feature

Вардар го продолжи договорот со Спахиу

Почетокот од зимскиот преоден рок Вардар го користи да ги продолжи договорите на дел од своите фудбалери, клубот потврди дека Едиз Спахиу ќе го носи црвено-црниот дрес и во наредните две години.

Вардар и Спахиу потпишаа продолжување на соработката до јуни 2028 година.

„Роден во Гостивар, 24 годишниот напаѓач на Вардар, Едиз Спахиу, ја продолжи верноста со најтрофејниот клуб уште две години. Минатата година во зимскиот преоден рок прејде од екипата на Тиквеш, со која го освои трофејот Куп на Македонија една година претходно, за да минатата година со екипата на Вардар повторно го подигне победничкиот пехар на Купот на Македонија. Се работи за изворедно брз, експлозивен, интелегентен играч од нападот, од кого црвено-црните очекуваат уште многу погодоци во противничките мрежи, притоа обезбедувајќи услови за тренинг и напредок како во ниту еден клуб во државата. ФК Вардар и Спахиу заедно ќе бидат до јуни 2028 година“, стои во соопштението на ФК Вардар.


Јуве и Рома со рутински победи на првите гостувања во 2026 година

По ремито со Лече во претходното коло, Јувентус вечерва се врати на победничките патеки, славејќи убедливо со 0-3 на гостувањето кај Сасуоло.

„Старата дама“ не прикажа спектакуларна игра, но за разлика од минатиот натпревар, овојпат беше далеку поефикасна во завршницата.

Јувентус поведе во 16. минута, а во погодокот имаше и доза на среќа. По нафрлувањето на Калулу, дефанзивецот Мухаремовиќ несреќно ја погоди сопствената мрежа.

Тоа беше единствениот гол во првиот дел, а во продолжението гостите експресно го решија прашањето околу победникот. Во рок од само една минута, Јувентус постигна уште два погодоци, најпрво Мирети се запиша во листата на стрелци во 62. минута, а веднаш потоа Дејвид ги постави конечните 0-3.

Претходно денеска победа забележа и Рома која е во борба за четвртата позиција со Јувентус. „Волчицата“ го совлада Лече со 0-2.


Лука Зидан: Среќен сум што моите родители се на Африканскиот куп на нации и што ме поддржуваат

Алжирскиот репрезентативен голман Лука Зидан ја пофали поддршката што ја доби од своите родители на Африканскиот куп на нации.

„Среќен сум што се тука и што ме поддржуваат. Сите играчи знаат: кога семејството доаѓа, тоа е посебно“, го цитира „SNTV“ 27-годишниот голман.

Лука е син на Зинедин Зидан, шампион на Светското првенство и Европа со француската репрезентација.

Во групната фаза на Африканскиот куп на нации, Лука Зидан му помогна на својот тим да ги победи Судан (3:0) и Буркина Фасо (1:0). Неговиот татко беше присутен на двата натпревари.

Алжир вечер од 17:00 часот ќе се соочи со Демократска Република Конго во осминафиналето.


Словенецот Домен Превц ја освои турнејата „Четири скокалници“

Словенецот Домен Превц влезе во историјата како трет Словенец, а втор член на семејството Превц, кој триумфираше на Новогодишната турнеја, Четири скокалници. Тој го освои Златниот орел, со освоени 1195,6 поени и беше подобар од Австријците Јан Херл (-42,3) и Стефан Ембахер (-45,0) во генералниот пласман.

Превц го освои второто место на последната скокалница, во Бишофсхофен со скокови од 138 и 138,5 метри кои „вредеа“ 299,8 поени, а минатогодишниот победник на турнејата, Даниел Чофениг, победи на последната станица од Турот. Австриецот застана на 137, а потоа на 140,5 метри, доволно за 303,9 поени.

Иако тоа не е вообичаена практика – Чофениг, како минатогодишен победник и победник во Бишофсхофен, му го врачи трофејот на 26-годишникот од Крањ, а подиумот во вторник вечерта го пополни Јапонецот Рјоју Кобајаши, трикратен победник на Четири скокалници, со 299,8 поени по скокови од 137 и 138 метри.

Ова е 12-ти пат Превац да освои место на подиумот по ред и 13-ти пат во оваа сезона во Светскиот куп.

Само во две изданија (на премиерата во Лилехамер, Норвешка, беше четврти, а три дена подоцна во Фалун, Шведска, беше на 13-то место) не се искачи на подиумот.


Солскјер се нуди во својот Јунајтед

Откако Рубен Аморим беше отпуштен, прашањето за долгорочно решение за менаџерската позиција повторно се отвора на „Олд Трафорд“. Англиските медиуми, вклучувајќи го и познатиот италијански инсајдер Фабрицио Романо, тврдат дека Оле Гунар Солскјер покажал интерес за враќање на клупата на Манчестер Јунајтед.

Солскјер првпат пристигна во клубот како привремено решение, но потоа остана 168 натпревари, што јасно покажува дека е способен брзо да го стабилизира тимот во моменти на криза. Сега се чини дека слично сценарио би можело повторно да се случи.

Според британските медиуми, ко-сопствениците на клубот од компанијата INEOS, кои ја презедоа одговорноста за спортскиот сегмент, немале јасно подготвен план откако решиле да го заменат Аморим.

Одлуката е донесена ненадејно, а тренерскиот пазар во јануари традиционално е многу ограничен.


Јуве и Парма преговараат за Пелегрино

Фудбалерот на Парма, Матео Пелегрино, може да биде трансферна цел на Јувентус во текот на јануарскиот преоден рок.

Според анализата, „старата дама“ сака да го засили нападот со класичен центарфор а изборот паднал на корпулентиот играч на „млекарите“.

„Тутоспорт“ објави дека луѓето од Торино се расположени да започнат преговори за Пелегрино иако Парма за неговиот потпис бара 30 милиони евра.


Семења до петок ќе потпише за Сити

Напаѓачот на Борнмаут, Антоан Семењо, ќе го одигра утрешниот меч против Тотенхем во Премиер-лигата по што ќе се пресели во редовите на Манчестер Сити, објави весникот – Атлетик“.

„Црешите“ и Сити се договорија за трансфер во јануарскиот преоден рок но, „граѓаните“ му дозволија на црномурестиот фудбалер да одигра уште неколку мечеви пред да замине на „Етихад“.

Манчестер Сити за интернационалецот од Гана ќе плати 65 милиони фунти во наредните три години.


Лазаров: Со труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот!

Најдобрата ракометна репрезентација на Македонија пак ќе биде доста актуелна на стартот на една календарска година, но уште пред да дојде до било какви анализи за настапите на националниот тим во Хернинг, Федерацијата се одлучи за чекор кој носи голема стабилност во соблекувалната.

Откако Кирил Лазаров ги објави патниците за настап на Европското првенство, Ракометната Федерација на Македонија ја извести јавноста дека двете страни продолжуваа со иста визија, па така селекторот од денес има нов договор.

„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка.

Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок“, рече селекторот.

Оваа вест е најдобрата можна за добро планирање и мир пред претстојното Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка.


Селекторот доби нов договор, Лазаров ќе ја води Македонија до 2029 година

Ракометната федерација на Македонија денес ја извести јавноста дека со заедничка визија, доверба и јасна стратегија за развој на македонскиот ракомет, продолжува соработката со селекторот на машката сениорска репрезентација, Кирил Лазаров.

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов по потписот изјави:

„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година. Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт“.

Откако Лазаров ја презеде репрезентацијата Македонија секоја година е дел од големите светски ракометни смотри.


Познат распоредот на „Жолтиот Куп“: Македонија отвора со Бахреин

По контролниот натпревар против Хрватска на крајот од 2025 година, македонската ракометна репрезентација ќе тестира уште на три меча пред Европското првенство. Познати се термините за настап на нашите ракометари за настапот на „Жолтиот Куп“.

Распоред на натпреварите на Македонија на „Жолтиот Куп“:
8 јануари – Македонија – Бахреин (20:30 часот)
9 јануари – Македонија – Украина (17:45 часот)
10 јануари – Македонија – Швајцарија (18:30 часот)

Репрезентативниот камп на Македонија ќе отпатува кон Швајцарија в среда во раните утрински часови. Планиран е еден попладневен тренинг пред трите натпревари во исто толку дена.