ќе ја продолжам кариерата во дресот на Интер или во некој друг клуб“, изјавува Џеко.

36-годишниот фудбалер од Босна и Херцеговина во Интер пристигна од Рома во 2021.година.


Тен Хаг има две идеи за наследник на Роналдо

Тренерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг , се одлучи за потенцијална замена за напаѓачот Кристијано Роналдо, објави „Мирор“.

Според изворот, во потесниот круг на холандскиот тренер има тројца напаѓачи: Џонатан Давид од Лил, Патрик Шик од Баер Леверкузен и Муса Дембеле од Олимпик Лион.

Клубот ќе ја разгледа можноста за стекнување на еден од напаѓачите во случај на разделба со Кристијано Роналдо во зимскиот преоден рок. Претходно беше објавено дека Манчестер Јунајтед е подготвен да го ослободи Португалецот бесплатно во јануари поради скандалот со него.

22-годишниот Давид настапи на 12 натпревари во француската Лига 1, постигнувајќи девет гола и три асистенции. Канаѓанецот е втор стрелец во францускиот шампионат.

26-годишниот Шик има 15 настапи во сите натпреварувања за Баер Леверкузен и постигна три гола, додека Муса Дембеле има девет настапи за Олимпик Лион во Лига 1 и постигна два гола.


Варан нема да настапува за Манчестер Јунајтед до паузата за Мундијалот во Катар

Тренерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, потврди дека дефанзивецот во екипата, Рафаел Варан, поради повреда на тетивата нема да игра за клубот до паузата за Светското првенство во Катар.

Францускиот репрезентативец се повреди на натпреварот од Премиер лигата против Челзи, поради што беше приморан да го напушти теренот во 60.минута.

Тен Хаг мисли дека 29-годишниот фудбалер сепак ќе може да игра за репрезентацијата на Франција на Мундијалот во Катар, кој ќе се одржува од 20.ноември до 18.декември.