feature

Нкунку посакува враќање во ПСЖ

Офанзивецот на Ред Бул Лајпциг и репрезентативец на Франција, Кристофер Нкунку меѓу редови го најави неговиот следен клуб.

За одличниот фубалер кој остави одличен впечаток во Бундеслигата оваа сезона има интерес од Манчестер Јунајтед и ПСЖ, а според неговата последна изјава тој попрво би се одлучил да направи трансфер во тимот на ПСЖ од каде и потекнува.

„Париз е мојот дом, таму е мојот омилен клуб. Не ги затворам вратите за трансфер, се е можно во фудбалот.

Убаво е кога најголемите светски клубови се интересираат за мене. Но исто така одлично е да се види дека Лајпциг прави се што  е во нивна моќ за да ме задржи“, изјави Нкунку.


Де Брујне: Лигата на нации се само преценети пријателски натпревари

Клупската фудбалска сезона е завршена, но за најдобрите фудбалери нема одмор. Наскоро започнува Лигата на нации, а многу брзо ќе започне и новата сезона бидејќи Светското првенство ќе направи големи поместувања во термините.

Шампионот на Англија со Манчестер Сити, и репрезентативецот на Белгија,Кевин Де Брујне отворено изјавува дека распоредот на натпревари е многу густ и дека за него Лигата на нации е небитно натпреваурање.

„За мене Лигата на нации не е битна. Мора да ги одиграме тие дуели, но тоа се само преценети натпревари, некој вид на тренинг. Сите ние имавме многу напорни сезони. Како играч можам да кажам дека ни е потребен одмор, но го работиме тоа што ќе ни се каже и тоа е тоа. Имаме само околу три недели одмор на секои 12 месеци“, потенцира Де Брујне.


УЕФА го избра идеалниот тим на Лигата на шампионите

Европската фудбалска унија го избра идеалниот тим на Лигата на шампиони за сезоната 2021/22. Во „дрим-тимот“ свое место најдоа четворица фудбалери од освојувачот на трофејот, Реал Мадрид. Тоа се Тибо Куртоа, Лука Модриќ, Карим Бензема и Винициус Жуниор.

Остатокот од тимот го сочинуваат играчите на Ливерпул:Трент Александер-Арнолд, Енди Робертсон, Вирџил ван Дијк и Фабињо, потоа Антонио Рудигер од Челзи, Кевинд Де Брујне од Манчестер Сити и Килијан Мбапе од ПСЖ.

Карим Бензема е прогласен за најдобар играч во ЛШ , а нему му припадна и титулата најдобар стрелец со 15 погодоци.


Меси: Реал Мадрид не беше најквалитетната екипа оваа сезона

Лионел Меси зборуваше за успехот на Реал Мадрид оваа сезона во Лигата на шампионите и за емоциите по поразот од кралскиот клуб во осминафиналето на најелитното европско натпреварување.

Во нереалниот поход кон 14. трофеј во Лигата на шампионите, Реал Мадрид зад себе ги остави Пари Сен Жермен (шеснаесетфинале), Челзи (четвртфинале), Манчестер Сити (полуфинале) и Ливерпул (финале), иако по општо мислење се веруваше дека во сите овие дуели беше во подредена позиција.

Лео Меси памети голема тага по елиминацијата.

„Реал тогаш нѐ уби. Сите нас: јас, сите во соблекувалната, целиот наш тим. Го познавам Реал Мадрид затоа што играв против нив со години. И знаев дека такво нешто може да се случи. Нивниот гол од никаде целосно ја промени играта. Истото се случи и со другите тимови: Челзи, Манчестер Сити, Ливерпул. Не го намалувам успехот на Реал Мадрид, тие ја освоија Лигата на шампионите, но не беа најдобриот тим оваа година, а сепак освоија сѐ“, изјави Линоел Меси.


Левандовски: Мојата ера во Баерн Минхен заврши

Роберт Левандовски изјави дека неговиот трансфер од Баерн Минхен ова лето ќе биде најдобар исход за двете страни.

„Од денеска едно е сигурно, а тоа е дека мојата приказна со Баерн е завршена. Не можам да замислам да продолжам со добра соработка. Верувам дека трансферот е најдоброто решение за двете страни. Се надевам дека Баерн нема да го спречи мојот трансфер само затоа што има можност да го направи тоа“, изјави Левандовски на прес-конференција.

Полскиот напаѓач има договор со Баерн на уште една година, но експлицитно изрази желба да го напушти клубот на лето.

Коментарот на Левандовски веројатно нема да биде добро прифатен во Баерн, бидејќи спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ и извршниот директор Оливер Кан најавија дека Левандовски ќе остане во клубот до крајот на договорот.

Медиумите наведуваат дека агентот на Левандовски, Пини Захави и Барселона усно се договориле за тригодишен договор, но дека Баерн е цврст на ставот дека Левандовски не е на продажба.


Крос останува во Реал уште две години

Фудбалерот од средниот ред на Реал Мадрид, Тони Крос, после финалниот натпревар од Лигата на шампионите и победата над Ливерпул со 1:0, најави дека ќе остане во екипата до 2024 година.

„Ја прифатив понудата од раководството и решив да останам овде уште две години“, порача Тони Крос.

32-годишниот Германец, е фудбалер на Реал од 2014 година каде пристигна од тимот на Баерн Минхен. Неговиот актуелен договор истекува во јуни 2023 година, но сега ќе го продолжи истиот до 2024.


Меси: Бензема ја заслужува Златната топка

Аргентинецот Лионел Меси, седум пати во својата кариера е добитник на наградата Златна топка, и сега нема дилема кој би требало да ја освои наградата на следната церемонија.

„Не постои никаква дилема. Јасно е дека Карим Бензема има одлична година позади себе. Тој беше клучен играч на Реал Мадрид од осминафиналето до крајот на Лигата на шампиони која ја освои Реал“, истакнува Меси.

На патот кон титулата, Реал во осминафиналето беше подобар од ПСЖ, тим за кој од минатата сезона настапува Лионел Меси.

„Тој реванш натпревар против Реал не уби како екипа. Имавме големи очекувања во Лигата на шампионите“, изјави Меси.

Златната топка ќе биде доделена на 17.Октомври, а имињата на кандидатите ќе бидат познати на 12.август.


Иван Тричковски добитник на „Златната копачка“ во Кипар

Поранешниот македонски репрезентативец Иван Тричковски е добитник на Златната копачка за најдобар стрелец во првенството на Кипар изминатава сезона.

Тричковски беше стрелец на 15 првенствени гола за својот клуб АЕК Ларнака. Тој е најдобриот странски фудбалер во историјата на својот клуб.


Митревски со номинација за најдобар голман во ракометната Лига на шампиони

Голманот на македонската ракометна репрезентација, Никола Митревски, е номиниран за најдобар чувар на мрежата во Лигата на шампионите за сезоната 2021/2022.

Митревски имаше одлична сезона бранејќи го голот на својот клуб Порто, а неговите успешни одбрани беа препознаени од ЕХФ поради што доби заслужена номинација.

Конкуренти за добивање на наградата ќе му бидат голманите Ландин, Буриќ, Перез де Варгас, Волф и Коралес.


Толисо се одјави од Баерн Минхен

Корентин Толисо повеќе не е играч на Баерн Минхен бидејќи неговиот договор истече.

Бидејќи не го продолжи договорот затоа што не го сакаше тренерот Џулијан Нагелсман, францускиот репрезентативец по пет сезони ќе го смени дресот. Иако во 2017 година пристигна од Лион за трансфер од 41,5 милиони евра, францускиот репрезентативец поради повредите и нивото на игра не го обезбеди тоа што се очекуваше од него.

Имаше и одлични натпревари, но повеќето од нив требаше да се заборават. Сезонава на теренот беше само 1.069 минути на 22 натпревари, постигнувајќи три гола со три асистенции. Во пет сезони за Баварците одигра 118 натпревари со 21 гол и 15 асистенции.

Според најавите во медиумите, Толисо има понуди од Франција и Англија и наскоро би требало да најде нов клуб.