Салихамиџиќ негига дека Баерн ќе го доведе Роналдо
Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ, ги негира сите шпекулации дека може да го ангжира Кристијано Роналдо.
Германскиот фудбалски шампион од вчера остана без Роберт Левандовски кој се пресели во редовите на Барселона а медиумите веднаш излегоа со најава дека неговото место на „Алијанц“ може да го пополни Португалецот кој е дел од Манчестер Јунајтед.
„Потврдувам дека Баерн Минхен не планира да го донесе Роналдо. Нема причина да разговараме на таа тема“, вели Салихамиџиќ.
Бремер од Торино ќе биде замената за Скриниар во Интер
Интер е во напредни преговори со Торино за трансфер на дефанзивецот Бремер, пренесуваат италијанските медиуми.
Бразилецот е трансфер цел број еден на „нероаѕурите“ за засилување на дефанзивата, бидејќи е означен како идеална замена за Скриниар.
Иако трансферот на Скриниар во ПСЖ се уште не е комплетиран, сепак Интер реши да ги забрза преговорите со Торино, бидејќи интерес за Бремер покажува и Јувентус. Италијанските медиуми пренесуваат дека двата клуба постигнале начелен договор и Интер за Бремер ќе плати 30 милиони евра плус младиот играч Чезаре Казадеј.
25-годишниот Бремер беше избран за најдобар дефанзивец во Серија А минатата сезона и ќе биде адекватна замена за Скриниар.
Манчестер Јунајтед за 55 милиони евра го доведе Лисандро Мартинез
Од Манчестер Јунајтед го потврдија трансферот на 24-годишниот Лисандро Мартинез од Ајакс. Аргентинскиот дефанзивец ќе потпише петгодишен договор а неделно ќе заработува 120 илјади фунти.
Англискиот тим како обештетување на Ајакс ќе му исплати 55 милиони евра, плус дополнителни бонуси. Мартинез во Јунајтед стигнува после големото инсистирање од новиот тренер на екипата Ерик тен Таг, кој соработуваше со играчот во Ајакс.
Прилепска Победа го претстави првото засилување
Повратникот во Првата македонска фудбалска лига, екипата на Победа го претстави Методија Делов како прво засилување за тимот предводен од новиот тренер Бобан Бабунски.
Искусниот 29 годишен дефанзивец се очекува да биде клучен дел од одбраната на Победа во сезоната што следува.
Делов во Победа пристигна од Тиквеш. Во кариерата има настапувано и за екипите на Кожуф и Вардар Неготино, а има и меѓународно искуство со настапи во Грција.
Де Лихт се договори со Баерн Минхен
Италијанските медиуми пренесуваат дека фудбалерот на Јувентус Матијс де Лихт ќе потпише петгодишен договор со Баерн Минхен.
Де Лихт претходно ги договори личните услови со германскиот шампион, а според информациите од медиумите, челниците на Јувентус постигнаа договор околу трансферот на холандскиот фудбалер во Баерн.
Од Баерн Минхен за реализација на овој трансфер, на клубот од Торино ќе исплати повеќе од 80 милиони евра, вклучувајќи ги и бонусите.
22-годишниот Де Лихт во Јувентус пристигна од Ајакс во 2019 година, и за италијанскиот клуб одигра 117 натпревари и постигна осум голови.
Несторовски двоен стрелец во ремито на Удинезе против Унион Берлин
Илија Несторовски ја потврди својата голгетерска форма во претсезоната. Несторовски постигна два гола за Удинезе во пријателскиот меч со Унион Берлин, кој заврпи без победник 3-3.
Македонецот на теренот влезе во 15. минута, кога го замени повредениот Деулофеу. Првиот гол Несторовски го постигна во 26. минута, а вториот во 43. минута од натпреварот.
Неколку полски клубови ќе добијат финансиска компензација по трансферот на Левандовски
Неколку клубови во Полска ќе бидат особено задоволни од трансферот на Роберт Левандовски од Баерн (Минхен) во Барселона. Двата гиганти на европскиот фудбал се договорија за зделка вредна 45+5 милиони евра, која наскоро треба да биде финализирана.
Во татковината на стрелецот откриваат дека неговите поранешни локални клубови ќе поделат вкупно нешто повеќе од 2 милиони според правилата на ФИФА, бидејќи учествувале во неговиот развој како фудбалер.
Варшава – училиштето во кое поминал 7 години како дете и важи за предводник во обликувањето како играч, ќе го земе „лавовскиот дел“ од 625.000 евра. После тоа, кариерата на младиот Лева се пресели во Делта (Варшава), која моментално е во седмата лига. Овој клуб ќе земе 125.000 евра.
Потоа на ред доаѓа Легија Варшава за која одат 250.000 евра, а потоа следат Зниќ (Прушков) и Лех (Познан) со по 500.000 евра.
Манчестер Јунајтед пронајде напаѓач кој би го заменил Роналдо
Екипата на Манчестер Јунајтед покажува интерес за ангажман на напаѓачот од Брентфорд Иван Тони, пренесува весникот Мирор.
Тимот од Олд Трафорд засега не планира конкретна понуда за Тони, туку ќе ја почека разврската околу иднината на Кристијано Роналдо, и дали тој планира да остане во Јунајтед и следната сезона.
Иван Тони во дресот на Брентфорд минатата сезона постигна вкупно 14 гола и реализира шест асистенции. За 26-годишниот голгетер интерес пројавуваат Њукасл Јунајтед и Вест Хем.
ПСЖ и Челзи преговараат за Кимпембе
Италијанскиот новинар Фабрицио Романо тврди дека претставници на Челзи и Рома се во преговори за дефанзивецот Преснел Кимпембе.
Имено, од ПСЖ за евентуална продажба на Кимпембе бараат износ помеѓу 60 и 65 милиони евра, додека од Челзи се подготвени да понудат 45 до 50 милиони евра.
Иако во ПСЖ , Кимпембе го сметаат за важен дел од проектот на екипата, сепак ќе дозволат негово заминување доколку пристигне добра понуда за него.
Брејди уште не одлучил дали заминува во пензија или не
Легендата на американскиот фудбал, Том Брејди се уште не одлучил дали претстојната сезона во НФЛ ќе биде последна во неговата кариера. 44-годишниот бек на Тампа Беј, кој има роденден во август, се повлече од спортот по крајот на минатата сезона, но ја смени својата одлука само еден месец подоцна.
Брејди има седум победи во „Супер Боул“ со Њу Ингланд и Тампа. Тој наскоро ќе ја започне својата 23-та НФЛ сезона и трета со Тампа Беј.
„Физички се чувствувам прилично добро. Имав многу повреди низ годините, но се надевам дека следната ќе помине без проблеми и ќе победувам“, изјави Брејди за Variety.
„Ја донесов одлуката (да се пензионирам) рано. Мислев дека тоа е за доброто на тимот и им го кажав тоа. Но понекогаш ви треба повеќе време за планирање. По разговорите со Брус Аријанс (тренер), Џејсон Лихт (генерал менаџер) и мојата сопруга (моделот Жизел Бундхен) одлучивме дека сè уште можам да играм на највисоко ниво. Преферирав да размислувам до јули дали ќе играм повторно, но работите се случија порано. Сакав да му дадам време на тимот да прави планови и поради тоа пребрзо ја донесов одлуката. Меѓутоа, подоцна сфатив дека можам да продолжам бидам на терен“.