feature

Роналдо го сруши рекордот на Герд Милер

Фудбалерот на Ал Наср, Кристијано Роналдо синоќа во Таиф постигна гол против Монастир (4-1) во натпреварот од 2. коло на клупскиот куп на арапските шампиони. Португалецот го погоди противничкиот гол со глава во 74. минута за во тој момент водство на неговиот тим со 2-1.

За Роналдо овој погодок беше 145. со глава во кариерата. Тој изби на првото место во оваа статистичка категорија во историјата на фудбалот.

Португалецот го престигна германскиот напаѓач Герд Милер, кој со глава постигна 144 гола во кариерата. Шпанецот Сантиљана е трет со 125 удари со глава, додека Бразилецот Пеле е четврти со 124.


Белгиецот Де Кетелар заминува од Милан на позајмица

Фудбалерот на Милан, Шарл де Кетелер, може да добие понуда да се пресели во Франција во екипата на Олимпик Марсеј, објави денеска – „Газета дело спорт“.

Плејмејкерот пристигна на „Сан Сиро“ за околу 30 милиони евра но, одигра далеку под очекувањата. Тој за „росонерите“ направи само една асистенција на 40 мечеви.

Милан е подготвен да се раздели со Кетелер кој влегува во плановите и на Астон Вила и ПСВ Ајндховен.


ПСЖ и Ал Хилал уште не се договориле за трансферот на Верати

Марко Верати повеќе од една деценија е дел од Пари Сен Жермен,
играч кој има најдолг стаж во таборот на „светците“ од сите
фудбалери, тренери во тимот.
Токму на Италијанецот му се отвори можност да замине во Саудиска
Арабија во редовите на Ал Хилал, клуб со кој ги договори личните
услови за тригодишен соработка и се изгледаше дека прашање е на
време кога ќе биде промовиран во новата средина, но „стоп“ за
операцијата кажаа од таборот на „светците“.
Претседателот Насер Ал Келаифи не дава залено светло за
комплетирање на зделката, поточно не е прифатлива понудата од 30
милиони евра. Се бара многу повеќе од тоа, па останува да се види
дали Ал Хилал ќе ги исполни желбите, барањата на тимот од Лига 1.
Верати во ноември ќе го прослави 31 роденден, во досегашната
кариера има настапувано уште за Пескара.


Чуамени; Реал го има најсилниот среден ред во светот

Фудбалерот на Реал Мадрид, Орелијан Чуамени, се надева дека ќе
биде во првата постава иако има жестока конкуренција во имињата на
Модриќ, Крос, Валверде, Камавинга, Белингам, Себалјос и Арда
Ѓулер.
„Го имаме најдобриот среден ред во светот. Учиме од Модриќ и Крос.
Тука се и други млади и талентирани играчи. Сигурен сум дека не
чека многу добра сезона“, вели Чуамени.
Французинот деновиве доби шанса да ги одигра сите 90 минути на
контролниот натпревар против Барселона.


Наполи одби луда понуда за Ал Хилал

Во последните неколку дена во италијанските медиуми многу се
пишуваше за интересот на саудиски Ал Хилал за Виктор Осимхен, 24-
годишниот напаѓач на Наполи и нигериската репрезентација. Откако
не успеаја да ги добијат Лионел Меси и Килијан Мбапе, челниците на
Ал Хилал се свртеа кон Осимен.
Италијанскиот Ил Матино пишува дека претседателот на Наполи,
Аурелио де Лаурентис веќе ја одбил понудата на Ал Хилал од 130
милиони евра. И не само тоа, истите медиуми пренесуваат дека
Наполи подготвил нов договор за својот одличен напаѓач и дека
Нигериецот ќе го потпише во следните неколку дена.
Де Лаурентис е познат како исклучително тежок преговарач, а
италијанските медиуми пишуваат дека барањето за обештетување за
Осимен го поставил на 200 милиони евра и дека нема намера да
отстапи од тоа. Поради ова, ПСЖ се повлече од трката за одличниот
напаѓач, за кого таа сума е превисока, а таков трансфер не можат да си
дозволат ниту другите клубови. Значи во приказната Саудијците
всушност се оставени сами на себе, тие секако можат да ја платат таа
компензација, само прашање е дали сакаат.


Галатасарај фаворит за потписот на Рамос

Искусниот дефанзивец од Шпанија, Серхио Рамос, може да го облече дресот на Галатасарај, објави новинарот Фатих Демиркол од – „Хабер Глобал“.

Наводно, клубот од Истанбул го убедил 37-годишниот ветеран да ја прифати понудата. Рамос по две години поминати во ПСЖ си замина како слободен играч. Тој за французите одигра 58 натпревари со ефект од шест голови и една асистенција.

Рамос претходно беше дел од Реал Мадрид од 2005 до 2021 година.


Почетино чека нови засилувања во Челзи

Тренерот на фудбалерите на Челзи, Маурисио Почетино, проценува дека треба да се засили ростерот.

„Не сум сигурен колку нови играчи ни се потребни. Мислам дека е проблематично сега да се открие тоа. Сакам да бидеме силни на сите позиции“, вели Покетино.

„Сините“ на стартот на Премиер-лигата ги чека првото големо дерби против Ливерпул. Мечот е закажан за 13 август.


Бремер одбил неколку понуди од Англија за да остане во Јуве

Фудбалерот на Јувентус и бразилски репрезентативец Глисон Бремер изјави дека сепак не сака да го напушти клубот од Торино, пренесува Тутоспорт.

„Вистина е, клубовите од Премиер лигата ме бараа. Тие можат да чекаат, јас сакам да останам во Јувентус. Јас сум во најдобриот клуб во Италија и сакам да освојувам титули со него“, изјави Бремер.

Бразилскиот фудбалер во Јувентус пристигна од Торино во 2022 година, а минатата сезона за Старата дама одигра 43 натпревари во сите натпреварувања и постигна пет гола. Бремер има договор со Јувентус до 30 јуни 2027 година.


Осимен и Наполи се договорија за продолжување на соработката

Преговорите за новиот договор на Виктор Осимен со Наполи се поблиску до финализирање. Агентот на Нигериецот, Роберто Календа пристигна во Кастел Ди Сангро, каде што тренира тимот, на завршни разговори со претставниците на клубот.

Двете страни се во постојан контакт од почетокот на летото и работат на тоа Осимен да остане што подолго на „Диего Армандо Марадона“. За напаѓачот се заинтересирани голем број водечки клубови од Европа, предводени од Челзи, Манчестер Јунајтед и Пари Сен Жермен.

Сепак, претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис е категоричен дека ќе го задржи најдобриот стрелец во Серија А барем уште една сезона. Исклучок би направил само за понуда вредна најмалку 150 милиони евра.

Договорот на Осимен со Наполи е до летото 2025 година. Добива по 4,5 милиони евра. Клубот е подготвен да и понуди на својата ѕвезда нов договор со плата меѓу 7 и 7,5 милиони евра по сезона.


Дембеле се сели во Париз за 50 милиони евра?

Шест години откако ПСЖ на шверцерски начин го купи Нејмар, на пат е во своите редови да донесе уште еден фудбалер на Барселона.

Сега во центарот на вниманието е францускиот репрезентативец Усман Дембеле кој, според последните информации, се согласил на трансфер во Париз и денеска треба истиот да биде официјализиран. Разликата меѓу овие двајца фудбалери е голема, ПСЖ во 2017 година плати 222 милиона евра за Нејмар, што се уште е светски рекорд, а сега за Дембеле ќе плати „само“ 50 милиони, под услов целата зделка, како и парите, да бидат уплатени до вечерва на полноќ.

Интересно е тоа што пред шест години токму Дембеле беше донесен како замена за Нејмар и за него Барса тогаш даде 105 милиони евра иако тој никогаш не ги исполни очекувањата, ниту беше достојна замена за Бразилецот. Многу е чудно тоа што ПСЖ во Дембеле гледа замена за неговиот сонародник Килијан Мбапе иако разликата во квалитет е „небо и земја“, а е и склон на повреди и почесто е надвор од тимот, отколку на теренот.