Македонскиот ракометен интернационалец Мартин Поповски е нов член на швајцарскиот прволигаш Зур Арау.
Искусниот леворак ракометар доаѓа од редовите на лигашкиот ривал Амичитија Цирих, каде што настапуваше последните пет сезони. Поповски потпиша договор до 2028 година.
Иако имаше важечки договор со Амичитија до летото 2025, трансферот се реализираше поради финансиските проблеми на клубот од Цирих.
За Арау, ангажманот на Поповски претставува значајно засилување, особено поради неговото искуство, разновидност и лидерски квалитети.
„Секој што го следи швајцарскиот ракомет знае за квалитетите на Мартин. Тој е професионалец од висок ранг кој ќе биде од голема корист за нашиот млад тим“, изјави спортскиот директор Роберт Костадиновиќ.
Георг Стојановски потпиша кај Хаџиевски во Спартак Варна
Трофејниот македонски стручњак Ѓоко Хаџиевски од неодамна е тренер на бугарскиот прволигаш Спартак Варна, а заедно со него во тимот ќе биде и внукот Георг Стојановски.
Станува збор за 21-годишен напаѓач кој пред пет години дебитираше во првиот тим на Вардар, а потоа играше и за Тетекс, Хата клуб од Дубаи, Работнички и Шкупи. Тој му е внук на Хаџиевски од највозрасната ќерка.
Спартак Варна има проблеми со напаѓачи бидејќи на таа позиција се само Даниел Халачев и Колако Џонсон. Вториот е Либериец и има проблем со пасошот поради што уште не може да дебитира за тимот од Црното море.
Пирло седна на клупата на Дубаи Јунајтед
Прославениот италијански плејмејкер и поранешен светски шампион, Андреа Пирло, се соочува со нов тренерски предизвик, овој пат на Блискиот Исток.
Тој е назначен за нов главен тренер на тимот Дубаи Јунајтед, кој игра во Втората лига на Обединетите Арапски Емирати.
Тимот од Дубаи во моментот се наоѓа во борба за влез во повисока лига, држи второ место на табелата со три бода помалку од лидерот, но и со еден одигран натпревар повеќе, со што има реална можност за пласман во повисок ранг.
Во ваква околина, Пирло ја гледа својата шанса за повторно раздвижување на својата тренерска кариера, далеку од притисокот кој го следеше при неговите претходни ангажмани.
По неуспешниот период во Јувентус и кратките престои во Карагумруку и Сампдорија, каде што не успеа да најде стабилност или резултати, овој предизвик претставува можност за нов почеток.
Арсенал го претстави најголемото летно засилување
Англискиот гигант Арсенал конечно стави крај на долгата трансфер сага и официјално го претстави Виктор Ѓокереш како своето најголемо летно засилување.
Шведскиот голгетер се пресели во редовите на „топчиите“ од португалскиот Спортинг, по интензивни и продолжени преговори кои траеја со недели.
Договорот е вреден 63 милиони евра, со дополнителни 10 милиони во форма на бонуси – сума која се смета за конкурентна во денешниот пазар, особено кога станува збор за еден од најпосакуваните напаѓачи во Европа.
Дебакл на младите македонски кошаркари на почетокот на ЕП во Србија
Македонската машка кошаркарска репрезентација доживеа убедлив пораз попладнево од Литванија со 137-62.
Ова беше натпревар од 1.коло на Европското првенство во Белград.
Капитенот Јаничиќ со вкупно 21 поен беше единствениот расположен во македоснкиот состав.
Македонија утре од 13:30 часот ќе се соочи со Грција.
Реал го купи Италијанецот Прочида
Италијанскиот кошаркар Габриеле Прочида официјално е ново засилување на шпанскиот гигант Реал Мадрид.
Дваесет и тригодишниот бек, кој успешно ги покрива позициите „два“ и „три“, пристигнува од Алба Берлин, каде настапуваше изминатите три сезони.
Во минатата сезона од Евролигата Прочида имаше просек од 9,7 поени и 2,2 скокови по натпревар, со што го привлече вниманието на еден од најтрофејните европски клубови.
Со „кралскиот клуб“ потпиша тригодишен договор, кој содржи и излезна клаузула во случај да пристигне понуда од НБА. Прочида беше избран како 36. пик на драфтот во 2022 година од страна на Јута Џез, но сè уште не дебитирал во најсилната кошаркарска лига.
Тони Надал одби да го тренира Зверев
Чичкото на Рафаел Надал, Тони Надал, нема да биде новиот тренер на германскиот тенисер Александар Зверев, објави во четврток „Спорт Билд“.
Надал постариот, според весникот, ја одбил понудата, наведувајќи дека нема време. Имено, тој ја води тениската академија на Рафа во Мајорка, е директор на турнирот на тој остров и држи предавања, па затоа не може редовно да го следи Зверев на турнири.
Третопласираниот играч на АТП листата неодамна беше елиминиран во првото коло на Вимблдон, а во последните денови тренираше во академијата на Надал.
Медиумите шпекулираа и дека Рафаел Надал би можел да преземе советничка улога во тимот на Зверев.
Македонија и вторпат ја надигра Швајцарија
Кошаркарската репрезентација на Македонија го доби и вториот тест натпревар против Швајцарија со 65-52 во салата „Ноел“ во Гевгелија.
Истиот не го дочека својот крај поради договор на двата селектори, а на барање на швајцарскиот.
Во последната четвртина се играше само четири минути, а тогаш средбата беше прекината откако селекторите се договорија за такво нешто по иницијатива на лутиот швајцарски предводник.
Наш најдобар поединец на натпреварот беше Џејкоб Вајли со 12 поени, додека седум уфрли Валмир Какруки.
Заврши ЕМОФ Скопје 2025, Италија најуспешна нација
Пред спортскиот центар „Јане Сандански“, со емотивна и инспиративна церемонија, вечерва беше свечено затворен Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025. Изминатата недела, Скопје и Куманово беа епицентарот на олимпискиот младински дух.
Церемонијата започна со видео-анимации инспирирани од спортските дисциплини и симболиката на ЕМОФ, проследени со поздрав до сите учесници – младите спортисти, тренерите, делегациите и волонтерите – кои со својата енергија и посветеност испишаа нова олимписка приказна за Европа.
Програмата продолжи со интонирање на химната на Македонија и свечена парада на делегациите, по што на сцената се појавија 20 волонтери – симболично претставувајќи ги над 700 ентузијасти кои несебично придонесоа за реализацијата на фестивалот.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски им се заблагодари на сите учесници и истакна дека Македонија повторно покажа дека може да организира настан од европско значење со срце, страст и професионалност.
„Македонија беше горд домаќин на новата генерација олимписки надежи. Она што го сведочевме за време на ЕМОФ Скопје 2025 беше многу повеќе од спортски натпревари. Тоа беше прослава на младоста, на искреното пријателство, на взаемната почит и инспиративниот дух што нè обедини. Овие млади спортисти нè потсетија на вистинските олимписки вредности – единство, страст и извонредност. Горди сме што Македонија не само што покажа дека може да организира настан од ваков обем со професионалност и срце, туку уште повеќе – дека може да инспирира и да обедини луѓе од цела Европа. Ви благодариме што ја споделивте вашата енергија, вашите соништа и вашата младост со нас. Ова е наследство што ќе го носиме понатаму,“ рече Димевски.
Претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос, официјално го прогласи фестивалот за затворен. Беше интонирана химната на Европските олимписки комитети – „Ода на радоста“, беше свечено спуштено знамето на ЕОК, а олимпискиот оган на ЕМОФ беше изгаснат.
„Каква неверојатна недела зад нас! Имавме голема привилегија да бидеме сведоци на напорната работа, страста, ентузијазмот и радоста на нашите прекрасни спортисти. Од спектакуларни настапи до незаборавни прослави – и, пред сè, вашата искрена почит едни кон други, покажавте што значи вистински спортски дух. Милиони луѓе низ Европа ги следеа вашите приказни преку нашите преноси и стриминг платформи. И тие, како и ние, беа трогнати, инспирирани и возвишени. Честитки до сите 4.000 учесници во 15 спортови,“ рече Капралос.
Маскотата Shiny последен пат ги поздрави присутните и го предаде знамето на ЕОК, кое потоа беше врачено на градоначалничката на Лињано Сабјадоро, Лаура Ѓорџи, и на Џорџо Брандолин, претседател на организацискиот одбор на следниот летен ЕМОФ – Лињано Сабјадоро 2027.
Церемонијата заврши со спектакуларен настап на Кирил Џајковски – пионерот на електронската музика на Балканот – чиј концерт создаде вистинска еуфорична атмосфера надвор од арената. Со својот уникатен спој на електро, етно и брејкбит, Џајковски ја подигна енергијата на ниво на фестивалски спектакл, обединувајќи ја младината на Европа преку музиката како универзален јазик на слободата и заедништвото. Неговиот настап беше вистинскиот завршен акорд на фестивал полн со емоции, спорт и инспирација.
На ден како 26 јули – кога пред 62 години сите европски земји се обединија во поддршка за Скопје по разорниот земјотрес – вечерва светот повторно беше сведок на единство: преку спортот, солидарноста и пријателствата што се родија за време на ЕМОФ Скопје 2025.
Со официјалното завршување на ЕМОФ Скопје 2025, финалниот пласман по број на медали ги истакнува најуспешните национални делегации на фестивалот:
Италија – 19 златни, 19 сребрени, 12 бронзени — вкупно 50 медали
Франција – 15 златни, 18 сребрени, 5 бронзени — вкупно 38 медали
Шпанија – 10 златни, 11 сребрени, 12 бронзени — вкупно 33 медали
Полска – 10 златни, 6 сребрени, 11 бронзени — вкупно 27 медали
Турција – 10 златни, 7 сребрени, 9 бронзени — вкупно 26 медал
Унгарија – 10 златни, 5 сребрени, 11 бронзени — вкупно 26 медали
Велика Британија – 10 златни, 7 сребрени, 5 бронзени — вкупно 22 медали
ЕМОФ Скопје 2025 ќе остане запаметен како фестивал на младоста, пријателството, фер-плејот и европското единство.
Ројевиќ: Мојот Охрид ќе расте ден по ден
Тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ очекува неговиот тим постепено да ја достигнува формата потребна за успешен настап претстојната сезона.
„Во новата сезона влегуваме со многу ентузијазам и мотивација. Тимот е значително променет – пристигнаа девет нови играчи и формиравме една сосема нова целина. Имаме квалитет, имаме добра мешавина од искуство и младост, но како и секој нов тим, ќе ни биде потребно време сè да дојде на своето место. Верувам дека од ден на ден ќе растеме“, изјави Ројевиќ.
Според него македонската лига е најсилна на Балканот.
„Еурофарм Пелистер игра во Лигата на шампиони, Вардар во европско натпреварување, а Алкалоид е актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот Куп и оваа сезона игра квалификации за Европската лига. Тоа доволно зборува за квалитетот на натпреварувањето и предизвикот што е пред нас. Ние ќе одиме трпеливо, чекор по чекор, со вера во работата, стабилноста и поддршката што ја чувствуваме од луѓето и навивачите во Охрид. Нашата цел е јасна – да изградиме тим што ќе биде препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека во текот на сезоната ќе успееме да го израдуваме нашиот град и нашата публика“, истакна тренерот на охриѓани.