feature

Ван Гал: Очекувам поддршка, иако фановите од Холандија се скептични на Катар

Селекторот на Холандија, Луис ван Гал, изјави дека холандските навивачи кои го бојкотираат Светското првенство поради загриженоста за човековите права имаат право да го прават тоа, но се надева дека доколку Холанѓаните стигнат до финалето, тие барем ќе го гледаат натпреварот на телевизија.

Истражувањето на 28.000 испитаници во Холандија, покажа дека само 14 отсто биле заинтересирани да го следат турнирот по години негативен публицитет за Катар.

„Светското првенство треба да го играме во најискусните фудбалски земји. Теренот што го имаме не може да биде подобар. Хотелот и организацијата беа фантастични. Навистина се радувам на турнирот, но поважно е и моите играчи да се чувствуваат исто“, изјавил Ван Гал.


Иниеста: Ако Шпанија не биде светски првак, сеедно ми е кој ќе победи

Андрес Иниеста е човекот кој и донесе најголема фудбалска историја на шпанската фудбалска репрезентација, бидејќи тој беше стрелец на голот кој на „фуријата“ и ја обезбеди толку посакуваната титула на Светските првенства.

12 години по неговиот незаборевен гол во Јужна Африка, Дон Андрес верува дека актуелната селекција на Луис Енрике е зрела за највисоки дострели, но тврди дека на мундијалот ќе навива само за Шпанија и за никој друг.

Во интервјуто за шпанска „Марка“, Иниеста беше директно запрашан дали Лионел Меси и Аргентина ќе бидат негова резервна опција на мундијалот, по што легендата на Барса го дава следниот одговор:

„Ако не победи Шпанија, навистина не ми е гајле кој ќе го освои мундијалот. Имам соиграчи во многу репрезентации и би се радувал за нив“.


Фенер ќе го откупи договорот на Езѓан Алиоски

Фенербахче одлучи да го откупи договорот на македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски, пренесуваат тамошните медиуми.

Алиоски откако една сезона помина во Саудиска Арабија се врати во европскиот фудбал во дресот на Фенербахче, каде игра како позајмен фудбалер од Ал Ахли. Македонскиот репрезентативец игра во одлична форма, па Фенербахче ќе ја искористи опцијата да го откупи за 2,5 милиони евра.

Алиоски досега одигра 17 натпревари за Фенербахче. постигна еден гол и запиша две асистенции.


Луис Енрикe има свој фаворит ако Шпанија не го освои Мундијалот

Селекторот на Шпанија, Луис Енрике смета дека неговата репрезентација е една од фаворитите за трофеј на Мундијалот во Катар, но ако не се оствари тоа, тогаш има свои фаворити.

Енрике би сакал да ги види Лионел Меси со Аргентина, или Луис Суарез со Уругвај да го подигнат трофејот. Тој им беше тренер на двајцата ветерани во Барселона од 2014 до 2017 година, и смета дека двајцата заслужуваат да заминат во фудбалска пензија со освоена светска титула.

„Ако не победиме ние, тогаш сакам титулата да ја освои Аргентина. Не би било фер за фудбалер како Меси да се пензионира без да го освои Мундијалот. Истото важи и за Уругвај и Луис Суарез“, изјави Енрике.

„Првата цел е да се заврши на првото место во групата. Не се плашиме од никого. Се надевам дека Шпанија ќе биде изненадување на турнирот, но за другите, не за мене, бидејќи ги знам нашите квалитети“, додаде шпанскиот селектор.


Јуве готви стратегија за Милинковиќ Савиќ во јануари

„Газета дело Спорт“ пренесува дека Јувентус почнал да работи на трансферот на Сергеј Милинковиќ-Савиќ и сака да го донесе во јануари. Јувентус лошо ја отвори сезоната, веќе заостанува 10 бода од врвот и сака значително да го засили тимот во зимскиот преоден рок.

Примарна цел е Милинковиќ-Савиќ од Лацио и Јувентус веќе има план како да го донесе Србинот во Торино.

Имено, „бјанконерите“ се спремни да го продадат Рабио во јануари, да го растеретат буџетот и да испратат богата понуда за СМС.


Инфантино предлага прекин на војната во Украина за време на Мундијалот во Катар

Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, повика на прекин на воените дејствија во Украина за време на одржување на Светското првенство во Катар.

Инфантино својот предлог го истакна за време на одржувањето на самитот Г-20, кој се одржува на Бали, а на кој свое учество зедоа лидерите на најбогатите држави во светот. Претседателот на ФИФА потенцира дека СП е можност да се стопира војната во Украина барем за време на траењето на турнирот во Катар.

Светското фудбалско првенство ќе се одржи од 20 ноември до 18 декември.


Зошто Мбапе е незадоволен во ПСЖ

Напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе е очигледно незадоволен во својот сегашен клуб, па затоа играчот не е сигурен за својата иднина во тимот. Според „L’Équipe“, една од причините за неговиот револт, покрај незадоволството од работата на управата на клубот на трансфер пазарот, е и доцнењето на исплатата на платите.

Во информацијата се вели дека пред натпреварот на почетокот на октомври со Бенфика, францускиот напаѓач забележал дека платата за септември се уште не му е префрлена на сметката. Откако во печатот протекоа информации за незадоволството на Мбапе, играчот сè уште ги нема добиено парите. Неколку дена подоцна, на играчот му беше исплатен само дел од платата. Играчот продолжи да бара одговори од раководството на ПСЖ, но не беше задоволен од ниту едно објаснување од нивна страна. Некои посочија на проблеми со сметките, други – проблеми со Федерацијата.

Прашањето оттогаш е решено, а претставниците на Мбапе одбија дополнително да коментираат за ситуацијата. Од прес-службата на парискиот гигант изјавија за медиумите дека на играчот му биле исплатени сите суми договорени според договорот, а доцнењето го нарекоа како вообичаена работа што се случува во сите клубови.


Финска доаѓа во Скопје без својот најдобар играч Пуки

Финската фудбалска репрезентација на пријателскиот натпревар против Македонија, ќе допатува без својот најдобар играч Тимо Пуки.

Пуки кој е голгетер на англискиот клуб Норвич поради повреда ќе го пропушти дуелот со Македонија во Скопје кој е закажан за четврток во 18 часот.

Освен првата ѕвезда во тимот, селекторот на Финска Марку Канрева нема да може да смета и на фудбалерот на Глазгов Ренџерс, Глен Камара кој исто така е повреден.


Спалети добива нов договор во Неапол

Тренерот на Наполи, Лучијано Спалети може да потпише нов договор со тимот. Ова го пренесува авторитетниот новинар Николо Шира на својот Твитер.

Според изворот, раководството на наполитанците работи на продолжување на договорот со 63-годишниот тренерт. Раководството на Наполи може да ја активираат клаузулата за продолжување на договорот до 2024 година, но имаат намера со Спалети да се договорат за продолжување на работниот однос до 2025 година.

Оваа сезона Наполи е прв во Серија А со 41 бод.Самиот Спалети е на чело на овој клуб од мај 2021 година. Лучијано е познат по неговата работа со Рома, Удинезе, Анкона, Венеција, Сампдорија,Емполи и Зенит Санкт Петербург.


ПСЖ ќе се вклучи во трката за Хјун-Мин Сон

Напаѓачот на Тотенхем, Хјун-Мин Сон може да ја продолжи кариерата во Франција. ПСЖ е заинтересиран за потписот на 30-годишниот фудбалер и е подготвен да издвои 80 милиони евра за неговиот трансфер.

Претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи е лично заинтересиран за овој трансфер и има намера да се сретне со Сон за време на Светското првенство во Катар, пренесува „Ел Насионал“.

Според изворот, Сон нема да го продолжи договорот со Тотенхем, кој истекува во 2025 година. Од Тотенхем се подготвени да заработат од неговата продажба доколку дојде добра понуда и ПСЖ се надева дека 80 милиони евра ќе бидат доволни. Сон постигна пет гола и даде две асистенции на 19 натпревари во сите натпреварувања оваа сезона.