feature

Начо ќе добие нов договор во Реал Мадрид

Реал Мадрид ќе му понуди нов договор на дефанзивецот Начо Фернандез.

Актуелниот договор на 33-годишниот Шпанец со „Кралевите“ е со важност до крајот на тековната сезона. Новиот договор ќе биде на една година.

Забележано е дека од јануари тој ќе може да преговара со други клубови за летен трансфер како слободен играч.

Во тековната сезона во Ла Лига, Начо одигра седум натпревари за Реал Мадрид без постигнат гол.


Луис Енрике ја презема бразилската репрезентација?

Голем број медиуми пренесуваат дека поранешниот селектор на Шпанија Луис Енрике наскоро треба да ја преземе репрезентацијата на Бразил. Фудбалската федерација на Бразил се договорила со Луис Енрике за договор до 2026 година.

Поранешниот тренер на Барселона и селектор на Шпанија според информациите изразил желба да соработува со едни од најдобрите фудбалери во светот.

Репрезентацијата на Бразил во овој момент е на првото место на ранг-листата на ФИФА.

Претходно беше објавено дека на листата на кандидати за оваа позиција се Жозе Мурињо (Рома), Карло Анчелоти (Реал Мадрид) и Фернандо Диниз (Флуминензе). Последен селекторски ангажман на Енрике беше шпанската репрезентација која ја напушти по неочекуваната елиминација од Мароко во осминафиналето на Светското првенство во Катар.


Смолинг има понуди од сите страни на „чизмата“

Крис Смолинг како да доживува втора младост во Италија. Искусниот англиски дефанзивец во ноември го прослави својот 33 роденден, но годините не го спречуваат да го игра можеби најдобриот фудбал во кариерата. И тоа под водство на Жозе Мурињо.

Оваа сезона во дресот на Рома одигра 18 натпревари во Серија А и дури успеа да постигне три гола. Неговите настапи не останаа незабележани, па италијанските медиуми пренесуваат дека Интер му понудил двегодишен договор до летото 2025 година со плата од 3,5 милиони евра годишно.


Аргентинецот Виго од Ривер се сели во Црвена Звезда

Црвена Звезда доведе засилување од аргентиснкиот Ривер Плејт, нов фудбалер на „црвено белите“ е Алекс Виго. Клубот од „Маракана“ денес прво го најави трансферот со објава на аргентински куфер пред стадионот „Рајко Митиќ“ и тука веќе беше јасно за што станува збор. Подоцна стигна и официјалната потврда.

Станува збор за 23-годишен фудбалер кој пред Ривер го носеше дресот на Колон и Индепендиете. Српските медиуми го најавуваат како играч од кого многу се очекува.


Касано: Ако правилата важат за Јуве, треба да важат и за останатите клубови

Поранешниот напаѓач на Рома, Антонио Касано даде свое мислење за скандалот со финансиска измама во Јувентус, поради кој вчера „бјанконерите“ беа казнети со 15 бода. Касано, кој вообичаено е еден од најголемите критичари на Јуве, изненадувачки ги поддржа, изразувајќи го својот гнев поради одлуката:

„Одземање бодови за Јувентус? Ќе го кажам само ова: ако тоа важи за Јуве, треба да важи за сите тимови во италијанскиот фудбал, бидејќи очигледно за Јувентус се пишува на 50 страници во весниците, а сите останати – со ситни букви“, објасни екс италијанскиот фудбалер

„Да не мислиме дека само Јувентус ги направи овие работи, ако навистина ги направи. Сите други тимови ќе бидат таму бидејќи законот треба да важи за сите“, продолжи Касано.


Ракип го напушти Малме и потпиша за турска Анталијаспор

Ердал Ракип е промовиран во новиот клуб. Фудбалерот од средниот ред го напушти шведски Малме и како слободен агент се придружи на Анталијаспор, клуб со кој потпиша договор на 2.5 години.

Договорот на Ракип со Малме истече на крајот од 2022 година и не беше продолжен. Се шпекулираше за можен трансфер во Англија, но на крајот сепак продолжи во Турција.

„Очекувам успешен период во мојата кариера. Од првиот ден кога дојдов тука се чувствувам навистина убаво. Подготвен сум да дадам свој придонес за тимот да има што подобри резултати“, изјави Ракип.


Роналдо најави дека ќе го тужи Јувентус

На почетокот на минатиот месец беше објавено за „тајниот документ“ каде што челниците на Јувентус ветиле исплата од 20 милиони евра на Кристијано додека јавноста беше информирана дека клубот ќе ги скрати платите поради пандемијата.

Роналдо за комбинираниот тим од играчи на Ал Наср и Ал Хилал го одигра првиот натпревар во Саудиска Арабија. „Бјанконерите“ од друга страна се во хаос, давањето цели плати „на црно“ е само едно од обвиненијата, се споменуваат и други финансиски малверзации.

Португалецот сепак не се откажува од својот ветел дел кој требало да биде исплатен до крајот на јуни 2021 година и тоа не се случи. Италијанските медиуми сега пишуваат дека на Роналдо му здосадило да чека и правдата ќе ја бара на суд. Како доказ Роналдо ги има документите и изјавите, па изгледа дека случајот лесно може да го добие. За Јувентус тоа значи уште едно „развлекување“ по судовите.


Жестока казна за Јувентус и неговите оперативци

Федералниот апелационен суд го прифати барањето на Обвинителството на Италијанската фудбалска федерација за повторно отворање на случајот за капитални добивки во кој е вклучен Јувентус и изрече казна со одземање на 15 бода од контото на „Старата Дама“.

Сега, Јуве ќе може да поднесе жалба против оваа одлука до советот за спортови на Италијанскиот олимписки комитет.

Покрај казната со одземање на 15 бода, федералниот суд денеска изрече и казни за управниот одбор на торинскиот гигант кои беше вклучен во новиот голем скандал со фингирани капителни добивки.

Фабио Паратичи (сега вработен во Тотенхем) е суспендиран на 2,5 години. Довчерашниот прв човек на клубот, Андреа Ањели заедно со Маурицио Аривабене ќе бидат надвор од сите фудбалски активности две години, додека чешката фудбалска легенда Павел Недвед не може да се вклучи во каква било фудбалска активност во период од осум месеци.


Гундоган го напушта Сити и ќе игра за Барселона?

Англиските медиуми пренесуваат дека фудбалерот од средниот ред на Манчестер Сити, Илкај Гундоган, одлучил да ја продолжи својата кариера во Барселона.

Германскиот репрезентативец има договор со Манчестер Сити до крајот на сезоната. Според медиумските објави, Гундоган веќе ги договорил личните услови со Барселона каде на лето би пристигнал како слободен играч без обештетување.

32-годишниот Гундоган е член на Манчестер Сити од 2016.година кога пристигна од редовите на Борусија Дортмунд. Тој за Манчестер Сити има одиграно 279 натпревари, и постигнал 51 гол.


Баерн го враќа Хаверц во Бундеслигата

Напаѓачот на Челзи, Каи Хаверц летово би можел да се врати во Бундеслигата. Според информациите на „Скај Германија“, Баерн Минхен е подготвен да го купи 23-годишниот фудбалер за 60 милиони евра.

Клубот веќе подолго време ги следи резултатите на поранешниот играч на Баер Леверкузен, од кои се задоволни.

Германскиот интернационалец е најдобар стрелец на лондончани во Премиер лигата со 5 гола. Баерн води во германската елита со 34 бодови, а Челзи е десетти во англиската лига со 28 бодови.