feature

Тотенхем во офанзива по Бразилецот Ричарлисон

Како што пренесуваат медиумите од Англија, преговорите помеѓу Тотенхем и Евертон околу трансферот на Бразилецот Ричарлисон се во напредна фаза.

Првиот дел од преговорите наводно е завршен бидејќи Тотенхем веќе ги договорил личните услови со фудбалерот.

Според информациите целиот трансфер за 25-годишниот Ричарлисон треба да изнесува 60 милиони фунти плус дополнителните бонуси.

Ричарлисон би бил големо засилување за екипата предводена од Антонио Конте, каде ќе му се придружи на одличниот тандем Хари Кејн – Сон Хеунг Мин.

Бразилскиот напаѓач минатата сезона за Евертон постигна 10 гола на 30 натпревари.


Барселона ја зголеми својата понуда за Левандовски

Гигантот Барселона достави зголемена понуда до Баерн Минхен за напаѓачот Роберт Левандовски.

Според пишувањата понудата е во висина од 40 милиони евра, плус пет милиони во бонуси. Последната понуда од каталонците која беше одбиена од Баерн изнесуваше 35 милиони евра.

Претходно во германските медиуми беше објавено дека баварците за нивниот најдобар голгетер бараат 60 милиони евра, но цената може да се намали бидејќи договорот на Левандовски истекува наредната сезона.


Лукаку и официјално на позајмица во Интер

Белгискиот фудбалер Ромелу Лукаку следната сезона ќе настапува за милански Интер како позајмен играч на Челзи.

Напаѓачот Лукаку минатото лето пристигна од Интер во Челзи за 115 милиони евра.

Веста за враќањето на Лукаку во Интер ја објави претседателот на нероазурите во видео порака на Твитер во која се вели „Големиот шеф се врати“.

Англиските и италијанските медиуми пренесуваат дека Лукаку се согласил nа значително намалување на платата како би заиграл за Интер, каде претходно помина две сезони и постигна 64 гола на 95 натпревари.


Гнабри од Баерн е најнова трансфер желба на „кралевите“

Реал Мадрид е силно заинтересиран за ѕвездата на Баерн Минхен и германски репрезентативец Серж Гнабри.

Гнабри има договор со Баерн до 2023 година, но засега не е сигурен дека сака да стави потпис на нова соработка со шампионот на Германија. Поради тоа доколку не го продолжи договорот, Баерн ќе мора да го продаде ова лето за да не им се повтори случајот Алаба.

Реал бара замена за Асенсио кој е на излезна врата, а Гнабри е прва желба за крилната позиција.


Ивица Зубац го продолжи договорот со ЛА Клиперси

Екипата на Лос Анџелес Клиперс го продолжи договорот со хрватскиот кошаркар, Ивица Зубац за уште 3 години за сума од 33 милиони долари.

25-годишниот играч започна како стартер во 204 натпревари последните 4 сезони. Тој дојде од градскиот ривал Лејкерс во 2019 година.

Зубац претходната сезона ја заврши со просек од 10,3 поени, 8,5 скокови, 1,6 асистенции и 1 блокада.


Сериа А воведува плеј-оф за Скудетото

Италијанскиот фудбалски сојуз ги одобри измените во форматот на натпреварување во Серија А. Со новата одлука која е прифатена,од сезоната 2022/23 ќе се игра плеј-оф натпревар за освојување на Скудетото.

Ова значи дека доколку во шампионатот на Италија, две екипи на крајот имаат ист број на бодови, тогаш титулата ќе се решава преку одигрување на плеј-оф средба. Предвидено е доколку во 90 минути нема победник тогаш ќе се премине на директно изведување пенали.

Досега при одредување на шампионот се гледаше подобриот меѓусебен дуел на екипите. Кога станува збор за останатите позиции, борбата за Европа и испаѓањето од лигата, останува предноста на екипата која има подобар меѓусебен скор.


Ирвинг ги одби сите понуди и остана во Бруклин

Кајри Ирвинг одлучи да ја активира последната година од договорот и ќе продолжи да игра за Бруклин Нетс, иако многу се зборуваше за неговото заминување, а најчесто споменуваното заминување во ЛА Лејкерс.

„Обичните луѓе го одржуваат светот. Решив да останам, да ја активирам последната година од договорот и ќе се видиме наскоро“, им порача на навивачите 30-годишниот кошаркар кој во последните три години одигра само 103 натпревари како играч на Бруклин.

Минатата сезона, Ирвинг имаше просек од 27,4 поени, 5,8 асистенции, 4,4 скока и 1,4 украдени топки на 29 натпревари.


Трабзонспор го убеди Алиоски, македонскиот репрезентативец се сели во Турција

Турските медиуми денес објавија дека нашиот фудбалски интернационалец, Езџан Алиоски, ќе потпише за екипата на Трабзон.

Тој по испаѓањето на Ал-Ахли од елитната лига на С. Арабија, одлучи да ја прекине соработката и да реализира трансфер во најдобриот тим во Турција.

Левиот бек во нашата селекција неодамна беше во Истанбул да ги договори сите детали.


Баерн го прогласи Милен за фудбалер на сезоната

Според резултатите од гласањето на навивачите Томас Милер имал најмногу гласови и сто тоа ја доби наградата за најдобар играч во оваа екипа, додека второто место во рангирањето на најдобрите играчи на Баерн минатата сезона го зазеде играчот за врска Џамал Мусиала, а водечката тројка ја затвори напаѓачот Роберт Левандовски.

За одбележување е тоа што токму Полјакот беше прогласен за најдобар играч на Баерн во последните две години.

Во сезоната 2021/2022, Томас Милер одигра 45 настапи за Баерн во сите натпреварувања, постигнувајќи 13 гола и 25 асистенции.

Да потсетиме дека во мај 2022 година, Баерн најави продолжување на соработката со Томас Милер. Новиот договор со 32-годишниот фудбалер е до 2024 година. Милер е потекнува од школата на Баерн Минхен, а неговата пазарната вредност во моментов е 25 милиони евра.


Тиаго Силва го кани Нејмар во Челзи

Бразилецот, Силва, го советува неговиот сонародник од ПСЖ, Нејмар, да прифати понуда и да си замине од францускиот фудбалски состав.

„Нејмар мора да оди во Челзи. Ако навистина се случи тоа што се пишува, за него ќе биде најдобро да дојде во Челзи“ – изјавил искусниот стопер .

Неговата реакција доаѓа откако медиумите објавија дека ПСЖ сака да го продаде Нејмар иако пред само една година го продолжи договорот.