feature

Дибиров открива кој го убедил да замине во Загреб

Рускиот ракометар Тимур Дибиров кој беше член на Вардар девет години, во новата сезона ќе игра за хрватскиот шампион ППД Загреб.

Дибиров откако пристигна во Загреб за медиумите открил дека пред да ја донесе одлуката за новиот клуб имал разговор со неговиот поранешен соиграч од Вардар Иван Чупиќ кој успеал да го убеди да му се придружи во ППД Загреб.

„Кога добив повик од Чупиќ и ми објасни за плановите на клубот, решив да бидам дел од проектот на ППД Загреб. Верувам дека екипата има сили за да биде конкурентен со сите противници во Лигата на шампионите“, изјави Дибиров.


Ливерпул без Алисон и Жота против Манчестер Сити

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, објави дека голманот на екипата Алисон Бекер ќе го пропушти Комјунити шилд натпреварот против Манчестер Сити, но ќе биде подготвен за почетокот на новата сезона во Премиер лигата.

Бразилскиот голман поради повреда нема одиграно натпревар од 12.јули и поразот во пријателскиот дуел со Манчестер Јунајтед.

Стартот на сезоната поради повреда на тетивата најверојатно ќе го пропушти напаѓачот Диого Жота, а според Клоп неговото опоравување ќе потрае подолго од очекуваното.

Комјунити шилд традиционално е првиот натпревар во сезоната, а го играат освојувачот на Премиер лигата и победникот во ФА купот од претходната сезона.


Фетел потврди дека се пензионира од формула 1 спортот

Легендарниот германски возач Себастијан Фетел (35) официјално потврди дека ова му е последна сезона во Формула 1, односно дека ќе се повлече од овој спорт на крајот од тековната натпреварувачка година!

Фетел е една од најголемите легенди на Формула 1 во поновата историја бидејќи четири пати беше шампион со Ред Бул и тоа четири сезони по ред – помеѓу 2009 и 2013 година. Германецот дефинитивно означи нова ера во Формула 1, а заминува по уште една разочарувачка година во болидот на Астон Мартин.

Вреди да се напомене дека во текот на кариерата Фетел оствари дури 53 победи на трките во Формула 1, со што беше трет на вечната листа, веднаш зад Луис Хамилтон (103) и Михаел Шумахер (91), додека на подиумот се искачи вкупно 122 пати.


Фенербахче ја засили одбраната со Луан Перес

Бразилскиот фудбалер Луан Перес е нов играч на Фенербахче, соопштуваат од турскиот клуб.

28-годишниот играч од одбраната, минатата сезона настапуваше за Марсеј, а според наводите во медиумите, неговиот трансфер во Фенербахче изнесува пет милиони евра.

Гигантот од Истанбул во средата беше елиминиран од квалификацииите за Лигата на шампиони од киевски Динамо. Минатата сезона Фенербахче заврши на второто место во турското првенство.


Јунајтед ќе тргне по Нејмар ако си замине Роналдо

Манчестер Јунајтед повторно ја разгледува можноста да го привлече напаѓачот на Пари Сен Жермен Нејмар, тврди „Мирор“. Се шпекулира дека Бразилецот ќе биде замената на Кристијано Роналдо. Се чини дека 37-годишниот Португалец нема да остане на „Олд Трафорд“ во новата сезона и поради ова клупските газди веќе работат на пронаоѓање на нов напаѓач кој ќе го заземе неговото место.

Во вторникот имаше средба меѓу Роналдо и шефовите на „црвените ѓаволи“, но се чини дека таа не завршила позитивно, а фудбалерот уште еднаш изјавил дека сака да си замине. Тој го пропушти претсезонскиот тренинг во Австралија и продолжува да тренира одвоено од соиграчите, што е јасен знак за неговите намери.

Во исто време, неодамна се појавија гласини дека Пари Сен Жермен е подготвен да го продаде Нејмар ова лето. 30-годишниот Бразилец потпиша од Барселона во 2017 година и постигна 100 гола и даде 60 асистенции за парижаните во последните 5 сезони и му донесе на клубот 4 титули во Лига 1. Сепак, на Паркот на Принцовите преовладува мислењето дека не ја оправда огромната инвестиција од 222 милиони евра бидејќи не успеа да го одведе клубот до триумф во Лигата на шампионите.


Баерн украде тинејџер од Ла Масија

Баерн Минхен го ангажираше 16-годишниот лев бек Адам Азну од Барселона, неколку дена откако го комплетираше договорот за 17-годишниот напаѓач Матис Тел од Рен.

Германскиот шампион бара да ги подмлади своите редови, но додека Французинот Тел се очекува да тренира со првиот тим, Азну на почетокот ќе се подготвува со младинската формација.

Неговиот договор е долгорочен, објави баварскиот клуб.

„Адам е играч од средниот ред со офанзивни функции. Тој е агилен, технички вешт, силен и способен добро да нафрли“, изјави директорот на младинскиот тим Јохен Зауер.

Азну, кој има марокански корени, ќе оди на училиште во Минхен.


Двајт Мекнил е новото засилување за Евертон

Досегашниот фудбалер на Барнли, Двајт Мекнил, својата кариера ќе ја продолжи во Евертон со кого потпиша петгодишен договор.

Според објавите во медиумите, трансферот е вреден околу 20 милиони фунти.

22-годишниот Англичанец има одиграно 140 натпревари за Барнли, а од 2018 во Премиер лигата има пропуштено само два натпревари .

Мекнил е третото засилување на Евертон ова лето, после доаѓаето на Тарковски и Винагре.


Балотели: Сон ми е да заиграм за Наполи

Во разговор за италијанскиот Скај Спортс, после одржувањето на пријателската средба помеѓу Наполи и Адана Демирспор, напаѓачот на турската екипа Марио Балотели ја повтори својата изјава дека животна желба му е да заигра за Наполи, но ги кажа и причините поради кои тоа не се случило.

„Отсекогаш сум кажувал дека мојот сон е да играм за Наполи. Јас многу го почитувам претседателот на клубот Де Лаурентис, но тој никогаш не ме повика во екипата и поради тоа никогаш не пристигнав во Наполи“, истакна 31 годишниот голгетер.

Балотели минатата сезона во Турција одигра одлични натпревари и постигна 18 гола на 31 дуел, со што повторно влезе во старата форма. Можеби добрите партии на напаѓачот во Турција ќе го натераат Де Лаурентис да испрати покана за Балотели и да му се оствари неговиот сон.


Фиорентина му нуди нов договор на Никола Миленковиќ

Дефанзивецот на Фиорентина, Никола Миленковиќ е блиску до продолжување на договорот со клубот. Виолетовите сакаат да ја зголемат платата на играчот на 3,5 милиони евра годишно. Договорот кој би го потпишале ќе биде со важност до летото 2025 година. Да потсетиме дека актуелниот договор на Србинот со Фиорентина истекува во 2023 година, а според истиот дефанзивецот заработува по 2,2 милиони евра.

Никола Миленковиќ потекнува од школата на Партизан. Во 2017 година, Миленковиќ се пресели во италијанска Фиорентина за време на летниот преоден рок. Трансферот изнесуваше 5,1 милиони евра. На 22 декември 2017 година, Миленковиќ дебитираше за Фиорентина на мечот со Каљари (1-0).


Жил Кунде е нов фудбалер на Барселона

Од Барселона соопштуваат дека клубот постигна договор со Севиља околу трансферот на Жил Кунде.

23-годишниот француски дефанзивец е веќе во Барселона, и својот договор со каталонскиот клуб ќе го потпише веднаш после лекарските прегледи.

Барселона засега не ја открива должината на договорот, ниту висината на трансферот.

Шпанските медиуми наведуваат дека фиксниот дел од обештетувањето ќе изнесува околу 50 милиони евра, плус 10 милиони во бонуси.