feature

Саид Хеидарирад потпиша двегодишен договор со Еурофарм Пелистер

Најдобриот ирански голман, Саид Хеидарирад, е нов член на македонскиот првак Еурофарм Пелистер. Искусен и квалитетен голман доаѓа во нашиот клуб и наскоро ќе му се стави на располагање на стручниот штаб на почетокот на подготовките за сезоната 2025/26.

Се работи за 34-годишен голман, кој во својата земја е гопема спортска ѕвезда. Саид Хеидарирад доаѓа во Битола од Партизан Белград, откако даде голем придонес во титулата првак на Србија, која црно-белите ја освоија во сезоната 2024/25. Хеидарирад долги години е во Европа, откако пред да дојде во Србија седум сезони настапуваше за романскиот гигант Динамо Букурешт и освои многу трофеи со клубот од главниот романски град. 194-сантиметри високиот Саид Хеидарирад е незаменлив во иранската репрезентација, а беше дел и од неколку Светски првенства и шампионати на Азија.

Иранскиот голман потпиша договор на две години и ќе биде претставен во Битола на крајот од месецот.


Венус Вилијамс им се врати на победите и на 45 години

Венус Вилијамс стана втората најстара тенисерка со победа на ВТА во историјата.

Американската тенисерка доби посебна покана за турнирот во Вашингтон и на 45-годишна возраст ја победи Пејтон Стернс, 35-та тенисерка во светот.

Вилијамс лесно ја победи својата сонародничка, резултатот беше 2:0 (6:3, 6:4).

Американската тенисерка стана втората најстара тенисерка со победа на ВТА. Рекордот сè уште го држи Мартина Навратилова, која на 47-годишна возраст забележа победа на Вимблдон во 2004 година.


Рома се пофали со Ирецот Еван Фергусон

Ирецот Еван Фергусон е нов член на Рома, објави римскиот клуб.

Напаѓачот ќе ја помине следната сезона во Рим како позајмен играч, по што Рома ќе мора да го откупи за 38 милиони евра.

Новиот член на Рома постигна 17 гола на 80 натпревари за Брајтон од 2021 година.

Вториот дел од претходната сезона го помина во Вест Хем, одигра осум натпревари без постигнат гол.

Фергусон одигра 22 натпревари за репрезентацијата на Република Ирска од 2022 година, постигнувал пет гола.


Дејвид Џонс-Гарсија доби договор во Сан Антонио

Дејвид Џонс-Гарсија ќе продолжи да работи со Сан Антонио. Кошаркарот (23 години, 198 см) ја помина првата сезона во развојната лига откако ги заврши активностите во колеџот.

Тој се покажа во светло издание во Летната лига откако направи просек од 21,6 поени, 6,2 скока и 3,8 систенции.

Џонс- Гарсија доби понуда од 2 милиони евра годишно од Олимпијакос но, одлучи да остане во САД. Тој ќе потпише двонасочен договор.


Јуве и Порто ги разменија десните бекови

Екипата на Јувентус ќе го испрати фудбалерот Алберто Коста во Порто за да го добие во обратен правец Жоао Марио, наведува португалското издание – „А Бола“.

„Змејовите“ во целата размена на играчи ќе мора да доплатат 6 милиони евра. Десниот бек на „старата дама“ во претходната сезона имаше 14 натпревари на кои направи 3 асистенции.

Марио кој потекнува од школата на Порто игра на истата позиција. 25-годишниот дефанзивец во претходната сезона беше стандарден во првата постава. Тој се појави на 42 меча.


Наполи ќе понуди 40 милиони за Ндоје

Челниците на фудбалскиот состав Наполи нема да се откажат од трансферот на Дан Ндои иако Болоња засега тактизира и не сака да ги прифати понудите.

Шампионот на Серија A сака првично да плати 9 милиони за фудбалерот и да го ангажира како позајмен во наредната сезона а потоа да му го откупи договорот за 25 милиони евра.

Бидејќи во игра ќе бидат и одредени бонуси, сумата може да ја помине границата од 40 милиони.


Шпанецот Гарабаја е нов тренер на Еурофарм Пелистер

Шпанецот, Рубен Гарабаја Аренас, е нов тренер на ракометарите на Еурофарм Пелистер откако се согласил на договор за една плус една сезона. Тој утре во Битола ќе ја има првата средба со играчите.

Гарабаја има 168 мечеви за Шпанија и постигнато 318 голови. Тој е носител на злато од СП, сребро од Европски шампионат, бронза од Олимписките игри во Пекинг и Мундијалот во Шведска. Гарабаја кариерата како играч ја започна во Адемар Леон а беше дел и од Моразо и Ваљадолид за во 2007 година да го облече дресот на Барселона.

Со Каталонците освои 3 пехари во домашното првенство, два Купа на Кралот а играше и во финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2009/10.


Словенецот Чанчар потпиша за Олимпија Милано

Влатко Чанчар, долгогодишен кошаркар на Денвер Нагетс и словенечката репрезентација, ќе игра во Евролигата следната сезона.

Како што беше официјално потврдено во вторникот, крилниот кошаркар ќе биде новиот член на Олимпија од Милано.

Чанчар ја започна својата кариера во Словенија во Олимпија од Љубљана, а во 2016 година се пресели во Белград, каде што играше за Мега две сезони.

Во март 2018 година, замина во Шпанија, каде што играше за Бургос до крајот на сезоната 2018/19. (имаше просек од 10,2 поени и 3,8 скока по натпревар).

На НБА драфтот во 2017 година, тој беше избран од Денвер Нагетс како 49-ти пик, а во НБА пристигна во 2019 година и остана до сезоната 2024/25.


Евертон и Реал Сосиедад преговараат за Кубо

Евертон започна преговори со Реал Сосиедад во врска со потенцијалниот трансфер на јапонскиот интернационалец Такефусе Кубо. Крилниот напаѓач има 24 години, а во Сан Себастијан пристигна како поранешен член на Реал Мадрид.

Кубо постигна седум гола и додаде четири асистенции за Сосиедад минатата сезона, а неговиот договор е до летото 2029 година. Шпанскиот клуб го проценува на вредност помеѓу 30 и 40 милиони евра, а Евертон го гледа како важно засилување пред новата сезона.

Кубо наводно е отворен за премин во Премиер лигата, и доколку преговорите бидат успешни, трансферот би можел да биде заклучен во наредните денови.


Србинот Петрушев пред потпис со Дубаи

Српскиот репрезентативец Филип Петрушев ќе стане нов играч на Дубаи.

Според српските и грчките медиуми, Петрушев ќе потпише тригодишен договор со тимот од Обединетите Арапски Емирати.

Неговиот тим Олимпијакос ќе добие околу 500.000 евра за предвремено раскинување на соработката, а тие пари ќе ги плаќа Петрушев во период од две години.

Многу се пишуваше и зборуваше за Петрушев по завршувањето на сезоната. Се чинеше дека можеби ќе може да остане во Црвена звезда, која за раскин на договорот беше подготвена да му плати на Олимпијакос 1,2 милиони евра.

Неколку Евролиги беа заинтересирани, пред сè Фенербахче и Монако, на крајот кошаркарот изненади со одлуката да замине во Дубаи.

Во својата професионална кариера, Петрушев играше за Мега, Анадолу Ефес, Црвена звезда двапати, а беше и во НБА, каде не доби шанса. за кратко време смени два клуба: Филаделфија, Сакраменто, па реши да се врати во Европа, во Олимпијакос.

Минатата сезона, тој забележа 14,1 поен со 4,9 скока и 1,7 асистенции во 28 натпревари од Евролигата во дресот на Црвена Звезда.