Новиот тренер на Бенфика, Жозе Мурињо, е заинтересиран за францускиот напаѓач Карим Бензема, објави „Гол Франс“. Мурињо, кој неодамна го презеде португалскиот гигант, се стреми да го засили својот тим со искусни и познати ѕвезди во обидот да ја освојат португалската титула.
Под водство на Жозе Мурињо во Реал Мадрид помеѓу 2010 и 2013 година, Бензема стана еден од најпрепознатливите напаѓачи во Европа.
37-годишниот Бензема моментално е под договор со саудискиот клуб Ал-Итихад до летото 2026 година, што би можело да ги отежни преговорите за претходен трансфер. Се очекува португалскиот гигант да даде понуда за Французинот во зимскиот преоден рок. Доколку не се постигне договор во јануари, „орлите“ ќе го чекаат Бензема на слободен трансфер во текот на летото.
Федерер и Надал спремни за враќање на терените
Роџер Федерер наговести можност за сензационално враќање на тениските терени, а во целата идеја би можел да му се придружи и неговиот долгогодишен ривал и пријател Рафаел Надал.
Двајцата великани на спортот размислуваат за учество во нова „сениорска“ турнеја, посветена на пензионирани тенисери, пренесува британскиот Mirror.
Федерер, кој официјално се повлече од тенисот пред речиси три години, остана активен преку тренинзи и појави на социјалните мрежи, што во последно време ја поттикна јавноста да се прашува дали можеби планира враќање.
Оваа недела, 44-годишниот Швајцарец јавно ја поддржа идејата за турнеја со поранешни професионалци, со можност повторно да заигра заедно со Надал – освојувач на 22 Гренд слем титули.
Кеита мора на операција, Вардар без Французинот два месеци
Левото крило на Вардар, Махамаду Кеита ќе паузира најмалку два месеци поради операција на рамото.
Интервенцијата е извршена во Загреб и тој веќе го почнува процесот на рехабилитација, објави македонскиот клуб.
Поради проблеми со рамото, беше решено хируршката интервенција да биде извршена побрзо со цел да може и побрзо да се врати на теренот.
Кеита дојде на почетокот на сезонава и покрај играњето во напад, особено важен беше за одбранбените задачи на тимот.
Струга Трим Лум го освои Кратови и го запоседна врвот на табелата
Струга ТЛ ги освои трите бода од гостувањето во Кратово и му го нанесе вториот пораз на Силекс во првенството. Стружани постигнаа три убави голови и дојдоа до триумфот, со што стигнаа до шестата победа во сезоната, и делба на првото место на табелата со Вардар. Струга ТЛ имаше предност од 1-2 на полувремето, а потоа успеа да се одбрани од налетите на Силекс, и на крајот да даде уште еден гол за конечен триумф, после „ремито“ со Шкендија минатото коло.
Во осмата минита по акција на гостите од левата страна, Фал центрира до Компаоре, кој со волеј го совлада Џеков. Во 33. минута најубавиот момент на средбата. Хамза изведе слободен удар од 25-26 метри од голот на Џеков, шутираше убаво и прецизно во горниот лев агол, Џеков се обиде да интервенира, но топката заврши во неговиот гол, па Струга ТЛ го удвои водството. Домашната екипа успеа да се врати резултатски во 41. минута од средбата. Долга акција, по која Додев го проигра Мирчевски во шеснаесетникот на гостите, а потоа овој асистираше до Хрвановиќ, кој од прва со силен удар го совлада Анџелети за намалување на резултатот. Силекс имаше шанса за израмнување веднаш на стартот на вториот дел, меѓутоа ударот на Пиреш заврши само за малку крај голот. И Струга ТЛ се закани преку Компаоре, кој се обиде, но топката отиде само над голот. Мирчевски во 67. минута имаше супер шанса за израмнување, неговиот обид со глава завршува сантиметри крај левиот дирек од голот на Струга ТЛ.
Имаше шанса Воша за 1-3, меѓутоа неговиот удар заврши само крај голот. Пиреш се најде во добра ситуација во 80. минута да израмни, шутот беше прецизен, но Анџелети се истакна со убава одбрана. Струга ТЛ стави „печат“ на победата во првата минута од судиското надополнување. Топката стигна до Зенку, кој одкосо од десно шутираше прецизно во голот на Џеков за водство од 1-3 за дефинитивно гостите со три бода да си заминат од Кратово.
Најдобриот македонски одбојкар претставен во Букурешт
Македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев има нов клуб во клупската кариера. Нашиот најдобар одбојкар ќе заигра во романскиот гигант Рапид Букурешт.
Новиот клуб на Ѓорѓиев се испофали на социјалните мрежи каде што сподели објава во која имаше само пофални зборови. Од Рапид нагласија дека Македонецот ќе биде огромно засилување, има импресивна кариера зад себе и го сместија во топ 500 најдобри одбојкари на сите времиња.
„Еден од највреднуваните странски одбојкари кои играле во романскиот шампионат е нов член на Рапид. Неверојатниот Никола Ѓорѓиев ќе биде сила во нападот. Никола е вклучен во топ 500 најдобри одбојкари на сите времиња, рангиран како 451. Со импресивна кариера зад себе, тој ќе ни донесе искуство, сила и одлучност на терените. Капитен на репрезентацијата на Македонија и играч со огромно искуство во најголемите европски и азиски лиги“, стои во објавата.
Никола Ѓорѓиев ќе ја одигра својата 21 кариера во интернационалната одбојка. Во минатото настапуваше за клубови од Словенија, Србија, Италија, Јапонија, Полска, Турција и Германија.
Луис Енрике е тренер на годината според „Франс фудбал“
Како и секоја година се бираат најдобрите во фудбалот на повеќе нивоа. Наградата за најдобар тренер сосема очекувано замина во рацете на Луис Енрике
Шпанскиот тренер го водеше ПСЖ до фамозната „триплета“ и поради тоа котираше најдобро во изборот.
Во конкуренција за најдобар тренер беа уште Арне Слот Антонио Конте и Ханси Флик.
Во женскиот фудбал наградата за најдобар тренер ја доби Сарина Вигман. Англиската селекторка која ја водеше репрезентацијата до трофејот на Европското првенство кое се одржа во Швајцарија.
Дембеле ја освои „Златната топка“ на „Франс фудбал“
Усман Дембеле, фудбалерот на ПСЖ и репрезентативец на Франција, е новиот освојувач на „Златната топка“ по блескавата сезона во дресот на францускиот гигант од „градот на светлината“.
Наградата на Дембеле му ја додели бразилската фудбалска икона Роналдињо
Французинот, како најдобар стрелец на тимот (35 гола), одигра многу важна улога: го постигна единствениот гол на „Енфилд“ против Ливерпул во реваншот од осминафиналето на ЛШ, запиша две асистенции со Астон Вила во четвртфиналето, еден гол и една асистенција против Арсенал во полуфиналето и уште две асистенции во финалето со Интер.
Усман Дембеле е шестиот фудбалер од Франција кој освојува „Златна топка“ и тоа ја прави земјата рекордер, по Германија и Италија со по пет освојувачи.
Јунајтед со храбра понуда: Кеш и Меину за Валверде
Манчестер Јунајтед наводно подготвува амбициозен потег за да го донесе Федерико Валверде од Реал Мадрид, нудејќи го младиот Коби Меину заедно со значителна парична сума. Иако 27-годишниот Уругваец не е меѓу најгласните имиња во светскиот фудбал, неговата улога во тимот на кралскиот клуб е од огромна важност. Валверде се смета за иден капитен и е клучен дел од плановите на тренерот Чаби Алонсо.
Мeину, производ на младинската школа на Јунајтед, има тешкотии да се вклопи во стартната постава под менаџерот Рубен Аморим. И покрај потенцијалот, ретко добива константна минутажа. Во летниот преоден рок побара позајмица за да добие повеќе играчко време пред Светското Првенство, но клубот ја одби таа опција. Сега, тој станува дел од трансфер стратегијата на Јунајтед.
Но, Реал Мадрид не покажува интерес за понудата. Иако го ценат талентот на Меину, извори блиски до клубот велат дека Валверде не е на продажба. Уругваецот е клучна фигура не само на теренот, туку и како лидер во соблекувалната.
Моментално, разговорите се во почетна фаза, со посредници кои ја тестираат ситуацијата. Но, подготвеноста на Јунајтед да се откаже од домашен талент и да додаде значителен износ пари јасно покажува колку го посакуваат Валверде и колку се сериозни во намерата да го донесат во Премиер Лигата.
Јунајтед и Челзи во трка за ѕвезда на Јувентус
Манчестер Јунајтед и Челзи се во директна трка за потписот на дефанзивецот на Јувентус и бразилската репрезентација, Глеисон Бремер.
28-годишниот одбранбен играч остави силен впечаток со своите сигурни настапи во Серија А и за Бразил, станувајќи еден од најдобрите дефанзивци во Италија. Познат по својата физичка моќ, прецизно поставување и стабилна игра, тој се вклопува совршено во модерниот профил на централен бек.
Јувентус е подготвен да размисли за негова продажба, но само под услов на понуда што соодветно ќе ја одразува неговата вредност и значење. Клубот од Торино внимателно ги разгледува опциите, додека интересот од Англија расте.
Манчестер Јунајтед го гледа Бремер како клучно решение за своите проблеми во одбраната, а и Челзи сериозно ја разгледува можноста да го донесе, со што се најавува вистински дуел на трансфер-пазарот.
Барса го мерка Бернардо Силва додека Манчестер Сити чека одговор
Спортскиот директор на Барселона, Деко, подготвува смел потег за да го донесе Бернардо Силва од Манчестер Сити на Камп Ноу, и тоа без да плати трансферна сума.
Договорот на Силва со Сити важи до јуни 2026 година. Барселона испитува опции да го ангажира како слободен агент на крајот од оваа сезона. Португалецот e познат по својата креативност, борбеност и флексибилност во нападот.
Сити се обидува да го задржи со нов договор, но Силва сè уште не се изјаснил, што го привлече вниманието на каталонскиот клуб. Во Барса го гледаат како идеален профил за да се надгради средниот ред.
Овој потег е дел од поширока стратегија за економска обнова на тимот, особено со оглед на финансиските ограничувања и амбициите на клубот да се натпреварува на највисоко ниво во Ла Лига и Лигата на шампионите. Искуството и интелигенцијата на Силва би донеле длабочина и лидерство во средниот ред.
Во наредните месеци се очекува интензивирање на преговорите, додека Барса се обидува да ја искористи можноста и да го доведе Силва без отштета, трансфер што може да биде клучен за наредната сезона на клубот.