feature

Абердин ја одреди цената за Бојан Миовски

Тренерот на Абердин зборуваше дека ќе ги одби сите понуди за македонскиот репрезентативец Бојан Миовски најмалку до лето, сепак сега од Шкотска пристигнуваат поинакви најави.

Пред два дена се појави информација дека Стад Д’Рем е заинтересиран да го доведе Миовски во зимскиот преоден рок, а со оглед на тоа дека со 11 гола е на врвот на листата стрелци во Шкотска сигурно дека ќе се појават и други заинтересирани клуба.

Во Премиер лигата на Шкотска Миовски на врвот е изедначен со хрватскиот репрезентативец Антонио Чолак од Глазгов Ренџерс. Последните информации од Шкотска се дека пет милиони евра ќе бидат доволни за Абердин да го продаде Миовски уште во јануари. Таа сума од пет милиони евра е осум пати поголема од она што летоска Абердин го плати на МТК.


ПСЖ ќе испрати понуда за Тони Крос

Играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Тони Крос, чиј договор со шпанскиот тим истекува на крајот од сезоната, е во сферата на интерес на ПСЖ.

Парижаните се подготвени да го ангажираат 32-годишниот Германец со слободен трансфер во летото 2023 година. Тоа го пренесува „Ел Национал“.

Според изворот, ПСЖ му нуди на Крос 25 милиони евра и 100 милиони евра за потпишување бонус за тригодишен договор.

Крос се пресели во Реал Мадрид од Баерн Минхен во летото 2014 година. На 18 натпревари оваа сезона има гол и четири асистенции. Заедно со Реал Мадрид, Тони Крос освои 18 трофеи од кои четири во Лигата на шампионите.


Катар вложи 200 милијарди долари во организацијата на Мундијалот

Вкупните трошоци за организацијата на Светкото првенство во Катар кое ќе се одржува од 20 ноември до 18 декември ќе изнесуваат 200 милијарди долари.

Мундијалот во Катар ќе биде најскапиот во историјата на светските првенства и ќе вреди скоро 20 пати повеќе од последното СП кое пред четири години се одржа во Русија.

Новоизградените стадиони во Катар вредат повеќе од седум милијарди долари. Градбата на системот на новото метро изнесува повеќе од 36 милијарди долари. Неколку милијарди долари се потрошени и на реконструкција на аеродромот во Доха а изградени се голем број на хотели, патишта и друга инфраструктура. Катар има само 2,8 милиони жители, и е една од најбогатите држави во светот.


Франк Кеси во јануари се сели во Премиер лигата

Астон Вила и Фулам се заинтересирани за потписот на играчот од средниот ред на Барселона, Франк Кеси.

Играчот од Брегот на Слоновата Коска му се приклучи на тимот како слободен играч во летото 2022 година, но од Барселона можеби се отворени за продажба на фудбалер поради финансиски проблеми.

Според изворот, Астон Вила е подготвена да понуди 14 милиони евра за Кеси, а Фулам е подготвен да плати 22 милиони евра.

25-годишниот Кеси во летниот преоден рок стана играч на Барселона, потпишувајќи договор со тимот на слободен трансфер. Тој претходно настапуваше за Милан каде минатата сезона ја освои шампионската титула на Италија.


Симоне Инзаги: Добредојдена е паузата за мојот Интер

Тренерот на фудбалерите на Интер, Симоне Инзаги, не крие дека е пресреќен со денешната победа на теренот на Аталанта во рамките на Серија „А“.

„Добро е што направивме 6 победи во седум мечеви пред паузата за светското првенство. Секогаш е тешко да се игра во Бергамо. Лошо започнавме и примивме гол но, успеавме да направиме пресврт. Сега ќе поминеме 5-6 денови на Малта и ќе имаме 2 контроли. Потоа нашите играчи треба да се вратат од Мундијалот. Се надеваме дека тоа ќе се случи што е можно подоцна бидејќи тоа би значело дека тие ќе стигна далеку на турнирот“, вели тренерот на „нероаѕурите“.


Азар: Ова е можеби последна шанса за оваа генерација

Капитенот на фудбалската репрезентација на Белгија, Еден Азар, изјавува дека Светското првенство во Катар е можеби последна прилика за оваа генерација да освои значаен трофеј.

„Бевме на врвот од формата во 2018.година. Јас сега играм помалку, а Ромелу Лукаку е повреден, одбраната е малку постара, но тука сме да им покажеме на луѓето дека можат да рачунаат на нас. Можно е ова првенство да биде последно за неколку играчи и затоа мораме да дадеме се од себе“, истакнува 31-годишниот Азар.

Репрезентацијата на Белгија на последното СП кое се одржа во Русија се пласира на третото место.


Победникот на Светското првенство во Катар ќе добие 52,5 милиони долари

Меѓународната фудбалска федерација – ФИФА, известува дека наградата за победникот на Мундијалот во Катар изнесува 42 милиони долари. На овај износ се додаваат и 1,5 милиони долари што секоја репрезентација ги добива за припреми  на екипата, но и плус девет милиони долари за учество во групната фаза на првенството. Освојувачот на Светското првенство во Катар на крајот ќе добие вкупно 52,5 милиони долари.

Поразениот финалист ќе добие вкупно 40,5 милиони долари. Третото место носи 27 милиони додека четвртото 25 милиони долари.


Кимпембе поради повреда нема да игра на Мундијалот во Катар

Фудбалскиот сојуз на Франција соопшти дека играчот на Париз Сен Жермен, Преснел Кимпембе, поради повреда нема да игра на Светското првенство во Катар.

Во соопштението се наведува дека Кимпембе не се опорави од повредата поради што не е спремен да патува во Катар. На негово место селекторот на Франција Дидие Дешамп го повика одбранбениот играч на Монако, Аксел Дисаси.

24-годишниот Дисаси игра за Монако од 2020.година, а уште нема дебитирано за француската репрезентација која е бранител на Светската титула.


Ѓоковиќ доби дозвола за настап во Австралија

Еден од најдобрите светски тенисери, Новак Ѓоковиќ, ќе може да настапува на претстојниот Австралија Опен, откако и официјално му е укината забраната за влез во таа земја.

Според информациите, новиот министер за имиграција на Австралија донел одлука за поништување на забраната за влез во земјата на Новак Ѓоковиќ. Српскиот тенисер ќе добие виза и без проблем ќе може да влезе во Австралија каде ќе игра на првиот Гренд слем во сезоната.


Манчестер Јунајтед планира да го казни Роналдо со еден милион фунти

Англиските медиуми објавуваат дека челниците на Манчестер Јунајтед размислуваат да го казнат Кристијано Роналдо со најмалку еден милион фунти поради интервјуто кое го даде за водителот и новинар Пирс Морган.

Роналдо во тоа интервју изјави дека се чувствува предаден од Манчестер Јунајтед бидејќи клубот посакувал да го истера од Олд Трафорд. Португалскиот фудбалер истакна и дека не го почитува тренерот на екипата Ерик тен Хаг бидејќи Холанѓанецот не го почитувал него.

Интервјуто на Роналдо предизвика голем интерес и бурни реакции во англиската јавност бидејќи Роналдо упати критики кон Јунајтед поради фактот што клубот немал никако напредок уште од времето на Сер Алекс Фергусон.

Од клубот се видно разочарани од изјавите на Роналдо па размислуваат да му изречат парична казна од најмалку еден милион фунти.