feature

ПСЖ му нуди нов договор на Меси

Шпанскиот весник Марка пренесува дека челниците на Париз Сен Жермен во наредните неколку дена ќе му понудат нов договор на фудбалската суперѕвезда Лионел Меси.

Меси во клубот од Париз пристигна минатата година од Барселона и има договор со клубот до 30.јуни 2023 година.

Извори од шампионот на Франција известуваат дека на аргентинскиот фудбалски репрезентативец ќе му биде понудено да остане во клубот до 2024 година. За очекување е дека Меси својата одлука за новата понуда ќе ја донесе после завршувањето на Светското фудбалско првенство во Катар.

Меси минатата сезона во дресот на ПСЖ одигра 34 натпревари и постигна 11 гола.


Манчестер Јунајтед е многу блиску до доведување на Мартинез од Ајакс

Фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед е во поодминати преговори со Ајакс околу ангажман на дефанзивецот Лисандро Мартинез.

Преговорите за трансферот на 24-годишниот Аргентинец траат неколку дена, и според англиските медиуми фудбалерот може да стане нов играч на Јунајтед до крајот на викендот.

Мартинез сака повторно да соработува со тренерот Ерик тен Хаг со кого работеше во Ајакс. За клубот од Амстердам Мартинез има одиграно 120 натпревари и постигна шест голови.


Реал го ставил Азар на трансфер листа

Реал Мадрид повеќе нема трпение за белгискиот репрезентативец Еден Азар, па реши да го стави на трансфер-листата и подготвени се „кралевите“ ова лето да го продадат ако пристигне пристојна понуда.

Карло Анчелоти сака да го задржи во тимот, но нема ништо против да си замине Белгиецот затоа што нема големо влијание во клубот.

Азар не се прилагоди во Мадрид, иако беше платен 100 милиони евра во 2019 година, а голем проблем му создадоа и повредите поради кои беше често надвор од фудбалските терени.


РК Алкалоид го потврди учеството на Струшкиот турнир

Новиот ракометен суперлигаш Алкалоид ќе биде дел од традиционалниот турнир во Струга кој ќе се одржи од 16. до 20. август на познатата локација „Женска плажа“.

Досега своето официјално учество на турнирот го потврдија домашните екипи Еурофарм Пелистер, Вардар 1961 и домашната екипа Струга, а од странство учесници ќе бидат екипите на Целје Пивоварна Лашко, АЕК Атина и Татран Прешов.

Оваа година турнирот го слави јубилејното 50.издание и е еден од ретките турнири кој се одржува на отворено.


Барса добива финансиска инјекција од преку 300 милиони евра

Барселона е на добар пат да добие нова финансиска инјекција од 330 милиони евра, пренесуваат шпанските медиуми.

Откако неодамна клубот добива 207 милиони евра со продажбата на 10% од телевизиските права за следните 10 години, сега е на пат да комплетира уште една зделка. Сега каталонскиот клуб ќе продаде 49% од сестринската компанија „БЛМ“, која се занимава со марчендајзинг на клубот и ќе добие 330 милиони евра. Со овие средства клубот ќе може финансиски да се рехабилитира и да биде активен на трансфер пазарот.

Медиумите очекуваат дека после трансферот на Рафиња, Барселона сега да тргне во финализирање на трансферот на Левандовски, а не е исклучено пристигнување на уште една ѕвезда како Кунде или Бернардо Силва.


Руските тенисери добиваат забрана за Вимблдон и следната година

Раководството на Вимблдон е подготвено да им забрани учество на руските и белоруските тенисери на Грен слем турнирот во Лондон и следната година.

Конечната одлука треба да биде донесена во март следната година, но организаторите на Вимблдон се подготвени да ја повторат овогодинешната забрана, доколку војната во Украина продолжи.

На Вимблдон наводно се подготвени уште еднаш да организираат турнир на кој нема да се доделуваат бодови и не се грижат многу за казните на АТП и ВТА во овој поглед.

Организаторите на турнирот во Лондон се водат од фактот дека Меѓународниот олимписки комитет наводно е блиску до одлука да им забрани на руските спортисти да учествуваат на Олимписките игри во Париз во 2024 година.

Неодамна завршениот Вимблдон не беше вреднуван со бодови на АТП листата, па најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ стана најголемата жртва во несогласувањето меѓу организаторите на престижниот турнир и АТП.


Видал претставен во Фламенго, го доби дресот со број 32

Aртуро Видал сега и официјално има нов клуб откако Фламенго го објави потписот со халфот на слободен трансфер. Пред два дена тој се раздели со Интер каде ги мина последните две години и на 35 години се враќа во Јужна Америка.

„За некои тоа е сон, за други – ноќна мора. Дали се се превртува наопаку? Само реалност: Артуро Видал е во Фламенго!“, напиша прес-службата на „црвено-црните“ од Рио де Жанеиро.

Во својот нов тим Чилеанецот ќе игра со број 32 и дури беше претставен пред навивачите пред натпреварот против Атлетико Минеиро на турнирот во Купот на Бразил.


Клуб од Саудиска Арабија му нуди на Роналдо 250 милиони евра за две години

Португалски и шпански медиуми пренесуваат дека до 37-годишниот Кристијано Роналдо стигнала понуда од неименуван клуб од Саудиска Арабија вредна 125 милиони евра по сезона.

Договорот со Роналдо би бил на две години, со што тој би заработил фантастични 250 милиони евра и би станал најплатениот фудбалер во историјата. Истиот клуб ќе издвои и 30 милиони евра за Манчестер Јунајтед како и 20 милиони на име провизија за менаџерите.

Португалскиот репрезентативец не се појави на почетокот од подготовките за следната сезона со екипата на Манчестер Јунајтед поради семејни причини, а доби и дозвола од клубот да ја пропушти турнејата на Тајланд.


Пауло Дибала и Рома блиску до договор

Италијанските медиуми наведуваат дека аргентинскиот фудбалер Пауло Дибала би можел да се пресели во Рома после намалениот интерес од Милан и Интер.

Дибала е слободен играч после поминати седум години во Јувентус. Тој беше на чекор до потпишување на договор со Интер, меѓутоа по враќањето на Лукаку на Сан Сиро, Дибала падна во втор план.

Според информациите, челниците на Рома се подготвени да платат за Дибала 6 милиони евра по сезона. Иако екипата предводена од Мурињо не настапува во Лигата на шампиони сепак изгледа дека Дибала посакува да остане да игра во Серија А.


Озил го замени Фенербахче со Истанбул Башахшекир

Месут Озил си најде нов клуб. 33-годишниот играч од средниот ред кариерата ќе ја продолжи во Истанбул Башахшехир..

Фенербахче неделава го раскина договорот со поранешниот германски репрезентативец. Озил беше исфрлен од тимот поради конфликт со вршителот на должноста тренер на тимот  Исмаил Картал. Последниот натпревар за турскиот клуб го одигра на 20 март.

Новиот тренер на Фенербахче, Жорж Жесус, исто така не сакал да го врати фудбалерот во составот и не го вклучи во составот кој се подготвува за новата сезона.