feature

Агентот на Осимен негира интерес на Манчестер Јунајтед

Агентот на Виктор Осимен, Роберто Календа ги демантираше информациите дека Манчестер Јунајтед и Наполи преговараат Нигериецот да им се приклучи на „црвените ѓаволи“.

Се тврдеше дека агентот на Кристијано Роналдо, Жорж Мендеш, се обидувал да договори размена меѓу двата клуба, при што Осимен би тргнал во една насока, а Роналдо во друга.

Сепак, Календа е дециден дека такви преговори не се водат.

„Нема разговори за таква размена. Осимен е играч на Наполи и сака да игра во Лигата на шампионите со Наполи, откако му помогна на тимот да се квалификува на турнирот со својот настап на теренот, со гордост и со помош на соиграчите и на тренерот“, напиша Календа во Твитер.


Рекордите на Стерлинг: Голови со трите англиски гиганти во Премиер лигата

Напаѓачот на Челзи, Рахим Стерлинг постигна гол на натпреварот од 4. коло од англиската Премиер лига со Лестер. Англискиот напаѓач стана третиот играч во светот кој постигнал гол за Челзи, Манчестер Сити и Ливерпул.

Претходно тоа го имаа направено Французинот Николас Анелка и сонародникот на Стерлинг, Даниел Стариџ.

27-годишниот Стерлинг му се приклучи на Челзи од Манчестер Сити за 56,2 милиони евра во јули 2022 година. Пред тоа, во три натпревари за сините, Рахим даде една асистенција – во натпреварот со Тотенхем (2-2) во второто коло од англискиот шампионат. Договорот меѓу двете страни е до 2027 година.


Конте: Сакаме да стигнеме далеку во Европа сезонава

Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте не крие дека неговата амбиција е тимот да ја прескокне групната фаза од Лигата на шампионите и да стигне што подалеку во најпрестижното натпреварување во клупскиот фудбал.

„Мамузите“ се најдоа во групата Д, во која се и екипите на Ајнтрахт, Спортинг и Марсеј.

Според Италијанецот, силите во оваа група се изедначени.

„Зборуваме за најтешкото и најважното натпреварување во Европа, можеби и во светот, бидејќи на овој турнир се најдобрите селекции во светот. Нашата група е избалансирана. Секако нашата цел е да се обидеме да се пласираме во нокаут фазата. Ние добивме можност да играме на ова важно натпреварување и сакаме да уживаме во нашето учество, да играме добар фудбал и евентуално да стигнеме далеку“, рече Конте.


Жоао Феликс: Се чувствувам совршено во системот на Симеоне

Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Жоао Феликс, призна дека веќе се чувствува удобно во планот за игра на Диего Симеоне.

На Португалецот му требаше време да се прилагоди на методите на работа на Аргентинецот, но двајцата веќе се разбираат одлично и тоа му овозможува на напаѓачот да го покаже најдоброто од она за што е способен.

„На почетокот не ми беше удобно. Во Бенфика игравме различен фудбал, но знаев дека морам да се адаптирам што е можно побрзо. Тоа е она што се обидував да го направам во првите сезони овде. Сега се чувствувам апсолутно удобно со начинот на кој тимот игра. Јас сум тука да играм за Атлетико и морам да играм така во негов стил. Отпрвин ми беше тешко. Не бев навикнат на притисокот. Со текот на времето и со вистинските луѓе околу мене, работите станаа нормални. Сега правам се перфектно. Верувам дека ни претстои одлична сезона. Нашата амбиција секоја сезона е иста – да освојуваме трофеи. Имаме многу турнири на кои треба да се фокусираме во текот на сезоната“, изјави Феликс.


Вајналдум има сериозна повреда, ќе го прескокне Светското првенство

Холандскиот репрезентативец Жоржињо Вајналдум ќе го пропушти финалето на Светското првенство на ФИФА во Катар во ноември и декември поради повреда.

Играчот од средниот ред потпиша со италијанска Рома на почетокот на август, но се здоби со фрактура на тибијата на десната нога на тренингот на крајот на минатата недела.

По лекарските консултации, клубот и играчот решија да се обложат на конзервативен третман и тој нема да оди на операција, со очекување дека неговото закрепнување ќе трае меѓу 3 и 4 месеци.

За 6-8 недели, Вајналдум ќе биде подложен на нови тестови за да покаже дали треба да се преземат други мерки. Првичните прогнози се дека тој ќе биде подготвен да се врати на терените најрано во јануари 2023 година.

„Работевме напорно за да го добиеме Џини. ​​Во првите две недели тој се вклопи навистина добро, како да е со нас една година. Неговата повреда е навистина, навистина лоша среќа, но тој ја прифаќа со насмевка, што е прв чекор во вистинската насока. Мислам дека во јануари Џини ќе биде како одлично ново засилување во тимот“, објасни спортскиот директор на Римјаните, Тиаго Пинто.


Барса пронајде начин да го регистрира Кунде

Барселона денес го реши проблемот и конечно успеа да го регистрира новото засилување, Жил Кунде, потврдија шпанските медиуми.

Французинот остана единствен нерегистрирач играч од новите засилувања на Каталонците и во првите две кола не му беше на располагање на тренерот Чави. Кунде беше фрустриран од таквата ситуација, но денес Барселона конечно најде решение за проблемот и го регистрираше дефанзивецот во лигата.

Со заминувањето на Умтити и најверојатното заминување на Обамејанг, Каталонците најдоа простор за регистрација, па Кунде ќе му биде на располагање на Чави за следниот натпревар.


Њукасл го официјализира Алексндар Исак

Њукасл потпиша договор со шведскиот напаѓач од Реал Сосиедад Александар Исак, што беше објавено на нивната официјална веб-страница. Висината на зделката не беше објавена, но претходно медиумите пишуваа дека Њукасл ќе плати 70 милиони евра за 22-годишниот Швеѓанец.

„Мило ми е што го направивме тоа. Тоа беше важна и одговорна одлука за мене, од која сум задоволен. Ова е клуб со голема историја и неверојатни навивачи, секој би сакал да игра за него. Верувам во проектот на овој клуб“, изјави Александар Исак за прес-службата на Њукасл.

Исак за шпанскиот тим настапуваше од 2019 година. Во последната сезона од шпанската Примера, Александар Исак одигра 32 натпревари на кои постигна шест гола (вклучувајќи два од пенали) и даде и две асистенции.


Борусија Дортмунд не го пушта Муние за ниту една цена

Борусија Дортмунд нема намера да го продаде белгискиот репрезентативец Томас Муние, откако играчот беше поврзуван со Манчестер Јунајтед и Барселона.

„Манчестер Ивнинг њуз“ објави дека „Олд Трафорд“ е отворен за разделба со Арон Ван-Бисака, што би го направило Диого Далот единствениот искусен дефанзивец на позицијата десен бек во тимот, што го објаснува интересот за Муние.

30-годишниот дефанзивец е главен играч во белгиската репрезентација. Неговиот договор со Дортмунд е до летото 2024 година и се верува дека неговиот потенцијален трансфер би бил околу 15 милиони евра.

Сепак, спортскиот директор на Борусија, Себастијан Кел, беше категоричен дека клубот не сака да се раздели со Муние ова лето.


Станковиќ изненадувачки ја напушти Црвена Звезда

Екипата на Црвена Звезда не само што остана без место во Лигата на шампионите туку остана и без својот досегашен тренер Дејан Станковиќ кој си поднесе оставка.

Неуспехот во квалификациите за Лигата на шампионите го натера поранешниот српски фудбалер да ја напушти тренерската функција. Српскиот првак ја сподели пораката кој ја напиша Станковиќ:

„Црвена Звезда е мојата голема љубов, неопислива емоција. Сега по третиот неуспешен обид да ја воведам во Лигата на шампионите се чувствувам целосно празно, бидејќи не успеав да ѝ дадам на мојата најголема љубов она што најмногу го посакував. Не можам да продолжам. Дадов сè од себе. Сега некој друг треба да се обиде. За мене овие три години се најубавиот дел од фудбалскиот живот“ напиша Станковиќ.


Тревор Чабола се сели во Милано, дилема е само во кој клуб

Милан и Интер се силно заинтересирани за младиот дефанзивец на Челзи, Тревор Чалоба, пренесуваат италијанските медиуми.

Двата клуба се во потрага по дефанзивец за комплетирање на одбраната и веруваат дека младиот Англичанец ќе биде идеална опција. Челзи е спремен да го пушти Чалоба на позајмица со право на откуп, но најпрво треба да донесе негова замена. Доколку успее да го договори трансферот на Фофана, ќе го пушти Чалоба да се пресели во Милано.

Чалоба е младински репрезентативец на Англија, може да игра на повеќе позиции во одбраната и поради тоа е голема желба на миланските клубови.