feature

Лукаку ќе ги скокне првите два натпревари на СП во Катар

Селекторот на Белгија, Роберто Мартинез, нема да ризикува со напаѓачот, Ромелу Лукаку и ќе го изостави од списокот за првите два меча со Канада и Мароко на Светското првенство во Катар.

Црномурестиот играч кој е најдобриот стрелец кај „црвените ѓаволи“ со 68 голови на 102 средби, се уште не е фит од повредата заработена во дресот на Интер.

Медиумите наведуваат дека Лукаку може да биде на спискот дури за средбата со Хрватска на 1 декември во последното коло по групи.


Ѓоковиќ го освои завршниот АТП турнир во Торино

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е победник на завршниот тениски АТП турнир кој се одржа во Торино, Италија.

Ѓоковиќ во финалето беше подобар од Каспер Руд, и славеше победа со 2:0 во сетови. Со овај триумф Србинот се изедначи по бројот на освоени трофеи на завршните АТП турнири со Роџер Федерер. Двајцата тенисери имаат по шест титули.

За Ѓоковиќ ова е 91.титула во кариерата, и за победата му беше доделен чек во износ од 4.740.000 долари.


Норвешките ракометарки ја одбранија европската титула

Женската ракометна репрезентација на Норвешка ја одбрани титулата на европски шампион откако во финалето одиграно во Љубљана ја совлада Данска со 27:25.

Најдобар стрелец кај норвежанките беше Нора Мерк со постигнати осум голови, а кај Данска, Луиса Бургорд постигна шест погодоци.

Норвешка со оваа победа стана шампион на Европа по деветти пат, а Данска остана на три освоени титули.


Милевски: Македонија доби шамар за освестување

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, упати критики кон фудбалерите после поразот од Азербејџан со 1:3. Селекторот Милевски посочи дека одиграните пријателски дуели со Финска и Азербејџан му дале добар увид во тоа кои играчи заслужуваат да го носат националниот дрес во наредните средби.

„Сакам да му честитам на противникот за победата. А нас овие два дуели и тоа како ќе ни послужат за во иднина. Ако со Финска бев задоволен од некои работи, сега не е така. Ова беше убава шлаканица за нас, која ќе не натера да се запрашаме колку го цениме дресот на Македонија. На чело со мене, а потоа фудбалерите и стручниот штаб“, изјави Милевски.


Бензема: Никогаш не се откажувам, но морам да мислам на тимот

Карим Бензема и официјално ќе го пропушти Светското првенство. Бензема на тренингот на „триколорите“ ја обновил повредата на бутниот мускул што ја заработи на натпреварот од Лигата на шампионите против Селтик.

Ова дефинитивно е големо разочарување за освојувачот на „Златната топка“, кој испрати порака преку социјалните мрежи.

„Во животот никогаш не сум се откажал, но морам да мислам на тимот вечерва. Морам да го отстапам моето место на некој кој може да му помогне на тимот“, напиша Бензема.


Англија го има највредниот ростер на Мундијалот

Интернет порталот Трансфермаркт ги прогласи десетте најскапи репрезентации по вкупна вредност на Светското фудбалско првенство во фудбал во 2022 година кое ќе почне утре во Катар.

Во првата тројка се најдоа репрезентациите на Англија, Бразил и Франција. Вреди да се напомене дека вредноста на составот на само овие три тима надминаа една милијарда евра.

Целосната топ десет изгледа вака:

1. Англија (1,26 милијарди евра).

2. Бразил (1,14 милијарди евра).

3. Франција (1,03 милијарди евра).

4. Португалија (937 милиони евра).

5. Германија (886 милиони евра).

6. Шпанија (872 милиони евра).

7. Аргентина (645 милиони евра).

8. Холандија (587 милиони евра).

9. Белгија (563 милиони евра).

10.Уругвај (450 милиони евра).

Светското првенство во Катар ќе започне утре, 20 ноември, со воведниот натпревар меѓу Катар и Еквaдор.


Само Меси ќе биде сам в соба од аргентинските фудбалери на Мундијалот

Аргентинскиот напаѓач Лионел Меси е единствениот од репрезентацијата кој ќе биде сам во соба во Доха, пишува „Оле“.

Интересно е тоа што ова му се случува на 35-годишниот капитен на аргентинската репрезентација за прв пат на големи натпреварувања. Претходно, на собирот на тимот, тој секогаш бил со Серхио Агуеро, но напаѓачот стави крај на кариерата. После тоа, Меси секогаш беше сам додека е во националниот тим – на пример, за време на квалификациите за Светското првенство во 2022 година.

На Светското првенство во 2010 година, Меси ја делеше собата со Хуан Себастијан Верон, а на следните два турнири – со Агуеро. Во моментов Николас Отаменди и Родриго де Пол ќе бидат во соседната соба со Меси, а Леандро Паредес и Анхел Ди Марија ќе се наоѓаат во собата спроти Меси.


Инфантино е единствен кандидат за претседател на ФИФА

Актуелниот претседател на ФИФА, Џани Инфантино, ќе биде единствениот кандидат на изборот за прв човек на Светската фудбалска федерација – ФИФА.

Во соопштението за медиумите се наведува дека Советот на ФИФА, претседателските избори ги распиша на 30.март оваа година, и дека Инфантино е единствениот кој поднел кандидатура.

Гласањето за претседател на ФИФА ќе биде одржано на 16.март наредната година , на 73.конгрес кој ќе биде одржан во Кигали , Руанда.

Инфантино е прв човек на ФИФА од февруари 2016 година.


Чеферин: Се надевам дека повеќе нема да има „зимски“ Мундијали

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, изјави дека дека е сигурен оти Светското првенство во Катар ќе биде одлично организирано, но се надева дека во иднина нема повеќе да има „зимски “ Мундијали.

„Не чека спектакл, еден месец на извонреден фудбал, и верувам дека повторно европска репрезентација ќе биде освојувач на шампионската титула. Од 2006.година шампионите на СП доаѓаат од Европа, а пред четири години во Русија, сите полуфиналисти беа од нашиот континент. Единствени селекции кои можат да парираат се Бразил и Аргентина“, изјави првиот човек на УЕФА.


Роналдо откри што мисли за Меси

Покрај Мундијалот во Катар, деновиве главна фудбалска тема е ТВ интервјуто на Кристијано Роналдо. Роналдо во интервјуто покрај другото упати тешки зборови и критики до тренерот Тен Хаг, клубот, како и кон некои негови соиграчи.

Во последниот дел од интервјуто Меси го искажа своето мислење за неговиот најголем фудбалски ривал, Меси.

Португалецот имаше само пофални зборови за капитенот на Аргентина.

„Што друго можам да кажам за Меси освен тоа дека е одличен фудбалер кој прави фантастични работи за фудбалот. Тој е магионичар со фудбалската топка. Ја делиме светската сцена 16 години и замислете 16 години сме на врвот. Имам одличен однос со него. Не можам да речам дека сме пријатели во смисол дека се дружиме и редовно раговараме на телефон, но сме во добри односи. За мене Меси заедно со Зидан се најдобрите играчи кои сум ги видел“, изјави Роналдо.