Барса се предомисли, наместо продажба сега му нуди нов договор на Депај
Барселона во наредните денови ќе му понуди нов договор на напаѓачот Мемфис Депај. До неодамна се мислеше дека Холанѓанецот ќе биде продаден ова лето, но се чини дека дошло до пресврт и газдите се подготвени да го задржат на „Камп Ноу“, пренесе „Спорт“.
Депај пристигна во клубот минатото лето како слободен играч, одбивајќи многу понуди од други клубови, бидејќи неговата желба беше да го облече дресот во Барса. На почетокот на сезоната беше солиден стартер, но по доаѓањето на Чави Хернандез ја загуби позицијата во тимот.
На крајот од сезоната, сепак, тој повторно имаше доста добри настапи и се чини дека токму со нив ја убеди управата да го задржи подолго.
Новиот договор на Депај ќе зависи и од одлуките на Генералното собрание на клубот. Доколку му се доделат дополнителни средства, газдите ќе седнат на преговарачка маса со напаѓачот.
Тухел го сака Рахим Стерлинг во Челзи
Томас Тухел, се залага за напаѓачот на Манчестер Сити, Рахим Стeрлинг. Тренерот сака да ја зголеми конкуренцијата во нападот, откако минатата сезона имаше забелешки за неговите играчи кои настапуваат на предните позиции. Затоа го свртел вниманието кон членот на англиската репрезентација, тврди „Скај Спортс“.
До неодамна се сметаше дека „сините“ следат уште еден напаѓач на Сити, Габриел Жесус. Сепак, Бразилецот е блиску до трансфер во Арсенал. Покрај тоа, Тухел претпочита да го земе Стерлинг наместо него.
27-годишниот крилен напаѓач има договор со „граѓаните“ на уште една сезона, па неговата иднина во клубот е неизвесна. Се почесто се шпекулира дека газдите на „Етихад“ се подготвени да го продадат за добра понуда. Цената на играчот е околу 70 милиони евра.
Ренато Санчез наместо во Милан ќе заврши во ПСЖ?
ПСЖ се вклучи во трката за потписот на Ренато Санчез.
Португалскиот играч за врска блеска во дресот на Лил и беше на чекор од трансфер во Милан, но сега ПСЖ може да го „украде“ пред носот на „росонерите“.
Милан и Лил го договорија трансферот за 15 милиони евра, но бидејќи трансферот се уште не беше комплетиран ПСЖ понуди двојно повеќе, односно 30 милиони евра.
Новиот спортски директор на „светците“, Луис Кампос го донесе Португалецот во Лил, а нов тренер на ПСЖ ќе биде Галтие кој како прва желба го посочил Ренато Санчез.
Милан нема финансиска моќ да ја израмни понудата на ПСЖ, па најверојатно Португалецот ќе заврши во Париз.
Јувентус ја подобрува понудата за Ди Марија
Италијанските медиуми пренесуваат дека Јувентус подготви втора повисока понуда за Анхел Ди Марија во обид да го донесе во Торино. Аргентинскиот крилен напаѓач ја одбил првата понуда од „старата дама“, која била за едногодишен договор.
За Ди Марија интерес покажува и Барселона, но Аргентинецот преферира трансфер во Јуве.
34-годишниот Аргентинец го напушта Париз Сен Жермен, после истекот на договорот на крајот од месецот. Ди Марија за ПСЖ постигна 92 гола на 295 натпревари.
Реал Мадрид подготвува нов договор за Бензема
Челниците на европскиот и шпански првак Реал Мадрид планираат да му понудат нов договор на капитенот Карим Бензема.
Иако Французинот има 34 години, тој ја одигра една од најдобрите сезони во кариерата и тоа беше доволно да ги убеди одговорните луѓе во клубот да подготват понуда за продолжување на договорот, кој истекува во јуни 2023 година.
Се очекува напаѓачот да седне на преговарачка маса во наредните недели. Се верува дека ќе добие предлог за продолжување на договорот на уште една година.
Бензема мина 13 сезони во Реал Мадрид. Во овој период одигра 625 натпревари на кои постигна 303 гола.
Варан оптимист пред втората сезона на „Олд Трафорд“
Рафаел Варан е оптимист за новата сезона на „црвените ѓаволи“.
Тимот започнува претсезонски тренинзи на 27 јуни со новиот тренер Ерик тен Хаг.
Францускиот дефанзивец имаше тешка сезона на „Олд Трафорд“ и го мачеа повреди, а тимот се претстави лошо.
„Нова сезона, нов почеток, па сите се возбудени да видат како ќе работи новиот менаџер. Сакаме да се претставиме добро и целта е да победиме на секој натпревар. Мора добро да се подготвиме за тоа“, изјави Варан.
„Мислам дека атмосферата ќе биде поинаква. Секогаш е возбудливо да се игра пред нашите навивачи ширум светот“, додаде тој.
Леонардо: Заминувам од ПСЖ, но Мбапе не е причината
Леонардо зборуваше за прв пат откако беше отпуштен од клубот. Според некои информации, Килијан Мбапе поставил услов Бразилецот да си замине за да потпише нов договор. Набргу по објавувањето на новиот договор на играчот, Леонардо бил информиран дека повеќе нема да биде дел од клубот.
Запрашан дали има врска меѓу договорот на Мбапе и отказот, тој одговори: „Не. Беше крај на сезоната и можеби беше време да се решат работите за иднината. Не ми е кажано дека моето заминување е услов Мбапе повторно да потпише, но не сакам да навлегувам во оваа тема. Фактот дека успеаја да го задржат овој фудбалер, кој е Французин, Парижанец, е важен за ПСЖ и Лига 1“.
Леонардо не откри какво објаснување му дале од ПСЖ: „Некои работи остануваат внатре во клубот. Кога клубот сака да се ослободи од вас, нема пријатен начин да ви каже. Сакав да останам, но разбирам дека овие работи се случуваат. Јас сум прагматичен. Три години во фудбалот се многу време. Заминувам без горчина. Искрено, без горчина. Имам мои ставови, но сега не е време да го отворам срцето. Време е да им се заблагодарам на Катар и Париз што ми ја дадоа оваа можност и не го правам тоа од популизам“.
Својот престој во клубот Бразилецот го оцени вака: „Можевме подобро, секогаш можеме подобро. Но, поминавме низ два различни периоди. Првиот во 2011 година беше во изградба, почнавме речиси од нула. Имавме можност да направиме нешто несекојдневно. Идејата беше да се изгради нешто. Вториот период ПСЖ веќе имаше добар тим. Тогаш дојде време за промена и стигнавме до финалето на Лигата на шампионите. Достоинствено загубивме од Баерн. Следната година отпаднавме од Манчестер Сити. Ако ги погледнете играчите што ги регрутиравме, кој го доживеал ова? Селекцијата беше неверојатна. Мислам дека тоа беше поврзано со коронавирусот. Обично такви играчи не се достапни. Да победевме против Реал…“
Базун од Манчестер Јунајтед се сели во Саутемптон
Саутемптон успеа во намерата да го купи голманот на Манчестер Сити, Гевин Базун, за 12 милиони фунти со тоа што сумата може да се искачи и до 15-ет доколку се остварат одредени бонуси.
20-годишниот чувар на мрежата во претходната сезона во Премиер-лигата одигра 46 мечеви како позајмен во Портсмут.
Базун откако ќе ги помине медицинските прегледи денеска треба да го потпише договорот со новиот тим.
Милан планира продажба на Анте Ребиќ
Фудбалскиот шампион на Италија, Милан, има намера да го продаде хрватскиот напаѓач Анте Ребиќ.
Продажната цена за Хрватот би се движела околу 20 милиони евра. Тој пристигна во екипата на Милан како позајмен играч од Ајнтрахт во 2019 година, но по одличните игри неговиот договор беше целосно откупен.
Како причина за неговата продажба се наведуваат неговите чести повреди во минатата сезона, падот во формата, како и доаѓањето на Дивок Ориги на Сан Сиро.
Мирослав Клосе стана тренер на Алтах
Некогашниот репрезентативец на Германија, Мирослав Клосе стана тренер на австрискиот прволигаш Алтах .
Легендарниот 44-годишен фудбалер, кој е рекордер по бројот на голови постигнати на Светските првенства, имаше одлична играчка кариера играјќи во Кајзерслаутерн, Вердер, Баерн и Лацио.
Клосе во дресот на германската репрезентација запиша 137 настапи и постигна 71 гол.
Како помошник тренер има работено во Баерн, каде ја водеше и екипата до 17 години. Заминувањето во Алтах ќе биде негова прва посериозна тренерска работа.