feature

Германија втор полуфиналист на женскиот Европски шампионат

Фудбалерките на Германија се пласираа во полуфиналето на Европскот првенство во женска конкуренција кое се игра во Англија, откако синоќа ја совладаа во четвртфиналето Австрија со 2-0 (1-0).

Головите за Германија ги постигнаа Лина Магул во 25. минута и Александра Поп (89). Германија во полуфиналето ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Франција и Холандија.

Во средата пласман меѓу четирите најдобри репрезентации на Европското првенство избори и домаќинот Англија со триумфот од 2-1 над Шпанија, и во полуфиналето ќе игра против победникот од четвртфиналната пресметка меѓу Шведска и Белгија.


Дани Алвес ќе игра за клуб од Мексико

Поранешниот фудбалер на Барселона, Бразилецот Дани Алвес во наредната сезона ќе игра во мексиканскиот клуб Пумас.

39-годишниот искусен дефанзивец во Пумас ќе пристигне како слободен играч, откако си замина од Барселона која не му понуди продолжување на договорот.

Алвес во својата кариера има настапувано за голем број клубови и освои 38 трофеи.


Рома пред ангажман на Вајналдум

Фудбалскиот клуб Рома најавува дека е во завршни преговори со ПСЖ за ангажман на Џини Вајналдум.

Тимот предводен од Жозе Мурињо е на добар пат во период од само неколку дена да добие двајца екстра играчи. Во Рома претходно стигна и Аргентинецот Пауло Дибала.

31-годишниот Вајналдум пред само една година го напушти Ливерпул и се пресели во ПСЖ, каде не доби скоро никаква шанса за редовни настапи со тимот. Неговиот договор со клубот од Париз е до 2024 година, а најверојатно тој во Рома ќе пристигне како позајмен играч.


Харден доби условен договор во Филаделфија

Кошаркарот, Џејмс Харден, прифати нов двегодишен договор со Филаделфија кој треба да му донесе 68,6 милиони долари.

Десеткратниот Ол-стар играч во регуларниот дел од претходната сезона имаше просек од 21 поен, 7,1 скок и 10,5 асистенции.

32-годишниот ветеран кој играше за Оклахома и Хјустон, во изминатите 13 сезони има 942 натпревари во НБА лигата.


Тајсон: Се гледам во огледало и мислам дека ми се ближи крајот

Мајк Тајсон не само што е еден од најдобрите боксери на сите времиња, туку и еден од најдобрите маркетинг експерти во спортот. Тоа беше главно негативен публицитет, но никогаш не ги напушти очите на јавноста. Сега кога си ја отвори душата, се чини дека му е доста од се.

„Челичниот Мајк“ забележа 50 победи во кариерата, од кои 44 со нокаут и ги помести границите на боксот.

Меѓутоа, одвреме-навреме се случува целосно да се отвори и да зборува за работи за кои досега не сме слушнале да размислува.

Тој има 56 години и сега неговиот живот доби нова перспектива. На неговиот подкаст „Hotboxin’ with Mike Tyson“, тој беше домаќин на терапевтот Шон Мекфарланд, кој предизвика некои мрачни мисли од боксерот.

„Сите ќе умреме еден ден. Во последно време често се гледам во огледало и гледам некои точки на лицето што ги немам видено досега. Си велам дека сум при крај, дека многу брзо ќе умрам “, изјави легендарниот Тајсон.


Брајтон одби 30 милиони фунти за Кукуреља

Англискиот премиерлигаш Брајтон, ја одби понудата од Манчестер Сити за шпанскиот фудбалер Марк Кукуреља, вредна 30 милиони фунти.

Според медиумските информации, челниците на Брајтон бараат дури 50 милиони фунти за својот фудбалер.

23-годишниот Кукуреља е играч на Брајтон од минатата година кога за 15 милиони фунти пристигна од Хетафе. Неговиот договор со актуелниот клуб истекува во јуни 2026 година.


Фјури постави неколку барања за меч со Џошуа

Светскиот боксерски шампион на ВБЦ, Тајсон Фјури, најави дека ќе се врати во рингот против Ентони Џошуа.

Британецот во јуни изјави дека завршил со боксот, но потоа се предомисли и рече дека веднаш ќе потпише договор за борба со Ентони доколку се прифатат неговите услови.

„Мечот треба да се гледа без пари“, напиша Фјури во објавата на Инстаграм. Џошуа ги загуби титулите ВБА, ИБФ и ИБО по поразот од Украинецот Олександр Усик во Лондон во септември.


Роналдо остана со две можни сценарија

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, има само две можности за продолжување на својата кариера. Едната е да остане во клубот од Олд Трафорд, а другата е да замине во Атлетико Мадрид, пренесува францускиот Л`Екип.

Португалскот напаѓач сака по секоја цена наредната сезона да игра во Лигата на шампионите, но тоа не може да го реализира со Манчестер Јунајтед  кој ќе настапува во Лига Европа.

Менаџерот на Роналдо, Жорж Мендеш проба да најде ангажман за својот клиент во Баерн, Интер и Челзи, меѓутоа овие клубови се откажаа од трансфер.

Весникот пренесува дека поголеми се шансите Роналдо да остане во Манчестер Јунајтед отколку да го напушти клубот. Друга варијанта која се споменува е заминување на Роналдо во Атлетико Мадрид, па за таа цел тој бил подготвен и на намалување на износот на платата која би ја добивал. 

Роналдо има договор со Манчестер Јунјатед до јуни наредната година.


Шмајхел: Ериксен ќе биде новиот лидер на Манчестер Јунајтед

Откако фудбалерот, Кристијан Ериксен, деновиве потпиша за Манчестер Јунајтед, легендата на тимот,  Питер Шмајхел, верува дека Данецот може да има блескави партии на „Олд Трафорд“.

„Кристијан Ериксен ќе добива шанса од самиот почеток на многу натпревари. Ќе мора да се докажува како и сите други. Тој е доволно добар и може да се справи со тоа. Ериксен веројатно ќе стане суперѕвезда во Јунајтед“, порача легендарниот голман.


Карлсен одби да игра за титулата светски првак против руски шахист

Магнус Карлсен одби да игра против Јан Непомњашчи за титулата најдобар шахист во светот.

Рускиот шахист изјави дека е многу разочаран од одлуката на актуелниот светски шампион од Норвешка, Магнус Карлсен, да одбие да игра против него за титулата светски шампион.

Карлсен во средата објави дека не сака да игра со Непомњашчи, кој го освои турнирот во Мадрид претходно овој месец за да го добие правото да го предизвика шампионот од 2023 година.

„Не сум мотивиран да играм уште еднаш. Мислам дека нема што да добијам. Не ми се допаѓа тоа“, рече Карлсен во првата епизода од неговиот подкаст „Магнус ефект“.

Претседателот на челната шаховска организација Аркадиј Дворкович излезе со соопштение во врска со новонастанатата ситуација во која вели дека Магнус се уште официјално не го откажал учеството, но дека неговиот став секако ќе биде испочитуван доколку остане така.