feature

Леброн Џејмс поради повреда ќе паузира неколку недели

Најдобриот кошаркар на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс, поради повреда на десното стапало неколку недели ќе биде надвор од теренот.

Џејмс повредата ја заработи на натпреварот со Далас кој Лејкерси го добија после резултатски пресврт. Првично се очекуваше Леброн да отсуствува само на наредниот меч за својот тим, но според информациите од медиумите во САД неговата повреда е посериозна и ќе мора да паузира неколку недели. Неговата повреда доаѓа во многу битен момент за екипата, која се бори за влез во плеј-офот.

38-годишниот Џејмс е најдобар стрелец на екипата од Лос Анџелес, со просек од 29,5 поени по натпревар.


Познати сите учесници на СП во кошарка во септември

По завршените квалификации, синоќа и официјално се потврдени сите учесници на следното Светско кошаркарско првенство кое ќе се одржи оваа година во периодот од 25 август до 10 септември во Јапонија, Индонезија и Филипините. На завршниот турнир ќе учествуваат 32 селекции од кои: 12 од Европа, 8 од Азија, 7 од Северна и Јужна Америка и 5 од Африка.

Европа: Грција, Латвија, Финска, Германија, Словенија, Литванија, Франција, Шпанија, Италија, Грузија, Црна Гора, Србија.

Азија: Австралија, Кина, Јапонија, Иран, Либан, Нов Зеланд, Филипини, Јордан.

Америка: Канада, САД, Доминиканска Република, Порторико, Бразил, Венецуела, Мексико.

Африка: Брегот на Слоновата Коска, Ангола, Јужен Судан, Египет, Зеленортските Острови.


Салах нема намера да го напушти Ливерпул

Менаџерот на Мохамед Салах, Абас Иса, во изјава за англиските медиуми вели дека египетскиот репрезентативец нема намера да го напушти Ливерпул.

Одговорот од менаџерот на Салах доаѓа после многубројните шпекулации, посебно од медиумите во Шпанија кои тврдеа дека тој сигурно ќе го напушти клубот од „Енфилд“, доколку тимот не обезбеди учество во Лигата на шампионите наредната сезона.

30-годишниот Салах е член на Ливерпул од 2017.година, и со клубот има договор до 30.јуни 2025.година.


Крај на сезоната за Набил Фекир

Фудбалскиот клуб Бетис од Севиља соопшти дека Набил Фекир поради повреда на коленото ќе го пропушти остатокот од сезоната.

Во соопштението од Бетис се наведува дека Фекир на еден од претходните натпревари го повредил предниот вкрстен лигамент на коленото, и се очекува 29-годишниот фудбалер во наредните денови на замине на операција.

Тимот на Бетис се наоѓа на 9. место во шпанската Ла Лига, а во осминафиналето од Лига Европа ќе игра против Манчестер Јунајтед.


Скалони останува селектор на Аргентина до 2026.година

Фудбалскиот сојуз на Аргентина соопшти дека селекторот на репрезентацијата Лионел Скалони го продолжи договорот до 2026.година.

44-годишниот аргентински тренер, на селекторското место е назначен во 2018.година, а со Аргентина го има освоено Копа Америка 2021.година и Светското првенство во Катар минатата година.

Скалони е прогласен за најдобар тренер за 2022.година според ФИФА.


Лесјак: Сами одлучуваме за нашата судбина

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер го очекува решавачки натпревар за пласман во осминафиналето од Лига Европа против екипата на Мотор Запорожје на домашен терен.

Еден од поискусните поединци во тимот од Битола, голманот Урбан Лесјак, има желба неговите соиграчи да одиграат како на првиот натпревар со истиот противник, кога Еурофарм Пелистер се радуваше на победата.

„Многу е важно што сами одлучуваме за нашата судбина. Имаме шанса да стигнеме и до третото место во групата, што е и наша цел. Екипата на Мотор е искусна, со микс на зрели и млади ракометари. На гостувањето кај нив одигравме еден од подобрите натпревари и сакаме тоа да го повториме пред нашата публика. До следната сабота не очекуваа четири натпревари и мораме да имаме голем ростер, а играчите кои почнуваат од клупа да внесат свежина“, истакнува Лесјак.

Натпреварот помеѓу Еурофарм Пелистер и Мотор Запорожје се игра вечерва во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.


Премиерлигашите нудат богатство за Еквадорецот Каиседо

Челзи, Арсенал и Ливерпул го сакаат репрезентативецот на Еквадор, Мојсес Каиседо и на лето ќе водат голема битка за неговиот потпис.

Брајтон веќе одби во јануари понуда за која се тврди дека била тешка 70 милиони фунти. Клубот не сака да се раздели со 21-годишниот фудбалер за сума помала од 100 милиони евра.

Англиските медиуми пренесуваат дека споменатите клубови се спремни да понудат 90 милиони евра за неговиот потпис.


Европските гиганти се распрашуваат за Ноа Окафор од Салцбург

Милан и Арсенал се силно заинтересирани за младиот напаѓач на Салцбург, Ноа Окафор.

Окафор го привлече вниманието на многу европски гиганти, а главната битка за неговиот потпис ќе ја водат Милан и Арсенал. Малдини сака да доведе млад и перскептивен напаѓач и веќе стапил во контакт со неговиот агент.

Меѓутоа, ќе треба да ја победи конкуренцијата бидејќи Арсенал исто така долго го следи напаѓачот.

Швајцарскиот репрезентативец оваа сезона има постигнато 10 гола и 3 асистенции, а Салцбург за неговата слобода бара 35 милиони евра.


Заврши хаваријата на Погба, спремен е да заигра на торинското дерби

Францускиот играч од средниот ред на Јувентус, Пол Погба, би можел да се врати на терените веќе во вторник на мечот со Торино. Искусниот играч за врска се чини дека конечно ќе се врати на терените откако ја санираше повредата.

Информациите од италијанските медиуми говорат дека францускиот репрезентативец ќе му биде на располагање на тренерот Масимилијано Алегри за дербито против Торино.


Челзи одлучи да го откупи договорот со Жоао Феликс

Жоао Феликс се пресели во Челзи, каде ќе игра на позајмица до крајот на сезоната.

Феликс сакаше да ја промени средината, па Атлетико се согласи да го пушти на позајмица, но без дефинирана опција за откуп на крајот на сезоната. Челзи сака да го откупи неговиот договор и на лето ќе понуди 80 милиони фунти за 23-годишниот фудбалер.

Атлетико за неговата слобода бара 100 милиони евра, но со оглед на фактот дека самиот фудбалер не сака да се врати во Мадрид, најверојатно оваа сума ќе ги задоволи нивните апетити.