feature

Клајверт го менува Хидинк на местото селектор на Курасао

Селекторот на фудбалската репрезентација на Курасао, легендарниот Холанѓанец Гус Хидинк нема да може да го води тимот во квалификациите за СП 2022.
Поранешниот селектор на „лалињата“ се опоравува од коронавирусот кој го поминал со многу потешка клиничка слика. 74-годишниот Хидинк побарал од директорот на академијата на Барселона, Патрик Клајверт, да го замени на претстојните квалификациски средби на чело на Курасао.
Клајверт ја прифатил неговата покана и побарал од претседателот на Барса, Жоан Лапорта, да го ослободи за привремена работа во репрезентацијата на Курасао. Лапорта му дозволил, по што Клајверт ќе биде на клупата на оваа селекција на 5 јуни против британските Девствени острови и на 8 јуни на средбата со Гватемала.


Ставрев ќе го суди финалето на Купот на Македонија

Македонскиот судиски интернационалец, Александар Ставрев, ќе биде главен судија на финалето во Купот на Македонија. Финалето на националниот куп е на програмата во среда на Националната Арена во Скопје. Познато е дека во битката за пехарот се среќаваат екипите на Академија Пандев и Силекс, а мечот стартува во 19:00 часот. На Ставрев ќе му помагаат Дејан Костадинов и Гоце Петрески, додека четврти ќе биде Марјан Маркоски, кој со овој меч веројатно се простува од својата долгогодишна успешна судиска кариера.


Лејкерси и Голден Стејт ќе играат плеј-ин за место во плеј-офот

Со одигрувањето на последните натпревари синоќа, заврши регуларниот дел од сезоната во НБА лигата. По 6 тимови од двете конференции веќе обезбедија место во плеј-офот, додека оние од 7. до 10 место ќе играат во т.н. плеј-ин. Единствена непозната пред вчерашните последни мечеви беше судбината на Лејкерс, дали ќе се пласираат директно во плеј-офот, или ќе треба тоа да го направат прелку меч од плеј-ин. Тие го победија Њу Орлеанс со 110-98, но Портланд го доби својот дуел со Денвер со 132-116, па ја одбрани позицијата шест. Лејкерс остана на седмото место и ќе игра плеј-ин против Голден стејт.


Пирло ќе биде заменет од најдобриот пријател?!

Милан по киксот против Каљари го остави Јувентус во игра, но и понатаму сам одлучува за својата судбина. Ако победат против Аталанта во Бергамо, неважен ќе биде дуелот на Јувентус со Болоња. Дали Пирло ќе преживее доколку го освои Купот и стигне до четвртото место. Ако го земе само трофејот и биде петти, секако не. Во случај да се пласира во Лигата на шампионите, би можел да остане. Јувентус наводно преговараше со Алегри, но сега се појави Реал кој во Италијанецот гледа замена за Зидан. Самиот Зидан е желба на Ањели, но Јувентус нема многу финансии, плус веројатно Французинот сака одмор. Како име сега се појави Џенаро Гатузо. Тој е прва алтернатива, заминува од Наполи, се зборува за Фиорентина. Наполи, доколку ја победи Верона, ќе се пласира во Лигата на шампионите идната сезона. Се верува дека Гатузо, кој е одличен мотиватор и човек кој заговара дисциплина, ќе успее да извлече максимум од Јувентус. Тој, во таков случај, би го наследил својот најдобар пријател од светот на фудбалот, Пирло. Тие двајца беа и цимери, а „Моцарт“ во биографијата изнесе и неколку смешни детали од нивното другарување и заедничките настапи во Милан и репрезентацијата.


Алегри се сретнал со Реал, „кралевите“ како опција го имаат и Раул

Италијанскиот стручњак Масимилијано Алегри се сретна со управата на Реал Мадрид минатата недела и сака да го преземе местото тренер во мадридскиот клуб, пишува новинарот Фабрицио Романо. Зидан скоро сигурно го напушта клубот на крајот од сезонава, а се чека само уште официјалната потврда. Романо наведува дека Алегри е во контакт со Реал веќе неколку месеци, го сакаат и некои италијански клубови, пред сите веројатно Јувентус, но за Алегри приоритет е заминувањето во Мадрид. Сепак, се уште не е сигурно дека во Мадрид ќе се одлучат за него. Се разгледуваат и други опции, а една од нив е и клупската легенда Раул, кој во моментот го води вториот тим. За Раул тоа би бил прв тренерски ангажман, додека Алегри е слободен од летото 2019. година кога го напушти Јувентус после освоената петта титула по ред.


Женската секција на Барселона ја освои Лигата на шампионите

Барселона го совлада Челзи со 4-0 во финалето од женската Лига на шампиони, и со тоа каталонскиот клуб го освои женскиот турнир за првпат во својата историја. Фудбалерките на Барселона беа незапирливи и постигнаа извонреден резултат со што станаа првиот клуб кој ги има освоено и машкото и женското издание на ЛШ на УЕФА. „Мислам дека не треба да бараме никаква грешка во тимот на Челзи. Овој тим на Барселона е можеби најдобриот клупски тим во женскиот фудбал во моментов. Нивната победа е заслужена”, изјави Тим Стилман, аналитичар на Гардијан.


Поместено последното коло на Ла Лига заради еден клуб!

Шпанска Примера продолжува наредниот викенд, во кој ќе биде и завршена оваа сезона. Се игра последното коло кога конечно ќе го дознаеме и освојувачот на титулата шампион на Шпанија, но дојде до поместување и последното коло нема да се игра во недела, туку во сабота на 22. мај. Причината е Виљареал, екипата која ќе игра во финалето од Лига Европа, па шпанскиот сојуз одлучи да го помести последното коло како „жолтата подморница“ би имала ден повеќе за подготвување за финалето. Виљареал во последното коло гостува кај Реал Мадрид, кој е конкурент за титулата.


Георгиевски: Завршниот турнир беше празник за кошарката!

Генералниот Секретар на Кошаркарската Федерација, Владимир Георгиевски, не го криеше задоволството од организацијата на завршниот турнир од Купот во женска конкуренција пред седум дена, а и од завршниот Куп-турнир во машка конкуренција кој заврши со дуелот помеѓу градските ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.
Предизвици секогаш ќе има за организација, особено во време кога пандемија ги диктира условите, но Генералниот Секретар на КФСМ смета дека успешно се надминати.
„Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме предизвиците беа големи од аспект на организација како ќе се спроведат сите протоколи, а да кошарката биде блиска до гледачите и нормална колку што може. Вложивме напори и мислам дека сè се заврши на најдобар начин. Финалето беше дерби, во секоја смисла на зборот покрај дуел на градските ривали, неизвесно до крај како што впрочем беше и целиот турнир. Навистина беше празник на кошарката и најава за она што следува во плејоф натпреварите. Здравјето на сите учесници и сите присутни ни беше приоритет и можам да кажам дека огромен товар ни се симна од гради бидејќи се помина во најдобар ред.“ – истакна Генералниот Секретар.


Дамјан Стојановски прогласен за најкорисен играч на финалето

Со победата над вечниот градски ривал Работнички во финалето од завршниот турнир, екипата на МЗТ Скопје Аеродром ја освои десеттата титула од националниот Куп, кој од оваа година го носи името на нашата кошаркарска легенда, „Благоја Георгиевски Буштур“.
Капитенот на сино-белите од скопски Аеродром, репрезентативецот Дамјан Стојановски, е прогласен за најкорисен играч.
„Мислам дека тоа што навистина играме како екипа и се жртвувавме еден за друг придонесе за оваа титула. Во одбрана бевме одлични и со тоа го добивме дуелот. Дополнителен адут ни е поголемата ротација што ја искористивме максимално и резултатот беше овој триумф. Тројката беше моментална инспирација, ова признание е за целиот тим, сите играме како еден, сите игравме на високо ниво.“ – истакна Дамјан Стојановски по завршувањето на натпреварот.


Солскјер: Повредата на Мегваер ни создаде многу проблеми

Оле Гунар Солскјер зборуваше за времето за враќање на дефанзивецот Хари Мегваер.
„Се надевам дека ќе имаме што е можно побрзо добра вест. Ќе чекаме до последен момент за настапот на Хари во финалето во Лига Европа. Тој ја покажа својата важност на Манчестер Јунајтед. Сите одамна знаевме што тој значи за нашиот тим, но можеби некои го забележаа тоа само кога тој се повреди. Секако чувствував дека Мегваер и претходно беше многу важен играч на Манчестер Јунајтед. Хари е наш лидер. Тој е капетан. Тој скоро секогаш игра на највисоко ниво, така што во моментов неговото отсуство е голем проблем за мене, но се надевам дека ќе се опорави до финалето на Лига Европа. Ќе му дадам колку што му треба време. Ќе почекам додека тој ми каже да или не“, изјави Солскјер за „Скај Спорт“.
Хари Мегваер не беше во можност да го заврши мечот од 35. коло во Премиер лигата со Астон Вила (3-1) поради повреда на скочниот зглоб.