feature

Јован Манев од Брегалница се сели во Аданаспор

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Јован Манев, прави голем чекор во својата кариера бидејќи го очекува трансфер во турскиот клуб Аданаспор.

21-годишниот дефанзивец со одличните игри кои ги прикажа настапувајќи за фудбалскиот клуб Брегалница, го привлече вниманието од повеќе европски екипи а најконкретни за негов ангажман беа од турскиот прволигаш Адана.

Главен тренер во новиот клуб на Манев е легендарниот Винченцо Монтела, а негов нов соиграч ќе биде популарниот Марио Балотели.


Македонија ги дозна противниците за Светското ракометно првенство во 2023 година

Македонската ракометна репрезентација на следното СП во ракомет ќе игра во група со селекциите на Норвешка, Аргентина и Холандија.

Ждрепката сакаше Македонија да се најде во групата Ф и своите натпревари да ги игра во полскиот Краков.

Светското првенство во ракомет ќе се одржува во девет градови во Полска и Шведска од 11 до 29 јануари 2023 година.


Берлускони ги посакува Икарди и Дибала во Монца

Фудбалскиот клуб Монца се пласира во Серија А, а нејзинот сопственик Силвио Берлускони има високи амбиции за наредните години.

Според објавите на познатиот италијански новинар Џанлука ди Марцио, Берлускони и неговиот долгогодишен соработник, Галијани, сакаат во своите редови да ги доведат двата аргентински фудбалери, Мауро Икарди и Пауло Дибала.

Иако оваа трансфер операција на прв поглед изгледа невозможна, кога се во прашање Берлускони и Галијани секогаш постои шанса за изненадувања.

Мауро Икарди од поодамна не е во планот на Париз Сен Жермен, но има висока плата од 10 милиони евра, па доколку би пристигнал во Монца ќе треба да се постигне некаков договор за поделба на платата. Дибала е слободен играч ова лето, и тој во моментот води преговори со Милан и Интер, меѓутоа доколку играчот не постигне договор со овие гиганти, тогаш Берлускони ја гледа својата шанса да го ангажира Дибала во Монца.


Рома потпиша со Миле Свилар од Бенфика

Рома синоќа и официјално потврди дека потпиша договор со голманот на екипата на Бенфика, Миле Свилар.

22-годишниот Свилар дојде во Рим како слободен фудбалер и потпиша договор со „волчицата“ до 30 јуни 2027 година и го одбра дресот со бројот 99.

Десниот бек Алесандро Флоренци ја напушти Рома, откако Милан го купи по истекот на закупот. „Росонерите“ потпишаа договор со него до летото 2025 година.


Михтарјан пристигна во Интер

Ерменскиот фудбалер Хенрик Михтарјан и официјално е нов играч на Интер. Тој со клубот потпиша двегодишен договор.

33-годишниот фудбалер стана играч на Интер веднаш откако му истече договорот со неговиот досегашен клуб Рома.

Михтарјан кој е некогашен играч на Манчестер Јунајтед и Арсенал, претодните три сезони ги помина во Рома за која одигра 117 натпревари и постигна 29 голови и 28 асистенции.


Шкендија го промовира Јан Вондра

Фудбалскиот клуб Шкендија и официјално го потврди доаѓањето на чешкиот интернационалец Јан Вондра. Тој настапува на позицијата лев бек и се очекува да биде солидно појачување за тој дел од екипата.

„Среќен сум што пристигнав во Тетово и што ќе играм за Шкендија. Се надевам дека ќе прикажам добри игри на почетокот на Конференциската лига и пред стартот на новата сезона во македонската фудбалска лига“, изјави Вондра по потписот на договорот со Шкендија.


Интер го претстави наследникот на Самир Хандановиќ

Италијанскиот вицешампион откако го ангажираше Ромелу Лукаку денес го претстави и голманот Андре Онана.

Трансферот на Онана од поодамна беше договорен, а сега Камерунецот пристигна во Милано каде што беше претставен. Во Интер Онана пристигнува како слободен играч.

Во Интер Онана ќе го преземе местото на Самир Хандановиќ. Во минатото Онана беше дел и од младинската школа на Барселона.


Саудиска Арабија домаќин на Суперкупот на Италија

Вчера беше објавен датумот и местото каде ќе се одигра италијанскиот Суперкуп помеѓу Милан и Интер.

Милан како актуелен шампион ќе ги одмори силите со Интер како освојувач на Купот во дуел за Суперкуп во Саудиска Арабија.

Миланските гиганти ќе играат за трифејот на 18 јануари во Ријад, а сатницата ќе биде позната во подоцна фаза.

Интер минатата година го освои Суперкупот, а Милан последно овој трофеј го освои во 2016 година.


Руди Гобер ќе игра во Минесота Тимбервулвс

Медиумите во САД ја пренесуваат веста дека францускиот кошаркар Руди Гобер е нов играч на Минесота Тимбервулвс.

Центарот Гобер заминува во Минесота после трејдот во кој четири играчи ќе заминат во Јута. Гобер на трипати е прогласуван за најдобар дефанзивен играч во НБА лигата.


Бруно Фернандеш: Роналдо останува во Јунајтед

Фудбалерот од средината на теренот во Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, изјави дека неговиот сонародник Кристијано Роналдо ќе остане во клубот од Олд Трафорд.

Некои спортски медиуми пишуваа дека Роналдо е незадоволен во Манчестер и се споменуваше негово заминување во Баерн Минхен или Рома, но Фернандеш тврди дека Кристијано нема да го промени клубот.

„Со Роналдо ќе се видиме на стартот од подготовките. Не очекувам ништо поинаку. Секој води сметка за својата иднина, но не верувам дека клубот е спремен да изгуби толку важна фигура како Роналдо“, изјави Фернандеш за португалските медиуми.

Бруно Фернандеш пристигна во Манчестер Јунајтед во јануари 2020 година од Спортинг Лисабон за 63 милиони евра.