Ветеранот Љоренте бара нов клуб, најблиску е до потпис во Чемпионшип
Фернандо Љоренте во моментов е слободен агент откако му заврши договорот со Удинезе и си бара нов клуб.
Љоренте нема намера да стави крај на кариерата и активно бара нов ангажман, пренесува „Мундо Депортиво“.
Медиумите откриваат дека Љоренте бил предложен на Интер и Јувентус, меѓутоа тие не покажале интерес за ветеранот.
Постои можност Љоренте да ја продолжи кариерата во Чемпионшип, бидејќи во моментов е слободен агент и слободно може да потпише со нов клуб.
У-19 репрезентацијата на меѓународен турнир во Словенија
Mладата репрезентација на Македонија предводена од селекторот Дашмир Беари во периодот од 1. до 7. септември учествуваше на меѓународен турнир за фудбалери до 19 години во Словенија.
Нашите млади фудбалери на овој турнир одиграа три силни натпревари против домаќинот Словенија, Саудиска Арабија и Словачка.
Првиот натпревар го одигравме на 2. септември против Словенија. Нашите фудбалери може да жалат за претрпениот пораз од домаќинот. Македонија имаше предност од 2:0 и 3:1, но на крајот беа поразени со 4:3. Одличен натпревар одигра нашиот голман Гоце Јовчев, кој покрај одбранетиот пенал на противникот имаше и неколку одлични интервенции.
Во второто коло, Македонија одигра натпревар против Саудиска Арабија. На овој меч, нашите репрезентивци имаа предност од 1:0, но на крајот Саудиска Арабија постигна погодок за израмнување за конечни 1:1. Натпреварот го одбележа тешката повреда на нашиот фудбалер, Андреј Стојчевски, кој доживеа скршеница на раката.
Последниот дуел го одигравме против селекцијата на Словачка. Натпреварот заврши идентично како и дуелот со Саудиска Арабија, 1:1. Нашите фудбалери доминираа во текот на целиот натпревар, беа подобар противник, создадоа многу шанси, но на крајот не успеаа да слават победа.
„Задоволен сум од прикажаната игра, мислам дека резултатот не ја опишува вистинската слика на теренот. На моменти имавме пад на концентарција, мислам дека тоа не чинеше многу на овие три натпревари. Сакам да ја искористам оваа прилика да му посакам брзо закрепнување на нашиот фудбалер, Андреј Стојчевски, кој заработи тешка повреда на дуелот со Саудиска Арабија“. – изјави селекторот Беари.
Нашата репрезентација во октомври ќе одигра два контролни натпревари против Турција, како подготовка за ноемврискиот квалификациски турнир.
Меси во солзи – постигна хет-трик и сруши голем рекорд! (видео)
Лионел Меси со три погодоци му донесе победа на Аргентина над Боливија со 3:0 во квалификациите за Светското првенство.
Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња со хет-трик го сруши рекордот на Пеле по број на голови за некоја јужноамериканска репрезентација и така стана најдобриот стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал во Јужна Америка. Меси постигна 79 погодоци, два повеќе од Пеле.
Аргентинците на овој натпревар со навивачите го прославија трофејот од Копа Америка, а Меси покажа колку му значи тој трофеј.
„Тоа е тоа, ова беше мојот сон. После толку години чекање… немаше поубаво место за прослава. Мојата мајка беше тука, мојот брат… сите многу патевме, а сега славиме. Пресреќен сум.“ – рече Меси.
Аргентина по осум натпревари во квалификациите има пет победи и три нерешени натпревари и го држи второто место на табелата зад Бразил, кој знае само за победи.
Тодоровски и Хајдари ги продожија договорите со Работнички
Фудбалскиот клуб Работнички по заокружување на летниот преоден рок се фокусира на фудбалерите од сопствениот погон. Клубот ја продолжи соработката со двајцата одлични млади фудбалери, младинскиот репрезентативец Димитар Тодоровски и напаѓачот Бујар Хајдари.
Фудбалерот за врска Димитар Тодоровски го продолжи договорот за една дополнителна година. Тој е дете на клубот и останува „романтичар“ до јуни 2023 година.
Напаѓачот Бујар Хајдари потпиша двегодишен договор со Работнички.
„По заокружувањето на летниот преоден рок, клубот се фокусира на продолжување на договорите на сопствениот кадар. Продолжувањето на соработката со младите и талентирани фудбалери отсекогаш било цел на Работнички. Димитар Тодоровски е веќе докажан првотимец, дете на клубот и младински репрезентативец и ни претставува особено задоволство што ќе остане во клубот и во наредниот период. Бујар Хајдари исто така потекнува од нашата младинска академија и веруваме дека ќе се наметне со целиот потенцијал во претстојната сезона“, изјави спортскиот директор Горан Станковски.
Работнички в недела, во продолжението на првенствената сезона на арената „Тодор Проески“ го пречекува тимот на Брегалница.
Тебас продолжува со напади на адреса на ПСЖ
Првиот човек Примера, Хавиер Тебас, повторно ги критикува челниците на ПСЖ кои трошат енормни суми за засилувања.
„Тоа што го прави ПСЖ е исто толку опасно како и проектот за Супер- лигата бидејќи ќе го уништи европскиот фудбал. Клубот троши повеќе од 600 милиони евра за плати. Тоа не може да преживее“, рече Тебас.
Познато е дека шпанскиот шампионат останa без две големи ѕвезди откако Лео Меси и Серхио Рамос се преселија на „Паркот на принцовите“ како што тоа пред неколку години го направи Нејмар .
Мароканецот Ен Незири најнова трансфер цел на Арсенал
Арсенал е силно заинтересиран за напаѓачот на Севиља, Јусуф Ен Несири.
24-годишниот Мароканец одигра фантастична сезона со Севиља и го привлече вниманието на многу европски гиганти, меѓу кои и на Арсенал.
„Топџиите“ сакаат да го донесат напаѓачот следното лето, бидејќи Севиља тешко дека ќе се согласи да го пушти најдобриот играч на средина од сезоната.
Арсенал се очекува следното лето да се раздели со Обамејанг и Лаказет, па Ен Несири ќе биде примарна трансфер цел.
Дел Потро се уште планира да се врати на теренот
Аргентинскиот тенисер Хуан Мартин дел Потро изјави дека очекува следната година да се врати на теренот. Шампионот на УС Опен од 2009. година моментално е во Њујорк и ја искористи можноста да се „дружи“ со легендарниот Џон Мекинро.
„Сакам предизвици, без разлика дали се на тениското игралиште или во животот. Сепак, ова е најтешкиот натпревар во мојата кариера, бидејќи не можам да се справам со вакви повреди, со оваа болка што ја чувствувам сега. Но, јас се уште се обидувам и ќе се обидувам – рече Дел Потро, кој ужива во Големото јаболко, пренесува веб -страницата на АТП.
„Мило ми е што се вратив, ова место е посебно за мене. Имав шанса да играм на него. Ова е моето место, мојот турнир. Се надевам дека ќе се чувствувам подобро и дека следната година ќе бидам на теренот“.
Аргентинецот имаше четири операции на коленото во последните три години, а последната повреда ја доживеа во 2019 година на турнирот во Квинс.
„Ова е живот. Верувам во себе и еден ден сето ова ќе помине. Мислам дека испратив порака до децата, сите играчи и луѓе ширум светот, никогаш да не се откажуваат од сонот“ – изјави Дел Потро.
Мустафи поради бројот не може да биде регистриран во Леванте
Поранешниот германски репрезентативец Шкодран Мустафи го напушти Арсенал по пет години поминати во Лондон и се насели во Леванте.
Дури и за време на престојот во англиската престолнина, тој честопати доаѓаше во центарот на вниманието поради бизарни ситуации, а такво нешто се случи и со неговото пристигнување во новиот клуб. Поранешниот играч на Валенсија стана играч на градскиот ривал Леванте, но неговиот почеток таму не беше баш најдобар, бидејќи неговата регистрација беше блокирана поради клупска грешка.
Леванте му го даде бројот 13 на дресот, со што прекрши две правила. Имено, во шпанската лига, тој број можат да го имаат само резервните голмани, а второто правило е прекршено бидејќи по почетокот на сезоната, бројките што беа зафатени не можат да се променат.
Голманот Аитор Фернандез веќе го носеше бројот 13 во првите два натпревари, а кога голманот го напушти клубот, Коке го презеде бројот 1. Коке не играше, па „единицата“ беше достапна, додека бројот 13 според правилата во Ла Лига мора да почека нов сопственик до крајот на следната сезона.
ФИФА планира Мундијал на секои две години
Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино од Доха, престолнината на земјата домаќин на Мундијалот 2022 во Катар, ја повтори идејата за одржување светски првенства на секои две години.
Го проучуваме календарот и се советуваме со сите страни. Секако, во сето тоа пред сè сакаме да го слушнеме гласот на самите протагонисти, односно играчите и тренерите. Ништо во старт не би сакал да го отфрлам како идеја, изјави Инфантино.
Ова не е првпат Инфантино да навестува евентуално одржување во иднина Мундијал на секои две години, идеја на која веќе многумина отворено се спротивставија, вклучувајќи членови на Европската фудбалска организација и Меѓународниот олимписки комитет.
Италијански готвач ја откри тајната на успехот на Роналдо
Познато е колку Кристијано Роналдо се грижи за своето тело и здравје. Тренира во просек по осум часа дневно и се е подредено да и во 36. годна од животот на теренот изгледа како младинец.
Тајната на неговата исхрана ја открива италијанскиот готвач Џорџо Бароне. Тој во 2018. година го напушти работното место во Сицилија и отиде да готви за Роналдо, кој тогаш се пресели во Торино. Бароне со Роналдо живееше три години, а сега Португалецот се пресели во Манчестер.
„За телото мора да се грижите како да е Ферари.“ – вели Бароне и продолжува:
„Тој се храни со здрава, органска и природна храна. Риба, пилешко, јајца, говедско, авокадо и црн ориз. Тука не недостасува ниту зеленчук, салати, морски плодови.“
Готвачот Бароне тврди дека најголемата тајна се крие во специјалното кокосово масло. Се работи за состојка која го штити имунолошкиот систем и помага во согорувањето на мастите.
„Храната ја готвев со кокосово масло. Важно е да се пие многу прочистена вода.“ – додава Бароне, кој го истакна следново:
„Планот на Роналдо е комбинација од исхрана и напорен тренинг, а и одморот му е темелно планиран.“