feature

Луис Енрике наследник на Симеоне?

Шпанските медиуми пренесуваат дека поранешниот селектор на Шпанија, Луис Енрике, би можел да биде нов тренер на Атлетико Мадрид.

Енрике е без ангажман откако поднесе оставка на местото селектор на Шпанија после неуспехот на Мундијалот во Катар.

Информациите од медиумите велат дека на Енрике му е понудено да го преземе Атлетико, доколку Диего Симеоне на крајот од сезоната го напушти клубот од Мадрид.

Луис Енрике претходно ги има водено екипите на Барселона, Селта и Рома.


Берлускони продава дел од акциите во Монца

Првиот човек на фудбалскиот состав Монца, Силвио Берлускони, сака да продаде дел од акциите за да донесе „свеж“ капитал и да ги покрие зголемените трошоци со играњето во Серија А.

Тој бара инвеститори кои ќе му помогнат на семејниот холдинг –  „Фининвест“ во покривање на растечките трошоци потребни за поддршка на Монца.

Поранешниот италијански премиер го презеде клубот 2018 година кога играше во третолигашката конкуренција.


Реал пак се интересира за Бруно Гимараеш од Њукасл

Реал Мадрид е силно заинтересиран за играчот на Њукасл и бразилски репрезентативец, Бруно Гимараеш.

25-годишниот играч за врска игра фантастично и го привлече вниманието  на многу европски гиганти. После заминувањето на Каземиро, Анчелоти верува дека неговиот сонародник ќе биде идеална замена и сака да го донесе на „Сантиаго Бернабеу“.

Реал е во потрага по квалитетен играч за врска, а со оглед на фактот дека Белингам е премногу скап, „кралевите“ сега ќе се насочат кон Бруно Гимараеш.


Пешевски: Овај натпревар треба да биде будење за екипата

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер на домашен терен го очекува натпревар во СЕХА Гаспром лигата, против тимот на Војводина. Битолчани на овај дуел ќе ја бараат својата прва победа во групната фаза на ова натпреварување.

Натпреварот со гостите од Србија, за пелистерци доаѓа после изненадувачкиот пораз од Мотор и елиминацијата од Лига Европа.

Свои очекувања за натпреварот со Војводина даде македонскиот репрезентативец во редовите на битолскиот клуб, Жарко Пешевски.

„ Војводина е квалитетна екипа, составена од искусни домашни ракометари. Овој натпревар ни доаѓа во лош момент, но може добро да ни дојде за да ги залечеме раните и да биде еден наш нов почеток. Едно будење во кое ќе се подигнеме самите и ќе забележиме поволен резултат, не само на таа средба туку и на натпреварот што нè чека во Суперлигата против Пролет“, вели Пешевски

Во првите две кола од СЕХА, Еурофарм Пелистер загуби од Војводина во Нови Сад и од Нексе во Нашице.


Хојлунд би дошол во Јуве ако Влаховиќ биде продаден

Јувентус покажува дека е заинтересиран за 20-годишниот дански фудбалер Расмус Хојлунд кој во сезонава постигна 13 гола во дресот на Аталанта.

Станува збор за одличен напаѓач за кого се заинтересирани и луѓето од Милан и Рома.

„Старата дама“  го гледа младиот играч како евентуална замена за Душан Влаховиќ, кој веројатно во текот на летото ќе замине во друг состав.


Голем интерес од цел континент за Грузиецот Кварацхелија

Фудбалерот на Наполи, Квиша Кварацхелија, кој има блескава сезона, влегува во радарот на англиските состави Манчестер Сити и Њукасл, објави новинарот на „CBS Sports“ – Бен Џејкобс, во неговата последна колумна.

Интернационалецот од Грузија се уште не размислува да ја промени средината иако дел од гигантите сакаат да дојдат до неговиот потпис. Се очeкува италијанскиот тим за слободата на Кварацхелија да бара повеќе од 100 милиони евра.

„Нема сомневање дека ќе има многу опции на лето. Но, Наполи е совршен клуб за Кварацелија во моментов“, напиша Џејкобс.


Фабијански од Вест Хем доби скршеница на јагодичната коска

Англискиот Би-Би-Си пренесува дека голманот на Вест Хем Јунајтед, Лукаш Фабијански, се здоби со скршеница на јагодичната коска и можеби е потребна да оди на операција.

Полскиот репрезентативен голман повредата ја доби на саботниот дуел во Премиер лигата против екипата на Нотингем Форест. Тренерот на популарните „чекани“, Дејвид Мојес изјави дека не знае со сигурност колкав период Фабијански ќе биде надвор од теренот.

Голот на Вест Хем во наредниот период ќе го брани вториот голман во тимот, Алфонс Ареола. Во следното коло клубот од Лондон му гостува на Брајтон.


Тен Хаг заинтересиран за Осимен и Кудус

Тренерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, сака да ги доведе на Олд Трафорд Виктор Осимен и Мохамед Кудус.

После пристигнувањето на 53-годишниот тренер на клупата на Јунајтед, екипата забележува одлични резултати и конечно после подолг период освои трофеј после победата во англискиот Лига Куп. Тимот останува да се натпреварува на три фронта, и челниците на клубот сакаат да му овозможат на тренерот дополнителни засилувања за наредната сезона.

Според информациите од англиските медиуми, Тен Хаг и клубот се заинтересирани за доведување на двајца африкански фудбалери, Виктор Осимен од Наполи и Мохамед Кудус од Ајакс.

Осимен игра во извонредна форма во дресот на Наполи каде сезонава има постигнато 24 гола, додека Кудус за Ајакс има постигнато 6 гола на 32 натпревари.


Петар Ненадиќ продолжува во ПСЖ

Српскиот ракометен интернационалец, Петар Ненадиќ, најверојатно ќе биде нов член на францускиот шампион Париз Сен Жермен.

Според информациите од поедини ракометни портали, Ненадиќ во ПСЖ ќе пристигне за да го пополни местото на Никола Карабатиќ кој го очекува подолга пауза поради здравствени проблеми.

37-годишниот Ненадиќ пред неколку дена ја прекина соработката со унгарскиот шампион Веспрем, после несогласувањата со тренерот Момир Илиќ. Очекувањата се дека Србинот ќе остане во екипата од Париз до крајот на сезоната.


Силва поради повреда ќе паузира шест недели

1469746822

Столбот во одбраната на Челзи, Тијаго Силва, заработи повреда на лигаментите од коленото, поради што ќе биде надвор од фудбалскиот терен во наредните шест недели, објави клубот од „Стенфорд Бриџ“.

Бразилецот се повреди на натпреварот од Премиер лигата против Тотенхем, кога од игра излезе во 19.минута, а неговата екипа доживеа пораз од 2:0.

Доколку 38-годишниот Силва отсуствува шест недели, тогаш тој ќе го пропушти реваншот во осминафиналето од Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд, како и можното четвртфинале.