feature

Јокиќ и официјално стави потпис на најголемиот договор во историјата на НБА

Кошаркарот на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ и официјално го потпиша најголемиот договор во историјата на НБА лигата.

Клубот од Колорадо на двократниот МВП играч на НБА лигата со новиот договор се обврза да му исплати 264 милиони долари за пет години. Со ова Јокиќ постави нов стандард во најсилната кошаркарска лига што се однесува на финансиските примања.

Минатата сезона 27-годишниот Јокиќ одигра 74 натпревари во регуларниот дел на првенството и забележа просек од 27.1 поен, 13.8 скока, 7.9 асистенции и 1.5 украдени топки.


Фиорентина се засили со Лука Јовиќ од Реал

Фудбалскиот репрезентативец на Србија Лука Јовиќ потпиша договор со екипата на Фиорентина.

Италијанскиот клуб соопшти дека 24-годишниот доскорешен играч на Реал Мадрид, ги помина лекарските прегледи во Фиренца. Фиорентина го претстави својот нов напаѓач на својот официјален веб сајт и преку друштвените мрежи. Италијанските медиуми пренесуваат дека Јовиќ од Реал пристигна без обештетување, но клубот од Мадрид ќе добие 50 % од наредниот трансфер на играчот.

Лука Јовиќ во минатото има настапувано за Црвена Звезда, Бенфика, Ајнтрахт и Реал. Тој има одиграно и 26 натпревари за српската репрезентација.


Познати групите за женската ракометна Суперлига

Вчера во просториите на Ракометната федерација на Македонија беа извлечени групите за новата сезона во Женската лига.

За настап во новата сезона се пријавија 16 екипи, кои ќе бидат поделени во две групи и до крајот на годинава ќе одиграат по 14 кола.

Потоа екипите се делат на плеј-оф и плеј-аут во пролетниот дел од сезоната, кога ќе се играат по дополнителни осум кола со екипите од другата група.

Шампионот Ѓорче Петров се најде во групата Б, заедно со Металург, Стружанка и други екипи, додека вицепрвакот Куманово ќе игра во групата А заедно со Вардар, Чаир, како и новиот тим Скопје.

Првото коло од Женската лига ќе се игра на 10/11 септември.

Женска лига, сезона 2022/23:

Група А: Куманово, Вардар, Чаир, Пелистер, Шампион, Гевгелија, Спартак, Скопје

Група Б: Ѓорче Петров, Металург, Стружанка, Деспина, Овче Поле СУ, Астибо, Феникс, Кузман Вардар.


Платини и Блатер ослободени од обвинението за корупција

Судот во Швајцарија пресуди дека поранешните први луѓе на ФИФА и УЕФА, Сеп Блатер и Мишел Платини не се виновни за корупција.

Против Блатер и Платини се водеше процес по обвинението дека двајцата функционери направиле проневера на два милиони швајцарски франци. После долги години на истрага сепак судот одлучи дека нема доволно докази за обвинението.


Клоп му го продолжи договорот на Џо Гомез

Дефанзивецот Џо Гомез стави потпис на нов договор со Ливерпул каде што настапува во изминатите седум години.

Гомез во Ливерпул дојде од Чарлтон во 2015 година и во тимот од „Енфилд“ оствари големи успеси, собра вкупно 142 настапи во дресот на „црвените“.

„Ова е посебен момент за мене и моето семејство. Нов момент за кој сонувате од дете. Ливерпул е фантастично место, веројатно едно од најдобрите на кое може да бидете, можеби и најдобриот клуб во светот. Не ми беше тешко да се одлучам да го продолжам договорот“, изјави Гомез

Во изминатата сезона Гомез настапи на 21 натпревар.


Кавани опција за нападот на Монца

Новајлијата во италијанската Серија А, екипата на Монца, сака да го ангажираат поранешниот уругвајски напаѓач од екпата на Манчестер Јунајтед, Единсон Кавани.

Според дел од медиумите на Апенините, клубот почнал да преговара со претставниците на играчот.

Во исто време, агентот на напаѓачот не ја исклучи можноста Единсон Кавани следната сезона да игра во Јужна Америка. Кавани имаше 19 настапи за Манчестер Јунајтед оваа сезона во сите натпреварувања, постигнувајќи два гола. Претходно тој во два наврати беше во Италија како фудбалер на Наполи и Палермо.


Томас Брајант се врати во ЛА Лејкерс

Американскиот центар Томас Брајант ќе стане новиот кошаркар на Лос Анџелес Лејкерс.

Тој се договори за едногодишен договор со една од двете најтрофејни франшизи во историјата на НБА, а ќе игра за минимална дозволена плата.

За Брајант тоа е враќање меѓу „Лејкерите“, бидејќи во жолтиот дрес ја одигра првата НБА сезона во кариерата, откако беше избран за 42. пик на драфтот во 2017 година.

По таа прва сезона во Лејкерс, тој се пресели во Вашингтон Визардс, за кого настапуваше во претходните четири сезони.


Без алкохол за фановите на Мундијалот во Катар

Лоша вест за навивачите и љубителите на пивото, кои планираат да ги следат натпреварите од Светското првенство во Катар на крајот на годината во живо.

Повикувајќи се на свој извор, агенцијата „Ројтерс“ ексклузивно ја објави веста дека трибините на стадионите на Светското првенство во Катар ќе бидат без алкохол, а продажбата на пиво надвор од стадионот ќе биде дозволена само пред и по некои натпревари и на одредени локации.

Овогодинешното Светско првенство е првото што ќе се одржи во муслиманска земја со строга контрола на алкохолот, што претставува уникатен предизвик за организаторите на Мундијалот, кој често се поврзува со љубителите на пивото и е спонзориран од светски брендови на пиво.

Така, одлучено е алкохолот да не се служи за време на натпреварите на стадионите, туку навивачите ќе можат да го купат за време на Светското првенство на ограничено време и во одредени делови од фан зоната на ФИФА во Доха, главниот град на Катар.


Стивен Бергвијн е нов играч на Ајакс

Досегашниот фудбалер на Тотенхем Стивен Бергвијн потпиша петгодишен договор со екипата на Ајакс.

Трансферот на 24-годишниот играч е вреден 26,4 милиони фунти. Фудбалерот го напушти Тотенхем поради фактот што не успеа да се избори за поголема минутажа во составот на тренерот Антонио Конте.

Бергвијн пристигна во Тотенхем во јануари 2020 година од ПСВ Ајндховен. Тој за клубот од Лондон одигра 83 натпревари и постигна осум гола. 


Видал ја напушта Европа и ќе потпише за Фламенго

Артуро Видал ќе му се приклучи на Фламенго со слободен трансфер. 35-годишниот Чилеанец ги договорил условите за раскин на договорот со Интер, пренесуваат италијанските медиуми.

Висината на обештетувањето на крајот од договорот ќе биде 4 милиони евра. Видал ќе потпише двегодишен договор со Фламенго. Неделава ќе ги мине лекарските прегледи, по што и официјално ќе биде објавено потпишувањето на договорот.

Во сезоната 2021/22, Видал постигна 2 гола и направи 4 асистенции на 40 натпревари за Интер.