ЕУРО 2020 – 19. Словачка одблиску
Словачка нема намера да биде само учесник на Европското првенство!
Фудбалската репрезентација на Словачка е национален машки фудбалски тим раководен од фудбалскиот сојуз на Словачка. Од 2016 година, натпреварите на домашен терен, словачката репрезентација ги игра на реновираниот стадион Антон Малатинскиј во Трнава. Словачката репрезентација го има еден од најмладите национални фудбалски тимови во светот, откако се раздели од репрезентацијата на Чехословачка по распадот на обединетата држава во 1993 година. Оттогаш, Словачка има сопствена фудбалска репрезентација која се натпреварува на сите големи професионални турнири.
Словачка се квалификува на две големи првенства досега, на Светското првенство 2010 година и на Европското првенство во 2016 година. Словачка изборила пласман на Светското првенство во 2010 година, кое се одржа во Јужна Африка, завршувајќи на првото место во својата квалификациска група и покрај двата порази од Словенија. Во групната фаза од првенството, Словачка ремизираше со Нов Зеланд и забележа победа од 3-2 над Италија, со што се пласирала во осминафиналето, во кое беше поразена од финалистот Холандија со 2-1. Тоа беше првпат Словачка да се пласира на големо фудбалско натпреварување, откако играше во секој квалификациски циклус за Светско првенство од 1998 и секој квалификациски циклус за Европско првенство од 1996 година. Словачката репрезентација беше на чекор до пласман на Светското првенство 2006, но во баражот загуби од Шпанија. Словачка не успеа да се квалификува за Светското првенство во 2014 година, но обезбеди пласман на Европското првенство во 2016 во Франција под водство на селекторот Јан Козак, кој му помогна на тимот да го достигне рекордното 14-то место на ФИФА ранг листата.
Најголемата словачка ѕвезда потпиша за Гетеборг
Најдобриот слоовачки фудбалер, Марек Хамшик пред неколку месеци стана играч на ИФК Гетеборг. 33-годишниот Словак потпиша договор со клубот до крајот на летото 2021 година.
Договорот на Хамшик со кинескиот клуб Далиан Инфанг истече и тој реши да се врати во Европа.
Фудбалерот стекна слава во репрезентацијата на Словачка и во италијански Наполи. Тој го држи рекордот по број на одиграни мечеви за наполитанците и е втор на голгетерската листа во историјата на клубот.
Во сезоната 2020/21 Гетеборг го зазеде 12-тото место во шведското првенство.