feature

Пиоли: Леао ме потсеќа на Тјери Анри

По дерби победата над Рома, Милан има на хартија полесен распоред во Серија А и следат два натпревари против Венеција и Специја, на кои тренерот Стефано Пиоли очекува максимални шест бода со цел да се зголеми притисокот врз Интер.

Тренерот на Милан остана посебно задоволен од изданието на неговиот тим против Рома, без оглед на тоа што во стартната постава не се најдоа играчи како Златан Ибрахимовиќ и Рафаел Леао, офанзивци кои во добар дел од сезоната правеа главна разлика на теренот.

Леао беше стрелец на голот за конечни 3-1 против Рома, додека Ибрахимовиќ промаши пенал во самата завршница, поради што самиот се казни со неколку шлаканици во лицето.

„Леао, многу ме потсетува на Тјери Анри. Сепак, мора да се убеди себеси дека талентот не е доволен, мора да има правилен менталитет и да биде амбициозен. Некој како него мора да размислува да го достигне врвот во светскиот фудбал, но талентот не е доволен. Тој го разбира тоа и мора да продолжи напорно да работи“, потенцира Пиоли.


Билиќ спогодбено го раскина договорор со кинескиот Пекинг Гуан

Славен Билиќ, поранешниот хрватски селектор, спогодбено го раскина договорот и повеќе не е тренер на кинескиот прволигаш Пекинг Гуан.

Веста официјално ја објави кинескиот клуб во текот на денешниот ден, а беше наведено дека 53-годишниот хрватски стратег одлучил да го напушти клубот за да биде со своето семејство за време на ковид-пандемијата.

Билиќ дојде во Пекинг Гуан во јануари 2021 година и го предводеше тимот до петтото место во кинескиот шампионат, кој штотуку заврши.

Освен како селектор на Хрватска, Билиќ претходно работеше и за Хајдук, московски Локомотив, Бешикташ, Вест Хем, Ал-Итихад и Вест Бромвич Албион.


Сенегал со 9 репрезентативци позитивни на Ковид

Сенегалската фудбалска репрезентација на својот прв натпревар од Купот на Афричките нации против Зимбабве, ќе мора да настапи без 9 репрезентативци поради нивниот позитивен Ковид тест.

Според информациите, прв заразен фудбалер бил членот на Наполи, Кулибали, за потоа да следуваат позитивни тестови и од други осуммина соиграчи од тимот.

Иако се работи за голем број недостапни играчи, сепак средбата ќе се одигра бидејќи досега не е побарано одложување на истата.


Рафаел Надал победник на турнирот во Мелбурн

Шпанецот, Рафаел Надал, е победник на АТП турнирот од серијата 250 кој се одржа во Мелбурн.

Тој во финалето со 2:0 во сетови го совлада домашниот тенисер, Максим Креси. 

Со оваа победа, Надал го запиша својата 89 тениска титула во кариерата и истовремено го сруши и рекордот на Андре Агаси, освојувајќи барем една титула во 19. сезони по ред.


Рибери понуден на бразилски прволигаш

Франк Рибери повеќе не е во фокусот на фудбалската јавност, но ветеранот се уште е активен и игра во еден од најсилните шампионати во Европа и тоа во Италија во дресот на Салернитана.

Ова за Французинот е прва сезона во клубот од Салерно, но како што стојат прва и последна затоа што тој веќе бара нова средина. Истово може да се заклучи по информацијата на претседателот на бразилскиот клуб Сеара, Робинсон Де Кастро кој посочи дека офанзивецот му бил понуден на неговиот клуб.

„Ме побараа вчера и ми дадоа понуда да го ангажирам Рибери. Јас не знаев дека тој се уште игра“, рекол Де Кастро.

Франк во април ќе го прослави 39 роденден, сезонава има настапено на 12 мечеви во Серија А и забележано 2 асистенции.


Фабио Канаваро ќе биде селектор на Полска

Поранешниот италијански репрезентативец Фабио Канаваро е фаворит за позицијата селектор на полската фудбалска репрезентација.

48-годишниот Италијанец во Краков веќе оствари средба со претседателот на полската федерација и двете страни имаат начелен договор. Се очекува Канаваро да потпише двегодишен договор. 

Полска остана без селектор по оставката на Португалецот Пауло Соуса. Тој ја напушти селекцијата за да стане тренер на бразилскиот Фламенго.


Кеси започна преговори со Реал Мадрид

Како што пренесуваат шпанските медиуми, екипата на Реал Мадрид е блиску до ангажман на фудбалерот на Милан, Френк Кеси, со кого веќе започна преговори за негово доаѓање на „Сантијаго Бернабеу“.

Планот на Реал е да го доведе Кеси како слободен играч ова лето, бидејќи неговиот договор со Милан завршува во јуни и играчот веќе има право да преговара со останати клубови.

Репрезентативецот на Брегот на Слоновата коска во дресот на Милан е од 2017 година, за кој забележа 205 настапи со постигнати 35 гола и 16 асистенции.


Фалкао го продолжува престојот во Рајо Ваљекано

Колумбиецот Радамел Фалкао ќе остане во тимот на Рајо Ваљекано уште една сезона. Тој досега настапува во одлична форма за екипата каде соиграч му е македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски.

35-годишниот Фалкао досега постигна 5 гола на 11 натпревари во дресот на Рајо и неговата постојана игра ќе му ги задржи шансите за негов настап за Колумбија на престојното Светско првенство во Катар.


Интер му го нуди Алексис Санчез на Евертон

Екипата на Интер сака по секоја цена да се реши од услугите на Алексис Санчез за да ги намали високите трошоци кои ги издвојува за неговата плата.

За таа цел 33-годишниот Чилеанец е понуден бесплатно на премиерлигашот Евертон и тренерот Бенитез.

Ова ќе биде враќање за Санчез во Англија, каде претходно настапуваше за Арсенал Манчестер Јунајтед.


Карабатиќ на списокот на Жил за Европското првенство

Селекторот на Франција, Гијом Жил, го дефинираше списокот на репрезентативците кои треба да настапат на Европското првенство во ракомет.

Голмани: Реми Дезбоне, Винсент Жерар, Весли Пардин. Леви крилa: Уго Деска, Дилан Нахи, Леви бекови: Карл Конан, Ромен Лагард, Тибо Брие. Средни бекови: Кентин Мае, Ајмерик Мин, Никола Карабатиќ. Пивоти: Лудовик Фабрегас, Николас Турна, Тео Монар. Десни бекови: Дика Мем, Мелвин Ричардсон, Жулиен Бос. Десни крила: Беноа Конку, Јанис Лен, Валентин Порт.

„Триколорите“ кои се вбројуваат меѓу фаворитите за освојување на медал, првенството ќе го започнат во  групата Ц во која се уште Србија, Хрватска и Украина.