feature

Александар Ристевски е ново засилување на Работнички

Работнички ангажираше уште едно засилување за претстојната сезона. Ново име во составот на Александар Влахо е дефанзивецот Александар Ристевски, кој доаѓа од Струга Трим Лум и треба да ја засили конкуренцијaта во одбраната.

„Ристевски е искусен прволигашки фудбалер кој веруваме дека ќе донесе нов квалитет во одбраната на Работнички. Веруваме дека брзо ќе се вклопи во новата средина и му посакуваме да се наметне во дресот на Работнички“, изјави спортскиот директор Горан Станковски.

Работнички утре ќе го одигра третиот пријателски натпревар во текот на летните подготовки, против Тиквеш во Кавадарци.



Баерн откри колкава е финансиската загуба поради коронавирусот

Германскиот фудбалски великан Баерн Минхен очекува загуба од 150 милиони евра поради пандемијата на КОВИД-19, објави клубот.

Претседателот на Баерн, Херберт Хаинер рече дека тие загуби воглавно се последица на празните трибини на Алијанц Арена од минатата година, но нагласува дека амбициите не се намалени.

Новиот извршен директор на клубот, Оливер Кан меѓутоа истакна дека „сигурноста сепак ќе биде на прво место“.

„Десеттата титула по ред во германското првенство е наша голема цел. Тоа никогаш досега не е направено во најголемите европски лиги, но нема во целост да биде исполнето без успешни европски настапи.“ – додава Кан.

Екипата наредната сезона ќе биде предводена од Јулијан Нагелсман, а Кан вели дека клубот е во преговори за продолжување на соработката со Леон Горецка и Кингсли Коман.

Новата сезона во Бундеслигата започнува на 13. август, а Баерн се надева дека здравствените прописи во Баварија ќе овозможат доаѓање на ограничен број на навивачи на стадионот кој има капацитет од 75.000 места.


Тотенхем не сака да слушне за продажба на Хари Кејн

Новиот спортски директор на Тотенхем, Фабио Паратичи ја затвори вратата за трансфер на Хари Кејн.

Кејн не е задоволен во Тотенхем, сака да игра во поамбициозен клуб и да се бори за трофеи, па побара трансфер од раководството. Меѓутоа, Кејн има долг договор со „спарси“, а Паратичи потврди дека клубот нема намера да го продаде ова лето.

„Задржувањето на Кејн не е само моја цел, туку и цел на клубот. Тој е врвен играч. Имав среќа во моето време во Јувентус, видов многу одлични напаѓачи и сакам да уживам и во Кејн. Едвај чекам да го видам. Тој е еден од најдобрите напаѓачи во светот. Не сум разговарал се уште со него, зашто не сакам да го вознемирувам, бидејќи е максимално посветен на обврските со репрезентацијата“, додаде Паратичи.


Федерер потврди дека ќе игра на Олимписките игри

Роџер Федерер ќе учествува на Олимписките игри во Токио, објави Олимпискиот комитет на Швајцарија.

Според официјалното соопштение, Швајцарија ќе биде претставена со 116 натпреварувачи на најголемиот спортски фестивал на планетата.

Легендарниот тенисер по петтипат ќе учествува на Игрите. Во конкуренција на двојки, тој освои златен медал со Стен Вавринка во 2008 година, а во поединечна конкуренција освои сребро во 2012 година.


Анчелоти прозиваше, Реал ги започна летните подготовки

Реал Мадрид од синоќа ги започнува своите подготовки за новата сезона. Карло Анчелоти се врати да го води тимот, наследувајќи го Зинедин Зидан.

Во оваа фаза, италијанскиот тренер сè уште не може да смета на оние играчи кои се или до неодамна беа вклучени во своите репрезентации на Европското првенство или Копа Америка. Марсело, Даниел Карвахал, Начо Фернандез, Лукас Васкез, Ферлан Менди, Маријано Дијаз, Лука Јовиќ, Алваро Одриозола, Родриго, Браим Дијаз, Андриј Лунин и Мартин Одегард се појавија на медицински тестови и на стартниот тренинг во базата на Реал Мадрид.

Сепак, Менди не учествуваше на тренингот, бидејќи тој сеуште се опоравува од повредата. Десет фудбалери од фудбалската школа на Реал се приклучија на групата. Иско ќе се приклучи денес. Сезоната во Ла Лига започнува во средината на август, а во првите три кола Реал ќе гостува намерно, затоа што реновирањето на „Сантијаго Бернабеу“ може да заврши до 11 септември.


Мертенс го оперираше рамото, се враќа на терените за 2-3 недели

Дрис Мертенс беше опериран на левото рамо во Белгија. Тој ќе мора да мирува две или три недели, по што ќе започне процесот на рехабилитација. Фудбалерот беше опериран веднаш штом Белгија испадна од Евро 2020 за да биде подготвен за почетокот на новата сезона во Серија А.

„Дрис Мертенс беше подложен на стабилизирачка операција на левото рамо во Белгија од страна на д-р Деклекрк и под надзор на д-р Канонико. Играчот ќе мора да паузира две или три недели, а потоа ќе започне рехабилитацијата“, изјавија од Наполи.

34-годишниот Мертенс, кој има 102 натпревари со белгискиот тим, минатата сезона повторно беше клучна фигура во составот на Наполи. На 29 натпревари во Серија А, тој постигна 9 голови. Ветеранот потпиша нов договор со клубот во јуни, обврзувајќи се до летото 2022 година, со опција за продолжување на уште една сезона. Мертенс одигра 21 минута во поразот од Италија во 1:2 во четвртфиналето на Евро 2020, но не успеа да им помогне на „црвените ѓаволи“ да постигнат подобар резултат и да ја елиминираат Италија.


Како Л`Екип го најави доаѓањето на Рамос во ПСЖ (фото)

Се е договорено измеѓу ПСЖ и Серхио Рамос, поточно неговиот брат и менаџер Рене.

Легендата на Реал пристигнува во Париз на лекарски прегледи, а веднаш потоа ќе потпише двегодишен договор со новиот клуб.

По тој повод, француски Л`Екип, најугледниот спортски весник на светот, го промени грбот на градот и клубот.

На местото на Ајфеловата кула го постави Серхио Рамос со натпис „Споменик во Париз“.

Великанот и капитен на Реал, кој од 35 години 16 помина во клубот за кој одигра 671 натпревар и го водеше до сите национални, континентални и светски титули, пред три недели во солзи го напушти клубот на својот живот.

Годишно Рамос заработува 12 милиони евра, никој не сакаше да се согласи на намалување на платата, а освен тоа инсистираше и на двегодишно продолжување на договорот.

Перез никако не сакаше да попушти и тоа доведе до прекин на соработката, но ПСЖ ги прифати условите кои Реал не сакаше.


Познати групите за олимпискиот кошаркарски турнир

Со одигрувањето на четирите финални средби на исто толку квалификациски турнири кои беа одржани минатата недела, комплетирани се групите на олимпискиот кошаркарски турнир во машка конкуренција за Токио ова лето.

По две големи изненадувања кои ги приредија Италија и Чешка изгледот на трите групи од по четири селекции за ЛОИ во Токио изгледа вака:

ГРУПА „А“: САД, Франција, Иран, Чешка

ГРУПА „Б“: Австралија, Германија, Италија, Нигерија

ГРУПА „Ц“: Шпанија, Аргентина, Јапонија, Словенија

Натпреварите во групната фаза почнуваат на 25 јули. Најдобрите две селекции од секоја од групите обезбедуваат место во четврфиналето, заедно со две најдобро третопласирани селекции од трите групи.


Реал и Манчестер далечни 30 милиони за Рафаел Варан

Манчестер Јунајтед доставил понуда за трансфер на дефанзивецот на Реал Мадрид, Рафаел Варан. Англискиот клуб понудил 40 милиони евра за Французинот од Реал Мадрид, но клубот бара најмалку 70 милиони евра.

Претходно беше објавено дека „црвените ѓаволи“ се блиску до купување на 28-годишниот француски репрезентативец кој влегува во последната година од договорот со шпанскиот гигант. Реал е подготвен да се раздели со играчот ова лето, но очигледно ќе помине период на преговори за да се утврди точната сума на трансферот.



Втора година по ред – откажана ГН на Австралија!

Големата награда на Австралија, 21-та трка на Формула 1 шампионатот, е откажана втора година по ред поради строгите ограничувања поврзани со КОВИД-19, објавија организаторите.

„Со големо жалење објавуваме  дека Големата награда на Австралија за 2021 година е откажана поради ограничувањата и мерките со пандемијата на КОВИД-19“, рекоа организаторите на трката, што требаше да се одржи на 21. ноември.

„Пандемијата  и последиците од компликации при патувањето и логистичките ограничувања значат дека не било можно да се потврди одржливоста на настаните во овој момент и затоа нема да бидат на календарот за 2021 година.“ – истакнуваат организаторите.