feature

Таеквондистот Георгиевски се избори за олимписка виза

Дејан Георгиевски ќе биде дел од претстојните Олимписки Игри во Токио во текот на летото откако успеа да се избори за норма на квалификацискиот турнирво таеквондо кој се реализираше во Софија во соседна Бугарија.
Тој во финалето во категоријата над 87 килограми успеа да слави над олимпискиот шампион Радик Исаев од Азербејџан и да си обезбеди место на финалниот собир. Место на Летните Олимписки Игри претходно обезбеди и борачот Могамедгаџи Нуров а реални шанси тоа да го направи има и каратистот Емил Павлов.
Георгиевски во двете денешни борби победи со апсолутна доминација против Динко Сегедин а потоа и против олимпискиот првак Исаев.


Санчо се враќа во Англија, два клуба како опции

Џејдон Санчо е се поблиску до враќање во Премиерлигата, а репрезентативецот на Англија не ја крие желбата дека е можно враќање „дома“.
Според информациите, два клуба се во игра за неговиот потпис, цената на која инсистира Борусија Дортмунд полека се намалува, од 105 милиони фунти, веќе на двоцифрена бројка од околу 80 милиони, а на ова реагираа два клуба, Ливерпул и Манчестер Јунајтед.
Досега евентуалниот трансфер на Санчо во Англија стана вистинска „сапуница“, но сега работите стануваат сериозни.


Кејн одлучи, летово ќе бара трансфер!

Хари Кејн побарал од сопственикот на Тотенхем Даниел Леви да ги разгледа понудите кои доаѓаат за негов трансфер ова лето.
Напаѓачот на Тотенхем не е задоволен од резултатите на екипата. По поразот од Лидс, Лигата на шампионите е речиси невозможна мисија, а тој сака следната сезона да игра во елитата на УЕФА.
Кејн бара трансфер под нормални околности, Јунајтед има понуда на 90 милиони фунти, тој веќе нема трпение.
Англиските медиуми пишуваат дека 27-годишниот напаѓач бара да бидат разгледани сите опции, а сугерираат дека Кејн е најблиску до трансфер во Јунајтед.


Мурињо го сака Белоти во нападот на Рома

Жозе Мурињо веќе го избра играчот што го посакува за нападот на тимот од новата сезона, кога и официјално ќе ја превземе работата на клупата на римската „волчица“. Според „Кориере дело Спорт“, Мурињо сака во својот состав да го има напаѓачот на Торино, Андреа Белоти. Во Белоти тој гледа совршен човек за нападот на Рома, а како менаџер на Тотенхем веќе се обиде да го привлече во Лондон. Договорот на Белоти со Торино истекува во јуни 2022 година и иако има клаузула за ослободување од 100 милиони евра, таа важи само за потенцијалните купувачи надвор од Италија, а неговата цена е далеку под таа вредност и трансфермаркт во моментов ја проценува на 40 милиони евра. Оваа сезона, 27-годишниот напаѓач има 12 голови и 7 асистенции на 31 натпревар во Серија А.


КК Ангели се нови суперлигаши

Екипата на Ангели ќе игра во финалето на плеј-офот за пополнување на двете места во Првата лига-мажи за наредната натпреварувачка сезона 2021/2022.
По триумфот од (65:62) на свој терен, против екипата на Чаир 2030, ја затворија полуфиналната серија со максимални 2-0, доволно да го обезбедат статусот на прволигаши.
Иако имаа постојана резултатска предност, кошаркарите на Ангели дозволија гостите од Чаир да стигнат до егал резултат, а последните мигови да го одлучат победникот на средбата.
Кој ќе им биде противник во финалето, кое ќе има ревијален карактер, ќе биде познато по одигрувањето на третиот дуел во серијата помеѓу екипите на Партизан Водно Санс и Феникс 2010.
Кошаркарите на Партизан Водно Санс се издигнаа по дебаклот во првиот меч од серијата, и на осум секунди пред крајот стигнаа до водството (73:72), кое го одбранија, и на тој начин изедначија во серијата на (1-1), која сега се сели одново на теренот на Феникс 2010, каде ќе се игра т.н. „мајсторка“.


Баскет КАМ го освои првиот трофеј во историјата

Екипата на Баскет КАМ 2011 е новиот освојувач на Купот кој од оваа година го носи името на нашата кошаркарска легенда „Благоја Георгиевски Буштур“.
Во финалниот натпревар одигра во СРЦ „Кале“, беа многу подобра екипа од Бадел 1862. Од првата до последната минута од финалните 40, екипата од Македонска Каменица потврди дека со право важеше за фаворит и на овој финален турнир во Скопје.
Една од предводничките на составот од Македонска Каменица на овој турнир беше Анџелика Митрашиновиќ. Капитенот на нашиот женски сениорски национален тим финалето го заврши со 22 реализирани поени, 12 скока и 8 асистенции. И недостасуваа само уште две додавања да дојде до троен ефект, што е ретко виден момент на финалните средби од ова натпреврување.
Искусната репрезентативка по освојувањето на првиот пехар во историјата на Баскет КАМ и најави голема борба за двојна круна.
„Презадоволна сум од исходот во завршницата од Купот, ја очекувавме оваа победа. Сакам да се заблагодарам на КФСМ што воопшто го организираше овој турнир, со оглед на пандемијата со корона вирусот, но и да им честитам на моите соиграчи за добрата игра. Се надевам на уште повозбудливо финале во плеј-офот и на уште еден триумф. Оваа сезона многу се засили македонската кошарка, пред се со странски играчи и тоа е добро за сите. Мене ми заврши со сезоната со Будуќност, па дојдов тука да му помогнам на Баскет Кам во остварувањето на своите амбиции. Се надевам на двојна титула“ – не го криеше Митрашиновиќ задоволството од прикажаното на паркетот.


ФФМ го промовираше официјалниот спот за „Одиме на Европско!“

Фудбалската федерација на Македонија го објави официјалниот спот на навивачката химна „Одиме на Европско“ која е во изведба на групата ВИС Рисови.
Официјално, промовиран е видео запис за навивачката химна посветена на македонската фудбалска репрезентација за претстојното Европско првенство во фудбал што ќе се одржи во текот на летото.
Македонската фудбалска репрезентација годинава за прв пат ќе настапи на едно големо натпреварување.


Неизвесно одржувањето на трката за ГН на Турција

Неполни две недели откако беше објавено дека патеката „Истанбул Парк“ во Турција ќе биде домаќин на трка од овогодинешниот Формула 1 шампионат на 13 јуни, се појави огромен прашалник за тоа дали оваа трка че биде одржана според планот. Сето ова се случи откако британските власти ја стави Турција на нивната „црвена листа“ поради големиот број на заразени лица од ковид-19 во земјата. Според оваа одредба, секој што бил во Турција десетина дена пред да пристигне на Островот, ќе мора да помине во задолжителен карантин. Во овој случај, стандардните исклучоци од кои имаат корист луѓето кои работат во Формула 1 кога ќе се вратат во Велика Британија по трките, нема да бидат валидни, бидејќи Турција е на оваа листа. „Ние сме свесни за одлуката на британската влада за ограничувања на патувањето во и од Турција и во моментов ја проценуваме ситуацијата. Повеќе детали ќе бидат објавени во наредните денови“, се вели во изјавата за Формула 1.


Херта го загуби Гендузи до крајот на сезоната

Играчот за врска на Херта, Матео Гендузи има повреда што ќе го извади од игра до крајот на сезоната.
22-годишниот играч за врска претрпе фрактура на стапалото при победата на Фрајбург со 3-0 во вчерашниот натпревар. „Прегледите потврдија скршеница на метатарзалната коска“, соопштија од клубот.
Матео Гендузи е на позајмица во Херта од Арсенал до крајот на сезоната, но во оваа фаза е нејасно дали играчот ќе остане во Берлин за следната сезона или ќе се врати во Лондон. Херта е во моментов на 14-та позиција во Бундеслигата и се бори да остане во елитата.


Светски првак прави еден од најчудните трансфери

Француски „Екипи“ пишува дека 28-годишниот Флоријан Тован е на прагот на сензационален траснфер во мексички Тигрес.
Офанзивецот на Олимпик Марсеј би требало да потпише петгодишен договор за мексичкиот клуб. Договорот со Марсеј му завршува по крајот на оваа сезона, па ќе стане слободен играч, а овој трансфер се очекува наскоро да биде и потврден.
Тован е светски првак со Франција од 2018. година и еден од најдобрите француски офанзивци. се очекуваше ова лето да замине во некој голем европски клуб, меѓутоа, тој ќе тргне по стапките на неговиот сонародник Андре-Пјер Жињак, кој во Тигрес стана легенда. Тован ги одби понудите на бројни европски великани кои сакаа бесплатно да го доведат во најдобрите фудбалски години.
Тован во кариерата играше за Гренобл, Бастија, Лил, Њукасл и Марсеј. За Франција има девет настапи и еден погодок.