feature

Хаверц заминува од „Стемфорд бриџ“ ова лето?

Германскиот репрезентативец, Каи Хаверц на лето би можел да го напушти Челзи, пренесуваат англиските медиуми.

Германецот оваа сезона не игра на препознатливото ниво, а медиумите тврдат дека сака да ја промени средината на крајот на сезоната.

Хаверц веќе го известил својот агент и доколку Челзи не избори пласман во Лигата на шампиони тој сигурно ќе побара трансфер. Хаверц има договор со „сините“ за уште две години, а медиумите тврдат дека силен интерес за него покажува Баерн Минхен.

Челзи нема да се противи на неговото заминување и му поставил цена од 60 милиони фунти.


Сабицер сака да остане во Манчестер и по шестмесечната позајмица

Марсел Сабицер не беше задоволен од статусот во Минхен и во последниот ден од преодниот рок се пресели во Манчестер Јунајтед на позајмица до крајот на сезоната.

„Црвените ѓаволи“ немаат опција за откуп на лето, па двата клуба ќе треба да седнат на преговарачка маса, а Австриецот не сака назад во Минхен.

Сабицер брзо се прилагоди на новата средина и би сакал да остане  на „Олд Трафорд“, а Баерн нема ништо против да го продаде.

Баварците за неговата слобода бараат 20 милиони евра, сума која нема да биде проблем за „црвените ѓаволи.


Ауар ги одби понудите од гигантите и се договори за премин во Ајнтрахт

Хусем Ауар го одбил трансферот во Манчестер Јунајтед, пренесуваат англиските медиуми.

24-годишниот плејмејкер до минатото лето беше на радарот на многу европски гиганти, но реши да остане во Лион. Ауар влезе во последната година од договорот и на крајот на сезоната ќе биде слободен агент, па од јануари почна да преговара со заитересирануте клубови.

Англиските медиуми пренесуваат дека Манчестер Јунајтед покажал конкретен интерес, но Французинот одбил да се пресели на „Олд Трафорд“.

Ауар веќе се договорил со Ајнтрахт Франкфурт, кој му гарантира првотимски статус и ќе потпише 4-годишен договор со германскиот клуб.


Сане и Гнабри налето заминуваат од Баерн

Во Баерн сериозно размислуваат на лето да се разделат со две ѕвезди, Серж Гнабри и Лерој Сане, пренесува доброинформираниот „Билд“.

Раководството на клубот не е задоволно од придонесот на двајцата фудбалери и се спремни да слушнат понуди за нив на лето.

Гнабри минатото лето потпиша нов договор со Баварците, но клубот долго се колебаше дали да ги прифати неговите финансиски услови поради променливите партии. Пред Мундијалот тој имаше 10 гола и 11 асистенции, но после Мундијалот има само еден гол и тоа од пенал.

Од друга страна Сане требаше да биде прва ѕвезда во тимот после неговото доаѓање од Манчестер Сити, но и тој оваа сезона не ги исполнува очекувањата.

Поради тоа Баерн е спремен да ги продаде на лето доколку пристигнат задоволителни понуди за нив.


Данило го продолжи договорот со Јуве, останува во Торино до 2025 година

Дефанзивецот на Јувентус, Данило стави потпис на нов договор и ја продолжи верноста со „старата дама“ до 2025 година.

31-годишниот Бразилец пристигна во Јувентус од Манчестер Сити во 2019 година и од тогаш е стандарден во тимот. Оваа сезона е еден од најдобрите поединци во тимот на Алегри и често ја носи капитенската трака, па клубот му понуди нов договор.

„Дух, воинственост, лудер. Овие три збора го опишуваат фудбалерот Данило, но исто така и човекот Данило. Тој од неговото пристигнување ја покажува приврзаноста кон нашите бои“, стои во соопштението на клубот.


Челзи подготува понуда за Душан Влаховиќ

Англискиот премиерлигаш Челзи е заинтересиран за голгетерот на Јувентус, Душан Влаховиќ.

Клубот од „Стенфорд Бриџ“, својата понуда за Србинот ќе ја достави во летниот преоден рок, и тој би можел да биде замена за Ромело Лукаку кој игра на позајмица во Интер, но не е сигурно дека повторно би се вратил во Челзи.

Тренерот на лондончани Греам Потер е во потрага по напаѓач бидејќи Челзи на 24 натпревари во Премиер лигата има постигнато само 23 гола.

Информациите од медиумите во Англија велат дека голема е веројатноста 23-годишниот Влаховиќ веќе следната сезона да го облече дресот на Челзи.


Ван Дајк: Ова темпо на натпревари не може да се издржи

Фудбалерот на Ливерпул и репрезентативец на Холандија, Вирџил ван Дајк, признава дека е во лоша форма поради големиот број на натпревари кои ги одигра оваа сезона.

„Одиграв премногу натпревари, и едноставно моето тело се скрши. Ова е темпо кое не може да се издржи. Пребрзо се вратив на теренот после тешката и комплицирана повреда. Требаше да направам пауза пред Светското првенство во Катар. Не направив пауза затоа што сакам да играм и да му помогнам на мојата екипа најповеќе што можам “, изјави Ван Дајк.

 Холандскиот дефанзивец во Ливерпул пристигна во 2018. година од Саутемптон за 85 милиони евра. Оваа сезона тој се најде под големи критики од фудбалската јавност после лошите резултати на клубот од „Енфилд“.


Анчелоти: Барселона среќно победи

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во изјава после поразот на неговиот тим од Барселона со 1:0 во првиот полуфинален натпревар од Купот на кралот, вели дека каталонците среќно стигнале до победата.

„Охрабрува како го одигравме натпреварот. Секако дека не сме задоволни од резултатот, но ако и во реваншот играме вака тогаш мислам дека ќе се пласираме во финалето. Овај резултат не е реален. Барса не направи ништо пред нашиот гол, и имаше среќа при погодокот. Игравме одлично, но тешко беше да се најде простор за напад бидејќи дефанзивата на Барселона беше цврста“, изјави Анчелоти.

Реванш помеѓу двата големи ривали се игра на 5. април во Барселона.


Синот на Роналдињо потпиша за Барселона

Жоао Мендеш, 18-годишниот син на поранешниот легендарен фудбалер на Барселона, Роналдињо, потпиша договор со каталонскиот клуб.

Тој игра на позицијата напаѓач,а беше член на академијата на бразилскиот клуб Крузеиро, меѓутоа минатата година го раскина договорот.  

Мендеш потпиша договор со Барселона, 15 години откако неговиот татко го напушти овај легендарен клуб.

Роналдињо со Барселона има освоено две титули првак на Шпанија и Лига на шампиони во 2006.година.


Гвардиола го носи Ковачиќ во Манчестер Сити

Матео Ковачиќ на лето може да го напушти Челзи, но да остане во Премиер лигата.

Според најавите „сините“ се спремни да го пуштат 28 годишниот Ковачиќ на кого договорот му истекува следното лето доколку пристигне понуда од 35 милиони евра.

Челзи го купи Енцо Фернандез во јануари, па јасно е дека минутажата на Ковачиќ додатно ќе се намали, па и тој е спремен да ја промени средината. Најсилен интерес за Хрватот покажува Манчестер Сити, бидејќи Гвардиола е голем симпатизер на неговите квалитети.

„Граѓаните“ сакаат да ја искористат ситуацијата и веќе стапиле во контакт со неговиот агент и веќе работат на трансферот.