Англискиот фудбалски состав Евертон може да го продаде во текот на летово, Ричардсон, кој влегува на радарот на Реал Мадрид, објавија неколку медиуми во Шпанија.
„Кралевите“ сакаат да го донесат 24-годишниот фудбалер на „Сантијаго Бернабе“ иако Евертон одреди висока трансферна цена од 90 милиони евра.
Ричардсон одигра прилично слаба сезона со скромни 13 гола на 40 мечеви во сите конкуренции. Напаѓачот на Бразил деновиве настапува на Олимписките игри во Токио.
Тешки преговори, но Баерн не се откажува од Горецка
Актуелниот шампион на Германија, Баерн Минхен се уште верува дека ќе го задржи Леон Горецка во тимот и наредната сезона.
Преговорите за нов договор се во тек, моменталната соработка со креативецот завршува во јуни идната година и поради ова репрезентативецот на Германија е достапен на трансфер пазарот за 30 милиони евра.
Горецка има понуди од повеќе тимови од Премиер лигата и од Серија А, но „баварците“ уверуваат дека тој и Кимих наскоро ќе потпишат нови договори и со тоа ќе стават крај на сите шпекулации.
Премиер лигата е идната дестинација на Лоренцо Инсиње
Лоренцо Инсиње би можел кариерата да ја продолжи во Премиер лигата.
Инсиње одигра одлична сезона и игра добро на Европското првенство, но преговорите за продолжување на соработката со Наполи не одат во добра насока. Крилниот напаѓач влезе во последната година од договорот, па Наполи јасно му порача дека ако не стави потпис на нов договор ќе биде продаден ова лето.
Ливерпул и Тотенхем внимателно ја следат ситуацијата со Инсиње и сакаат да го донесат во своите редови.
Наполи е спремен да го продаде бидејќи не сака да го загуби играчот без обештетување и за неговата слобода бара 30 милиони евра, сума која споменатите клубови се спремни да ја платат.
Барса не добила никаква понуда за Гризман
Барселона сè уште не добила никаква официјална понуда за напаѓачот Антоан Гризман, пренесува „Марка“. Каталонците бараат купувач за 30-годишниот фудбалер, кој во моментов прима најголема плата на „Камп Ноу“, откако Лионел Меси стана слободен играч.
Во оваа фаза, сепак, клубот сè уште нема добиено ниту една понуда за Французинот. Каталонците итно треба да го намалат буџетот за плати за новата сезона, со цел да ги исполнат барањата за Финансиски фер-плеј и да можат да ги пријават своите нови засилувања. Затоа сакаат да го продадат Антоан Гризман. Тој не ги оправда големите очекувања што ги имаше за него по неговиот трансфер од Атлетико Мадрид во 2019 година за 120 милиони евра.
Во исто време, тој добива огромна плата, од која сакаат да се ослободат на „Камп Ноу“. Гризман беше на чекор да се врати во Атлетико, но во последен момент двата клуба не се договорија и зделката пропадна. За него се заинтересирани Јувентус, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и Челзи, но никој од нив сè уште не испратил официјална понуда до канцелариите на „Камп Ноу“. Гризман има договор со Барса до 2024 година.
Сем Кендрикс ќе ги прескокне Игрите заради позитивен тест на ковид-19
Двократниот светски шампион во скок со стап, Сем Кендрикс од САД, нема да настапи на Олимписките игри во Токио поради позитивен тест на корона-вирус.
„Во согласност со локалните правила и протоколи, тој беше преместен во хотелот и ставен во изолација“, соопшти Олимпискиот комитет на САД.
28-годиниот Кендрикс кој е светски шампион од 2017 и 2019 година и воедно освојувач на бронза од Рио 2016 година, требаше да има жестока битка за златото со Швеѓанецот, Арманд Дуплантис.
Сити испрати официјална понуда за Грилиш
Пеп Гвардиола е цврсто решен да го донесе Џек Грилиш во Манчестер Сити во овој преоден рок.
Според островските медиуми, „Граѓаните“ испратиле понуда до Астон Вила од 75 милиони фунти за англискиот репрезентативец.
Капитенот на Астон Вила е достапен за нешто над 100 милиони фунти, но од Сити веруваат дека ќе успеат да го ангажираат за помала трансфер отштета.
Грилиш неодамна изјави дека се уште нема одлучено дали сака да ја напушти Астон Вила пред почетокот на новата сезона.
Барса ќе замине на германската турнеја без Агуеро и Меси
Барселона го објави списокот на фудбалери со кои ќе оди на подготовки во Германија. Каталонците во предсезонските подготовки во Германија ќе играат пријателски натпревари со Штутгарт и Салцбург.
Во групата од 25 фудбалер не се вклучени Лионел Меси и Серхио Агуеро.
Меси се уште нема потпишано договор и моментално е слободен агент. Што се однесува до Агуеро тој денес пристигна во Барселона, но доби уште неколку слободни денови.
Нагелсман: Очекувам да имаме проблеми на почетокот на сезоната
Тренерот на фудбалерите на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман, по лошите резултати на пријателските мечеви – порази од Келн и Борусија Менхенгладбах и реми со Ајакс, вели дека ќе биде тешко на стартот на сезоната.
„Немаме многу време, можно на стартот од сезоната да имаме проблеми. Ќе ни биде потребно време да ја развиеме нашата игра“, потенцираше Нагелсман.
Баварците в сабота ги очекува пријателски меч со Наполи, а потоа и стартот на Бундес-лигата и гостувањето кај Борусија Менхенгладбах.
Коментатор отпуштен поради расистички коментар за јужнокорејски учесник на Олимпијадата
Коментаторот што известуваше за Олимписките игри во Токио за државната телевизија во Грција беше отпуштен откако во емисија во живо направи расистичка забелешка кон јужнокорејски спортист.
Забелешката беше дадена по натпреварот за пинг-понг, во кој Јужнокореецот Јеунг Јанг-Сик го победи Гркот Панајотис Гионис.
Коментаторот Димостенис Кармирис тогаш ја даде расистичката забелешка кога го прашаа за вештината на јужнокорејските играчи.
Тој рече: „Бидејќи нивните очи се малечки, како можат да гледаат како топката оди и оди?“
Потоа, Кармирис може да се види како се смее откако го изговори коментарот.
Неколку часа по шокантната забелешка, државниот радиодифузер ЕРТ објави дека коментаторот е отпуштен веднаш по завршувањето на програмата.
Тие изјавија: „Расистичките коментари немаат место на јавната телевизија.
По слабиот почеток на натпреварот, во кој загуби три од воведните четири сетови, Јеунг возврати и победи со 4-3.
Најголем пораст на заразени со коронавирус на ЛОИ во Токио
Организаторите на Олимписките игри во Токио објавија податок за 24 нови случаи на зараза со коронавирусот, што е најголем дневен пораст на инфекции откако се започна со објавување на податоци.
Меѓу 24. нови случаи три се неименувани спортисти, а досега потврдено е дека се заразени 20 спортисти на Олимписките игри. Две лица кои присуствуваа на ЛОИ од странство се хоспитализирани, меѓутоа ниту еден случај не е сериозен, додека третиот хоспитализиран е веќе пуштен на домашно лекување. Вкупниот број на заразени од 1. јули досега е 193, рекоа организаторите.
Во јапонската престолнина во последните неколку дена исто така расте бројот на заразени, во средата ги имаше 3177, што е втор последователен рекорд дневно. Бројот на нови случаи во земјата достигна 9570, соопшти министерството за здравство. Меѓутоа, Меѓународниот олимписки комитет не гледа паралела со Олимписките игри.
„Колку што е познато, немаше пренос на заразата од олимписките учесници на јапонското население.“ – изјави портпаролот на Олимпискиот одбор, Марк Адамс.
Досега, на Игрите се направени над 310 илјади тестови на коронавирус.