Костиќ не сака да игра за Ајнтрахт и сака премин во Лацио
Српскиот фудбалски репрезентативец Филип Костиќ го бојкотирал вчерашниот тренинг на Ајнтрахт Франкфурт со надеж дека ќе ги натера сопствениците на клубот да му овозможат трансфер до крајот на преодниот рок.
Како што пренесува германски „Билд“, крилниот напаѓач експлицитно бара да му биде дозволен трансфер во Лацио, додека неговиот клуб не сака да преговра со Лацио за негова продажба.
Костиќ намерно го пропуштил тренингот и на тој начин изрази револт против челниците на клубот.
Милевски доби добри вести: Николов е ковид-негативен и доаѓа во Скопје
Oдлични вести добива новиот селектор на репрезентацијата на Македонија, Благоја Милевски – Бобан Николов добил негативен тест на коронавирус и ќе се стави на располагање.
Николов пред пет дена доби позитивен тест, но за среќа брзо го победи вирусот и вечерва треба да пристигне во Скопје, а утре да се приклучи на подготовките на националниот тим.
Ќе потсетиме, Милевски во составот дополнително го повика Јани Атанасов поради повредата на Аријан Адеми.
Утре репрезентацијата на Македонија ќе го има првиот собир пред дуелите со Ерменија, Ислан и Романија. Ова ќе бидат први натпревари на селекторската позиција за Милевски.
Касемиро: Овие победи ја носат титулата во Ла Лига
Реал Мадрид со 1-0 победи на гостувањето кај Бетис и освои три многу важни бодови од тежок терен за игра. Касемиро смета дека токму овие победи на тешките гостувања ги носат титулите на крајот.
„Ова се три многу важни бододви. Бетис ќе собере бодови од нашите ривали бидејќи тука е многу тешко да се игра“, вели Касемиро.
„Со вакви победи се освојуваат титули. Клучот беше напорната работа на сите и на оние кои подоцна влегоа“.
ПСЖ подготвува 200 милиони евра за Халанд
Челниците на ПСЖ веруваат дека Борусија Дортмунд е подготвена да го продаде напаѓачот Ерлинг Халанд за 200 милиони евра.
Борусија не сака да го пушти Халанд, но 21-годишниот фудбалер има клаузула за откуп од 75 милиони евра, која ќе стапи на сила следната година, а ПСЖ верува дека понуда од околу 200 милиони евра би можела да го убеди Дортмунд да се согласи на продажба на голгетерот уште ова лето.
Претставниците на ПСЖ веќе имале контакт со агентот на напаѓачот, Мино Раиола, за да дознаат дали е можно да се организира негов трансфер неколку дена пред да се затвори преодниот рок. ПСЖ веројатно за трансферот ќе ги искористи парите кои би ги добил од Реал за Мбапе.
Бруклин се раздели со Деандре Џордан
НБА тимот Бруклин Нетс одлучи да се раздели со центарот Деандре Џордан. Според информацијата, ако Бруклин не успее да тргува со Деандре Џордан, неговиот договор може да се откупи. Забележано е дека ситуацијата е комплицирана од фактот што Нетс се соочуваат со тешкотии со потенцијална размена на кошаркар, бидејќи тимот нема вредни драфтови што може да се понудат на другата страна од договорот.
Џордан е во Бруклин Нетс од 2019 година. Неговиот просек во регуларната сезона 2020/2021 беше 7,5 поени, 7,5 скокови, 1,6 асистенции.
Сенев го наследи Грнев на клупата на Кит-Го
Искусниот македонски стратег Трајче Сенев е именуван за нов шеф на стручниот штаб на Кит-Го. Сенев доаѓа на местото на Емил Грнев со кого клубот постигна спогодбен договор за прекин на соработката.
„ФК Кит-Го искажува огромна благодарност на Емил Грнев за досегашниот целокупен ангажман за развојот на Кит Го како фудбалски колектив, искрено посакувајќи му успешна тренерска кариера во иднина“, се вели во клупското соопштение.
Сенев повторно се враќа на кормилото на Кит-Го како еден од најзаслужните за подемот на нашиот клуб во годините на пробив до второлигашката конкуренција. Сенев е препознатлив по промоцијата и афирмацијата на младите фудбалери во клубот и источниот регион.
Претходно во својата тренерска кариера, Трајче Сенев, покрај во Кит Го, беше предводник и на Силекс, Осогово и Брегалница.
Савевски промовиран за селектор на женската ракометна репрезентација
Ракометната федерација на Македонија го именува Љубомир Савевски за селектор и координатор на националните селекции во женска конкуренција.
Љубомир Савевски функцијата Координатор на националните женски селекции ја извршување во период јуни – август 2021 година на Шампионатите кои се одржуваа во Скопје и Клаипеда, каде имаше извонреден успех со генерацијата У-17 кое се одржуваше во Литванија, освојувајќи го првото место, објави РФМ.
Според новиот договор Савевски започнувајќи од септември 2021 година функцијата за која е именуван ќе ја извршува за период од две години.
„Луд“ трансфер период за великаните, а најмногу потроши – Арсенал!
До крајот на летниот трансфер период останаа уште неколку дена, а доколку истиот заврши уште денеска, сигурно ќе биде еден од најспектакуларните во историјата.
Лионел Меси и Кристијано Роналдо ги променија клубовите, а скоро сите големи европски клубови направија големи трансфери и доведоа ѕвезди. Апсолутен „победник“ на трансфер периодот е ПСЖ кој за 76 милиони евра доведе „половина“ екипа. Ашраф Хакими, Данило Переира, Џини Вајналдум, Серхио Рамос, Џанлуиџи Донарума и Лионел Меси се нови играчи на ПСЖ.
Манчестер Јунајтед потроши скоро 150 милиони евра и доведе играчи со кои ќе конкурира за високи цели. Џејдон Санчо, Рафаел Варан и Кристијано Роналдо сезонава го облекуваат дресот на „црвените ѓаволи“.
И додека конкурентите направија одлични трансфери летово, најмногу потроши Арсенал, иако неговите играчи не се ни блиску до квалитетите на оние кои ги доведоа останатите клубови. Микел Артета потроши 147,5 милиони евра, за дури 58,5 милиони го доведе дефанзивецот на Брајтон Бен Вајт. Мартин Одегард е доведен за 35 милиони евра, а за 28 милиони голманот на Шефилд, Арон Ремсдејл. Од Андерлехт пристигна Алберт Самби Локонга за 17,5 милиони, а Нуно Тавареш од Бенфика за 8 милиони евра.
ФИБА го објасни системот за квалификации за Мундобаскетот
Квалификациите за Мундобаскетот ќе се играат во две фази од по три „прозорци“, во периодот од ноември 2021 до февруари 2023 година.
ФИБА одлучи малку да го промени системот, па во првата, 32 репрезентации во европските квалификации ќе бидат поделени во осум групи од по четири. Првопласираните три од секоја група одат во следната фаза каде се спојуваат со друга и ги пренесуваат бодовите од првата фаза.
Тоа значи дека во втората етапа ќе има четири групи од по шест репрезентации, но нема да се почнува од „нула“. Пласман на Мундобаскетот обезбедуваат првите три репрезентации од новоформираните групи, односно од втората фаза.
Првата етапа ќе се игра во три прозорци: од 20 до 30 ноември 2021, од 21 февруари до 1 март 2022 и од 27 јуни до 5 јули 2022 година. Во втората етапа ќе се игра од 22 септември до 30 август 2022, од 7 до 15 ноември 2022 и од 20 до 28 февруари 2023 година, со по два натпревари во секој прозорец.
Ждрепката за квалификациите за Светското првенство ќе се одржи на 31 август (12.часот), во Куќата на кошарката „Патрик Бауман“ во Мие, а на неа првпат во историјата ќе учествува и македонската репрезентација.
Роналдо тајно преговарал со месеци и ќе заработи вистинско богатство?!
Кристијано Роналдо е нов играч на Манчестер Јунајтед, Португалецот тајно преговарал со месеци со својот поранешен клуб, тврди таблоидот од Англија „Сан“.
Според „Сан“, Роналдо месеци наназад бил во интензивни преговори со својот поранешен клуб, процените на таблоидот се дека Португалецот со враќањето во Јунајтед и финансиски ќе пројде добро, ќе заработи околу 50 милиони фунти.
Роналдо во договорот на две години со Јунајтед има загарантирана заработувачка од 480.000 фунти неделно, тоа значи 25 милиони годишно или за две години вкупно 50 милиони фунти.