feature

Гвардиола: Давид Силва е најдобриот на мал простор што сум го видел

Фудбалските патишта некогаш можат да завршат на најнепосакуван можен начин и сосема спротивно од планираното и на највисоко можно ниво, а последен пример за такво нешто е Давид Силва.

Легендарниот шпански играч за врска реши да стави крај на фудбалската кариера порано од предвиденото, пред се поради тешката повреда на коленото која ја заработи на еден од последните тренинзи со Реал Сосиедад.

Офанзивниот фудбалер кој оствари историја во Манчестер Сити ќе остане во сеќавање и по освоените европски и светски титули како член на шпанската фудбалска репрезентација, а за Пеп Гвардиола тој ќе остане запаметен како најдобриот играч на мал простор.

„Вестите кои пристигнаа од Шпанија се навистина тажни. Влијанието кое го имаше Силва за фудбалот беше навистина неверојатно. Не го велам ова само за Сити, тоа важи и за Валенсија, Еибар, Реал Сосиедад и националниот тим на Шпанија. Силва беше најдобриот играч кој сум го видел на мал простор. Тој беше човекот кој го започна успешниот пат на Манчестер Сити. Цело семејство на Манчестер Сити му посакува се најдобро во иднина. Беше привилегија да се биде тренер на таков играч, беше чест да се гледа секој ден на теренот“, изјави Гвардиола.


Верстапен казнет пред Белгиското Гран-при

Актуелниот светски шампион Макс Верстапен ќе ја започне трката во Белгија пет места поназад од оствареното на патеката, казна која ќе ја добие поради надминувањето на дозволениот број на промена на делови за трансмисијата на болидот.

Холанѓанецот ќе добие казна од пет позиции, кои ќе бидат валидни само за главната трка, а не и за спринт трката, која е закажана за во сабота.

И со ваква казна, Верстапен ќе биде главен фаворит за победа со оглед на перформансите на болидот на Ред Бул, но на патеката Спа се очекува и дожд, па никој со сигурност не би можел да прогнозира што ќе се случува на трката закажана за претстојниот викенд.

Во прилог на Макс оди фактот што на ланската трка во Белгија стартуваше од 14. позиција и на крајот доминантно стигна до победата.


Сити го продаде Марез во Ал Ахли

Алжирскиот репрезентативец Ријад Марез ги напушти редовите на европскиот шампион Манчестер Сити и кариерата ќе ја продолжи во саудискиот клуб Ал Ахли, соопшти англискиот премиерлигаш. Крилниот напаѓач дојде во Манчестер Сити во 2018 година од Лестер Сити и постигна 78 гола и даде 59 асистенции на 236 натпревари. Со „граѓаните“ освои и 11 трофеи, вклучувајќи ја и тројната круна минатата сезона – Лигата на шампионите, англискиот шампионат и ФА Купот.

„Дојдов во Сити да освојувам трофеи и да уживам во мојот фудбал и постигнав сето тоа и многу повеќе. Имав пет незаборавни години со овој фудбалски клуб, работејќи со неверојатни играчи, фантастични навивачи и најдобриот менаџер во светот“, изјави Марез на неговото збогување.

Во текот на кариерата настапуваше и за Ле Авр и Кимпер, а за алжирскиот тим забележа 83 настапи и постигна 30 голови.


Брајтон одбил огромна понуда за Каиседо од Челзи

Откако ги доведе Кристофер Нкунку, Николас Џексон, Анџело и Диего Мореира, Челзи е подготвен да направи уште еден голем потег во летниот преоден рок.

Сините од Лондон веќе некое време го гледаат и го следат Мојсес Каиседо, а за еквадорскиот фудбалер понудија голема сума.

Челзи неодамна даде дури четири понуди за Мојсес Каидедо, но Брајтон ги одби сите.

Според новинарот Дејвид Орнштајн, „сините“ испратиле нова понуда за централниот играч за врска во средата на 27 јули.

Новиот предлог што го направи Челзи беше приближно 95 милиони евра. Сепак, споменатиот новинар тврди дека Брајтон набргу потоа јасно ја одбил понудата.


Алкалоид ќе ја отвори Европската лига против Војводина

Македонскиот вицепрвак Алкалоид во моментов е единствениот сигурен учесник во фазата по групи во Европската лига на ЕХФ.

Ракометарите на Алкалоид дебито на европската сцена ќе го имаат на 17 октомври во Скопје, а противник е шампионот на Србија, Војводина.

Во следното коло на 24 октомври, Алкалоид и гостува на Ла Риоха, а еден месец подоцна следува и соочувањето со Силкеборг во Скопје. Во последните две рунди на 28 ноември, Алкалоид гостува во Нови Сад, а на петти декември на домашен терен игра против Ла Риоха.

Доколку ракометарите на Вардар успеаат да ја минат првата пречка во квалификациите Рајн Некар Левен, настапот во фазата по групи би го отвориле на 17 октомври со гостување во Крисијанштад, а седум дена подоцна следува и домашен натпревар против Нант.


Давид Силва предвреме замина во фудбалска пензија

Шпанските медиуми минатата седмица ја известија јавноста дека Давид Силва заработил тешка повреда на коленото и ќе биде во аут цела сезона, а за жал, ова го принуди легендарниот Шпанец да стави крај на кариерата.

Еден од основоположниците на моќниот Манчестер Сити ќе остане вечно во сеќавање по својот талент, визијата, техниката и фудбалската магија на теренот, бидејќи на денот кога кажуваше збогум, не заборави ниту еден од петте клуба за кои настапуваше во кариерата.

Силва става крај на најнепосакуван можен начин и причина за тоа е скинатиот преден вкрстен лигамент на коленото, кој направи да го раскине договорот со Реал Сосиедад една година порано од предвиденото.

„Денес е многу тажен ден за мене, велам збогум на она на кое го посветив цел живот. Денеска се простувам од соиграчите кои се како семејство за мене. Сите ќе ми недостасувате“, рече Силва.


Хуанчо Хернангомез потпиша за Панатинаикос

Шпанскиот репрезентативец Хуанчо Хернангомез ќе биде десеттото засилување за Панатинаикос во пресрет на новата сезона.

Тој ја напушта НБА лигата по пауза од седум години и со ПАО ќе потпише договор на две сезони за вкупно 4,5 милиони евра. Четири сезони помина во Денвер Нагетс, а во последните три смени пет екипи: Минесота, Бостон, Сан Антонио, Јута и Торонто од каде доаѓа во Грција. Одигра вкупно 339 натпревари со просек од 5 поени и 3,3 скока, но факт е дека најголемите успеси во кариерата ги оствари со шпанската репрезентација со која беше светски шампион во 2019 година и европски лани.

Трансферот уште не е потврден од клубот, но со фотографија на својот Инстаграм профил, го објави сопственикот Димитрис Јанакопулос и тоа во зелен дрес, од деновите кога Шпанецот беше член на Бостон.

Пред Хуанчо, чиј брат летово исто така се врати од НБА и потпиша со Барселона, Панатинаикос се засили со: Костас Слукас, Кајл Гај, Димитрис Мораитис, Лука Вилдоса, Џеријан Грант, Јоанис Папапетру, Костас Адетокунбо, Констатинот Митоглу и Матијас Лесор. Според најавите од клубот, тоа нема да биде се бидејќи ПАО се наоѓа во преговори со Торнике Шенгелија и Александер Балчеровски.


Уапсени дваесеттина навивачи на Шкупи и Левски

Деветнаесет навивачи на Левски од Бугарија се приведени доцна синоќа поради нарушување на јавниот ред и мир пред и за време на натпреварот со Шкупи.

Осум лица за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства а девет поради агресивно однесување кон нив. По документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци

Околу полноќ полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода и двајца навивачи на навивачката група на Шкупи, кои го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка.


Ливерпул фаворит за потписот на Лавија

Челзи и Ливерпул остануваат во трката за играчот од средниот ред на Саутемптон, Ромео Лавија.

Лондончани веројатно ќе испратат подобра понуда но, прашање е дали фудбалерот ќе ја прифати бидејќи неговата желба е да заигра за „црвените“. Челзи и во летото во 2022 се обиде да го купи Лавија за 60 милиони но, трансферот пропадна.

Младиот играч има 34 мечеви за Саутемптон во сите конкуренции. Тој постигна еден гол и оствари асистенција. Неговиот договор со „светците“ е до јуни 2027 година.


Ким Мин Јае: Најмногу научив во Наполи од Ди Лоренцо

Ким Мин Јае мина само една сезона во Италија, но тоа беше доволно за да се етаблира како национален шампион и да биде избран за најдобар дефанзивец во Серија А.

Кореецот имаше брилијатна сезона под водство на Лучијано Спалети и изворендно се адаптираше на неговата фудбалска филозофија, по што беше еден од најважните за освоеното Скудето од страна на Наполи после цели 33 години.

Фантастичните изданија привлекоа голем интерес од најголемите европски клубови и Ким веќе направи трансфер во Баерн Минхен, но вели дека секогаш позитивно ќе се навраќа на времето кое го мина под Везув.

„Кога ја добив наградата за најдобар дефанзивец во Серија А, сакав да ја поделам истата со Кварацхелија, Осимен и со останатите од тимот. Се додека сум жив ќе ги паметам навивачите на Наполи. Тие постојано ме поддржуваа и ме охрабруваа на секој натпревар“, вели Ким, кој открива дека најмногу научил од капитенот Ди Лоренцо.