feature

Австралиски пливачки тренер обвинет за сексуално злоставување

Австралискиот тренер во пливање Дик Кејн се соочи со 11 обвиненија за сексуално злоставување млади пливачки во текот на 70-те години од минатиот век, објавија денеска локалните медиуми.   Обвинувањата се однесуваат на пет девојки, кои Кејн ги тренирал во 70-години од минатиот век, како и за сексуален напад врз жена во 1992 година. 

Кејн беше приведен кон средината на мај, а локалните медиуми наведуваат дека му била одобрена кауција бидејќи боледува од рак во терминална фаза. Почетокот на судскиот процес е закажан за 30 август. Кејн се пензионираше во 2020 година, а во својата кариера тренираше 11 олимписки и светски прваци.


Погба нема да го оперира повреденото колено

Италијанскиот клуб Јувентус соопштува дека Пол Погба нема да го оперира повреденото колено.

Францускиот играч кој ова лето пристигна во Торино после шестгодишен престој во Манчестер Јунајтед одлучи да не ја санира повредата на коленото по хируршки пат, за да не го загрози своето учество на Мундијалот во Катар.

Пол Погба се здоби со повреда за време на тренинг во предсезонските подготовки во Лос Анџелес, после што се чинеше дека ќе биде потребна операција, но после консултациите со лекари од Лион беше одлучено тој да биде подложен на конзервативна терапија во траење од пет недели.


Јончевски го објави поширокиот список за стартот на претквалификациите

Новиот селектор на македонската машка кошаркарска репрезентација Александар Јончевски го објави поширокиот список играчи за претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2025.   

На поширокиот список повикани се 24 кошаркари Бобан Стајиќ, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Војдан Стојановски, Дамјан Робев, Адем Мекиќ, Андреј Јакимовски, Марко Миловановиќ, Виктор Ефремовски, Ненад Димитријевиќ, Лука Савиќевиќ, Андреј Митревски, Виктор Ташовски, Бојан Крстевски, Љубомир Младеновски, Теодор Симиќ, Амар Хот, Стојан Ѓуроски, Гоце Петрушевски, Димитар Пандев, Ваљмир Какруки, Андреј Маслинко, Филип Bакоч, Резарт Мемед. 

Во претквалификациите за Евробаскетот 2025 „Црвено-жолтите“ се во група со Данска, Словачка и Норвешка. Првиот натпревар ќе биде одигран на 25 август кога избраниците на Јончевски ќе и гостуваат на Данска, а три дена подоцна на 28 август во Скопје гостува Словачка.


Њукасл испрати нова понуда за Медисон

Англиските медиуми објавуваат дека фудбалскиот клуб Њукасл испрати втора понуда до Лестер за играчот Џејмс Медисон вредна околу 50 милиони фунти.

Претходно челниците на Лестер ја одбија првата понуда за 25 годишниот фудбалер од средината на теренот.

Медисон дресот на Лестер го носи од 2018 година, а според информациите тој би можел да добие дозвола за напуштање на клубот ако пристигне понуда од 60 милиони фунти.

Џејмс Медисон минатата сезона одигра 53 натпревари за Лестер и постигна 18 гола и запиша 12 асистенции.


Милан плати преку 30 милиони и го доведе Белгиецот Де Каталер

Италијанскиот првак Милан го објави потпишувањето на договориот со новото летно засилување, Чарл Де Кетелар од белгиски Бриж.

Играчот потпиша договор до 30 јуни 2027 година и во новата сезона ќе настапува со дресот со број 90.

Де Кателер е младинец на Бриж и своето деби за клубот го имаше во 2019 година. Оттогаш одигра 120 настапи и постигна 25 гола за еден од најголемите белгиски клубови, освојувајќи ја белгиската лига три пати, а двапати го освои и  Суперкупот.


Диого Жота ја продолжи соработката со Ливерпул

Вицешампионот на Англија и Европа фудбалскиот клуб Ливерпул, соопшти дека го продолжи договорот со португалскиот напаѓач Диого Жота до 2027 година.

Претходниот договор на 26 годишниот Жота со клубот од Енфилд беше со важност до 2025 година. Португалецот после објавата за продолжувањето порача дека е горд што и во иднина останува во Ливерпул.

„Одлуката беше едноставна за мене. Ова е еден од најголемите клубови на светот. Минатата година беше добра и за мене и за тимот. Тоа е доказ дека добро работевме и се надевам дека така ќе продолжиме“, вели Жота.


Сити и Фоден договорија долгорочна соработка

Манчестер Сити постигна договор со играчот од средниот ред Фил Фоден за нов договор, објави новинарот Мајк Киган.

Новиот договор на англискиот интернационалец ќе биде долгорочен, но се уште не е јасно за кој точен временски период ќе се работи.

„Ова се одлични вести за клубот во пресрет на новата сезона“, напиша Киган на својот официјален профил на Твитер.


Шпанецот Корберан нов тренер на Олимпијакос

Грчкиот прволигаш Олимпијакос објави денеска дека Шпанецот Карлос Корберан е нов тренер на местото на Португалецот Педро Мартинс.   

Корберан изминатите две сезони беше тренер на англискиот второлигаш Хадерсфилд, а претходно му беше помошник на Аргентинецот Марсело Биелса во Лидс. По освојувањето три шампионски титули и еден трофеј во грчкиот Куп, Мартинс неодамна го продолжи договорот со Олимпијакос на две години. Но, беше сменет по минатонеделниот понижувачки пораз од 0-4 од Макаби Хаифа во квалификациите во Лигата на шампиони. 

Олимпијакос е рекордер во Грција со освоени 48 шампионски и 28 куп титули.


Контроверзна изјава на сопственикот на Наполи: Доста ми е од африкански играчи

Сопственикот на фудбалскиот клуб Наполи, Аурелио де Лаурентис даде изјава во која вели дека во иднина нема да доведува африкански фудбалери во тимот, и дека беше будала што тоа го правеше во минато.

Фудбалерите од Африка секоја втора година изостануваат од тимовите за да настапуваат на Африканскиот куп на нации, а измината сезона Наполи во јануари и февруари остана без помошта на Кулибали, Осимен и Ангизе.

„Им реков на менаџерите повеќе да не ми зборуваат за африканците. Имам голема љубов и почит кон нив но ако мислат да ги ангажираме тогаш ќе мора да потпишат документ во кој ќе потврдат дека нема да играат на Африканскиот куп на нации. Ние сме идиоти кои им даваат плата, а тие патуваат по светот и играат за други“, истакнува Де Лаурентис.


Кошаркарот Димитријевиќ една година на позајмица во Уникс Казан

Кошаркарскиот клуб Валенсија објави дека постигна договор со екипата на Уникс Казан во врска со позајмицата на македонскиот репрезентативец Нено Димитријевиќ. 

Димитријевиќ во следната сезона ќе игра во дресот на Уникс како позајмен играч на Валенсија. Тој е член на Валенсија од минатата година кога пристигна од Хувентуд.