feature

Нагелсман нема информации кога Нојер ќе се врати во тимот

Тренерот на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман, во изјава за новинарите вели дека голманот Мануел Нојер и понатаму не е достапен поради повреда на рамото и дека не знае кога тој ќе се врати на теренот.

36-годишниот Нојер, последен пат за Баерн настапи на 8.октомври во ремито со Борусија Дортмунд.

„Мислам дека дека Нојер ќе може да настапи на Светското првенство, но не сум видовит и да го тврдам тоа со сигурност. Би сакале тој да може да заигра за екипата најбрзо што може, и нашите лекарски екипи работат на тоа Мануел да се врати на теренот следниот викенд, но познато е дека повредата на рамото е комплицирана работа за лечење“, изјави тренерот на Баерн.


Луис Енрике го изостави Де Геа од Мундијалот во Катар

Давид де Геа нема да биде дел од репрезентацијата на Шпанија за Светското првенство во Катар, пренсува „АС“.

Селекторот Луис Енрике испрати покана до пет голмани кои ќе бидат дел од широкит список од 55 фудбалери, но Де Геа нема да биде вклучен дури ни во поширокиот список.

Весникот „АС“ открива дека во тој список ќе бидат Унаи Симон од Атлетик Билбао, Роберт Сачез од Брајтон, Давид Реја од Брентфорд, Давид Сорија од Гетафе и Кепа Аризабалага од Челзи.


Спалети: Спектаклот кога ќе играме во Ливерпул е загарантиран

Тренерот на Наполи, Лучијано Спалети е задоволен од изданието на својот тим кој во средата го победи Ренџерс со 3-0. Наполи е во серија од 12 победи. 

„Следниот меч е ветувачки бидејќи да се победи Ливерпул на негов терен е многу тешко. Треба да напаѓаме и да ја контролираме топката. Ако им дадеме време да размислат и да одлучат каде да не пробијат, тогаш ќе им создадеме удобни услови, а тоа не би сакале да го дозволиме. Ќе биде одлично да се оди таму, откако веќе обезбедивме пласман во плејофот. Шоуто е гарантиран“, изјави Спалети. 

Во А-групата, Наполи е лидер со 15 бодови, Ливерпул има 12, Ајакс 3, Ренџерс е последен без освоен бод.


Шпанското обвинителство ги повлече тужбите против Нејмар

Шпанското обвинителство реши да ги повлече сите обвиненија за корупција и измама против Бразилецот Нејмар, на судењето кое се води во Барселона поради наводни незаконски постапки при трансферот на фудбалерот од Сантос во Барселона во 2013.година.

Обвинителството првично бараше казна затвор од две години и парична казна од 10 милиони евра за напаѓачот на Париз Сен Жермен.

Во случајот беа обвинети и родителите на Нејмар, двајцата поранешни претседатели на Барселона Сандро Росел и Жозеп Бартомеу, како и претседателот на бразилскиот клуб Сантос.


Федерер нема да добие улица во родниот Базел

Базел, родниот град на 20-кратниот грен слем шампион Роџер Федерер, одби да именува улица по тенисерот, изјави топографот на швајцарскиот град Пол Хафнер за „Ројтерс“.    

„Политиката на Базел е дека само мртвите луѓе можат да добијат плоштад или улица именувана по нив на овој начин“, истакна Хафнер. 

Во Базел веќе има трамвај кој го носи името на Федерер, а во тек се преговори за изградба на зграда во негова чест. 41-годишниот Федерер ја заврши кариерата оваа година откако на крајот на септември играше на Лејвер купот во Лондон.


Иниеста сонува враќање во Барселона како спортски директор

Поранешниот играч на Барселона, Андрес Иниеста изјави дека би сакал да се врати во каталонскиот клуб како спортски директор или тренер.     

Во моментов 38-годишниот играч од средниот ред настапува за јапонскиот клуб Висел Кобе. 

„Мојата фаза како играч на Барселона е веќе завршена. Ќе биде невозможно да се натпреварувам со играчите таму, тие се млади и физички силни. Сакам да се вратам во Барселона како тренер или спортски директор, но прво треба да учам во различни области, а потоа ќе видиме, изјави Иниеста за „Барса Универзал“. 

Иниеста играше за Барселона од 2002 до 2018 година. Како дел од тимот го освои шпанското првенство девет пати, Купот на Шпанија шест пати и Лигата на шампионите четири пати.


Eдсон Алварез од Ајакс се сели во Челзи во јануари

Челзи планира во следниот период да го ангажира Едсон Алварез од Ајакс, кој треба да го замени Жоржињо бидејќи италијанскиот репрезентативец следното лето ќе си замине од тимот.

Алварез е на листата со желби на Челзи, чиј газда Тод Боели наскоро ќе направи конечна одлука за тоа кој е идеално решение за средината на премиерлигашот.

Челси се соочува со сериозни проблеми сезонава во средниот ред затоа што Жоржињо не игра во добар ритам, а исто така тренерот Грам Потер не може да смета на Н’Голо Канте кој е повреден.


Од Челзи задоволни од Ковачиќ, Хрватот ќе добие нов договор

Фудбалерот на Челзи, Матеo Ковачиќ, ведна по Мундијалот во Катар ќе добие понуда да ја продолжи соработката со „сините“.

Неговиот договор истекува за нешто повеќе од 18 месеци а линдончани планираат да го задржат за подолг период. На „Стемфорд Бриџ“ го гледаат Ковачиќ како играч кој е клучен за иднината на клубот.

Тој беше купен од  Реал Мадрид во 2018 година за 45 милиони евра. За Челзи има одиграно 197 мечеви со ефект од 5 голови и 14 асистенции.


Халилхоџиќ е кандидат за нов тренер на Бешикташ

Поранешниот селектор на фудбалската репрезентацијата на Мароко, Вахид Халилхоџиќ е кандидат за нов тренер на турскиот клуб Бешикташ.

Халилхоџиќ во август доби отказ од селекторското место во Мароко поради конфликт со фудбалерот Хаким Зијеш. Босанскиот тренер претходно успеа со Мароко да се пласира на Мундијалот во Катар.

Бешикташ оваа недела го смени тренерот Исмаел кој го водеше клубот 18 натпревари.


Јирген Клоп казнет од ФА со 30 илјади фунти

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, е казнет од Англиската Фудбалска Федерација со 30 илјади фунти, поради несоодветно однесување и исклучувањето на натпреварот од Премиер лигата против Манчестер Сити.  

Клоп можеше да добие и забрана на водење еден натпревар на својот тим, но од федерацијата се одлучија само за парична казна. Германскиот тренер на средбата со Манчестер Сити имаше вербален конфликт со линискиот судија откако не беше досуден прекршок над Мохамед Салах.

Следен натпревар на Ливерпул во Премиер лигата е на домашен терен против Лидс Јунајтед.