feature

Фердинанд: Меси игра како Бог

Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед и репрезентативец на Англија, Рио Фердинанд, изрази воодушевеност од настапите на Лионел Меси во дресот на Аргентина на Мундијалот во Катар.

„Меси е најдобриот играч досега на Светското првенство. Тој игра речиси како Бог. Никогаш не сум видел такво нешто“, изјави Фердинанд.

Меси на претходните пет натпревари на Светското првенство во Катар постигна четири гола и запиша две асистенции. Тој беше директно вклучен во шест од вкупно деветте гола на Аргентина.

Лео Меси пред стартот на Мундијалот во Катар изјави дека ова ќе биде негово последно СП. 35-годишниот Меси се надева дека ќе успее да ја освои светската титула која е единствената која му недостига во кариерата.


30 чартер летови од Мароко за Катар

Државната мароканска авио-компанија одлучи да воведе 30 нови чартер летови помеѓу Казабланка и Доха за да ги пренесе навивачите на Мароко на полуфиналето од Светското првенство каде ќе се сретнат репрезентациите на Мароко и Франција.

Авио компанијата во своето соопштение наведува дека ќе реализира воздушен мост за да им овозможи на бројните Мароканци кои сакаат да ја поддржат репрезентацијата во нејзиниот најголем фудбалски успех во историјата, да ја доживеат емоцијата на полуфиналето од Светското првенство.

Според извештаите, се очекува да се обезбедат скоро 30 авионски летови пред и на денот на одигрување на полуфиналниот дуел помеѓу Мароко и Франција кој се игра во среда од 20:00 часот.


Ен Несири го собори рекордот на Кристијано Роналдо

Јусеф Ен Несири го постигна единствениот гол на дуелот Португалија-Мароко и овозможи неговата репрезентација да стане прва африканска која обезбедила полуфинале на СП.

Голот дојде благодарение и на лошата проценка на португалскиот голман Диого Коста, но Ен Несири сигурно ќе го памети до крајот на животот, посебно што со него постави и нов рекорд.

Угледниот „БеИн Спортс“ пресметал дека мароканскиот напаѓач скокнал 2,78 метри за да ја упати топката во португалската мрежа, а со тоа го собори рекордот на Кристијано Роналдо.

Во периодот кога настапуваше за Јувентус, Португалецот скокна нешто повеќе од 2,5 метри за да донесе победа на „бјанконерите“ над Сампдорија.


Баерн Минхен го договори доаѓањето на Конрад Лајмер

Фудбалскиот клуб Баерн Минхен постигна договор за трансфер со играчот од средниот ред на Лајпциг, Конрад Лајмер, кој ќе пристигне во клубот претстојното лето.

Договорот на Лајмер со екипата на Лајпциг истекува по крајот на сезоната, па така тој веќе се согласил како слободен играч да замине во Баерн Минхен, иако неговиот сегашен клуб направи обид да го задржи во своите редови нудејќи му највисок договор во историјата на Лајпциг.

Тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман, одлично ги познава квалитетите на Лајмер, бидејќи претходно тој беше негов тренер во Лајпциг.


Канте се нуди во Реал Мадрид?

Нголо Канте на крајот на сезоната најверојатно ќе го напушти Челзи како слободен агент, па веќе почнал да си бара нов клуб. „Дефенса Централ“ објави дека Нголо Канте му се понудил на Реал Мадрид, но претседателот Флорентино Перез ја одбил таа опција.

Канте имаше проблеми во текот на претходните сезони со повреди и најверојатно ќе си замине на крајот на сезоната кога му истекува договорот со Челзи.

31-годишниот Французин долго време се поврзуваше со Реал Мадрид, Барселона и ПСЖ, но сега „кралевите“ сакаат да се насочат кон помлади играчи.


Наполи се вклучи во трката за Николо Заниоло

Наполи е силно заинтересиран во своите редови да ја доведе ѕвездата на Рома и италијански репрезентативец, Николо Заниоло.

Рома сака да ја продолжи соработката со Заниоло, кој на лето ќе влезе во последната година од договорот, но преговорите не течат во добра насока.

Доколку Заниоло не стави потпис на нов договор до крајот на сезоната Рома е спремна да го продаде, а најсилен интерес за него покажува Наполи.

Имено, Наполи е спремен да понуди 30 милиони евра за неговиот потпис, па веќе стапил во контакт со неговиот агент.


Саутгејт размислува за оставка на селекторската позиција во Англија

Угледниот Скај Спорт пренесува дека селекторот на Англија, Гарет Саургејт, размислува да поднесе оставка после елиминацијата од Светското првенство во Катар.

„Ваквите турнири земаат многу од вас и сега ми е потребно многу време за добро да размислам за се. Не сакам да пројдат четири или пет месеци и потоа да сфатам дека сум погрешил. Затоа морам да ја анализирам нашата работа и да видам каде се наоѓаме во моментот“, истакнува Саутгејт.

Англискиот стручњак има договор со Фудбалската асоцијација на Англија до 2024 година, односно до крајот на наредното Европско првенство.

Според англиските медиуми и фудбалската јавност, мала е веројатноста Саутгејт да си поднесе оставка на функцијата во овој момент, и дека тој ќе го одработи целиот свој договор.


Модриќ: Одиме да го одиграме најдобриот натпревар во нашите животи

Фудбалската репрезентација на Хрватска по трет пат во својата историја успеа да се пласира барем до полуфиналето на фудбалски Мундијал, откако претходно го елиминира фаворитот за титулата, Бразил.

„Она што го прави оваа екипа е нешто неверојатно. Импресивно е повторно да се биде во полуфиналето на Светско првенство. Навикнати сме на фактот постојано да сме во сенка на поголемите репрезентации кои секогаш се фаворити за титулата. Што се однесува на полуфиналниот дуел со Аргентина, очекувам дека ќе биде навистина тешко, бидејќи тие се одличен тим и ние не играме само против еден играч. Лео Меси е великан, нивен најдобар играч, и ќе имаме големи проблеми за да го сопреме, но ние сме спремни и ќе дадеме се од себе. Одиме да го одиграме најдобриот натпревар во нашите животи“, изјави 37-годишниот Модриќ.


Лук Шо најнова желба на управата на Барселона

Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед и англиски репрезентативец, Лук Шоу е новата трансфер цел на Барселона. Чави сака да ја засили левата бековска позиција и да доведе наследник на Жорди Алба, а прва желба е токму 27-годишниот Англичанец.

Лук Шоу игра одлична сезона во дресот на „црвените ѓаволи“ и се претстави добро и на Мундијалот.

Договорот на Шоу со англискиот гигант истекува на крајот на сезоната, но Манчестер Јунајтед има опција за продолжување на уште една година.

Каталонците наскоро ќе стапат во контакт со неговиот агент и ќе испратат понуда на лето за да го доведат на „Камп Ноу“.


ПСЖ ги сака Белингем и Рашфорд

Челниците на францускиот шампион Париз Сен Жермен, ќе пробаат во летниот преоден рок да ги ангажираат англиските репрезентативци, Џуд Белингем и Маркус Рашфорд.

Според информациите од медиумите, раководството на ПСЖ се согласило да му исплати 120 милиони евра на Борусија Дортмунд како обештетување за Белингем. Досега овај 19-годишен играч се поврзуваше со трансфер во Ливерпул.

Според весникот Мирор, челниците на ПСЖ се силно заинтересирани и за напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд, на кого се подготвени да му понудат неделна плата од милион евра. Неговиот договор со клубот од Олд Трафорд истекува на крајот од сезоната.