feature

Симеоне: Не ги обвинувајте фудбалерите, јас сум виновник за ремито во Валенсија

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, го коментираше резултатот од натпреварот од 13. коло на шпанскиот шампионат со Валенсија (3-3).

„Противникот беше фокусиран. Ова е пристојно реми за Валенсија. Што имам да кажам, го кажав во соблекувалната. Тешко е да се загубат бодови, но не можам да бидам лут на тимот по работата што ја направија на овој натпревар и на натпреварот против Ливерпул. Во фудбалот треба да платите за грешките. Беше одличен натпревар, имавме 80-85 одлични минути, но за жал сите понекогаш грешиме. Кривицата за загубената победа не би ја префрлил на ниту еден од играчите. Ако треба да обвинете некого, виновен е тренерот, а не некој играч“, изјави Симеоне.

По 12 одиграни кола, Атлетико се наоѓа на четвртото место на табелата со 23 бода.


ПСЖ не сака да ги пушти повредените Меси и Паредес на репрезентативните активности

Спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо, изрази мислење дека Парижаните не се обврзани да ги пуштат играчот од средниот ред Леандро Паредес и напаѓачот Лионел Меси во репрезентацијата на Аргентина за ноемвриските натпревари, поради фактот што играчите продолжуваат да закрепнуваат од повредите.

„Не се согласуваме дека сме обврзани да испраќаме фудбалери во репрезентацијата кои според нас се во слаба физичка форма или се во фаза на опоравување. Ова е нелогично и таквите ситуации заслужуваат ФИФА да го регулира овој процес од правна гледна точка“, рече Леонардо во својата изјава пред ноемвриските квалификации за СП. Да потсетиме дека Меси ги лекува коленото и тетивата, а неговиот сонародник штотуку се врати на тренинзите откако се опорави од повредата на колкот.

Лекарскиот тим на Аргентина се надева дека и двајцата играчи ќе се вратат во форма за натпреварот против Бразил на 17 ноември, додека нивниот настап против Уругвај четири дена претходно изгледа малку веројатен.


Јирген Клоп тргнува по Педро Гонсалвеш од Спортинг

Екипата на Ливерпул сака во своите редови да го доведе играчот на Спортинг Лисабон, Педро Гонсалвеш.

Јирген Клоп се надева дека Португалецот ќе пристигне на „Енфилд“  во јануари со што ќе ги засили опциите во нападот на тимот.

Како главна причина за доведување на Гонсалвеш е фактот што Ливерпул ќе остане без услугите на Мохамед Салах и Садио Мане кои на почетокот од следната година ќе учествуваат на Африканскиот куп на нации.

Главен проблем при доведувањето на 23-годишниот фудбалер е неговата висока откупна клаузула со шампионот на Португалија која изнесува 67,5 милиони фунти.


Верстапен по победата во Мексико: Ситуацијата во првенството изгледа добро

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен е победник на трката за Големата награда на Мексико. За Верстапен ова беше трета победа на патеката во Мексико Сити.

Холанѓанецот Верстапен, по победата изјави дека ситуацијата во првенството за него изгледа добра, но е свесен дека работите можат да се променат многу брзо.

„Ни претстои долг пат. Работите изгледаат добро во моментов, но можат многу брзо да се променат. Со нетрпение ја чекам трката во Бразил, од каде носам убави спомени“, изјави Верстапен по завршетокот на трката во главниот град на Мексико.

На 4 трки до крајот на сезоната, возачот на Ред Бул е прв на табелата со 19 поени предност пред Луис Хамилтон од Мерцедес.


Новак Џоковиќ ја освои рекордната 37-ма Мастерс титула

Српскиот тенисер Новак Џоковиќ е победник на турнирот од Мастерс серијата кој се одржа во Париз, победувајќи го во финалето Русинот Данил Медведев со 2:1 во сетови.

Со освоениот трофеј во Париз, Џоковиќ сега има рекордни 37 победи на турнирите од Мастерс серијата со што го надмина Рафаел Надал кој остана на 36 освоени титули.

Со самиот пласман во финалето на парискиот турнир, Новак Џоковиќ ја заврши годината на првото место од АТП листата по рекорден 7-ми пат, еден повеќе од легендарниот Пит Сампрас.


Тотре и Бабунски повикани во репрезентацијата на Македонија

Ердал Ракип и Адис Јаховиќ поради повреда нема да се стават на располагање на тимот за подготовките и натпреварите на македонската А репрезентација против Ерменија (11 ноември) и Исланд (14 ноември) од квалификациите за Светското првенство 2023. 

Фудбалерот на шведски Малме има болка во коленото и денешниот извештај од магнетната резонанца ќе потврди колку време Ракип ќе отсуствува од терените. Адис Јаховиќ поради повреда излезе во 16. минута во вчерашниот настап за својот тим Гезтепе против Конјаспор од турското првенство. 

Селекторот на нашата најдобра репрезентација, Благоја Милевски дополнително ги повика Енур Тотре од Тирана и напаѓачот на Ботев Враца, Доријан Бабунски. Двајцата фудбалери ќе бидат на првиот тренинг на репрезентацијата. 

Денес националниот тим го имаше првиот собир спроти последните два меча од мундијалските квалификации. Првиот тренинг е денес од 17:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.


Бруно Фернандеш: Време е сите да се погледнеме в очи

Бруно Фернандеш не го криеше разочарувањето по поразот со 0-2 од Манчестер Сити во Премиер лигата.

„Треба да зборуваме помалку, а да правиме повеќе. Ова важи и за мене. Треба да се промениме, бидејќи ова веќе ни се случува многу, многу пати. Тоа што го направивме не беше доволно. Ако сакаме да бидеме рамноправни со нив, мора да направиме повеќе. Сега покажаа дека не сме на исто ниво. Секој треба да се погледнеме себеси. Затоа е добро да се погледнеме во огледало и да видиме што правиме погрешно“, вели Португалецот.


Милан ја продолжува соработката со тренерот Пиоли

Според информациите кои доаѓаат од Италија, екипата на Милан е блиску до потпишување на нов договор со тренерот Стефано Пиоли.

Новиот договор на Милан со 56-годишниот италијански стратег ќе биде со важност до 2024 година и со него Пиоли ќе заработува 3 милиони евра по сезона.

Актуелниот договор на тренерот со „росоњерите“ е со важност до јуни 2022 година.

Екипата на Милан во моментов се наоѓа на втората позиција од табелата во Серија А, со освоени 32 бода по 12 изминати првенствени кола.


Кјелини и Бонучи неизвесни за Италија

Фудбалерите Џорџо Кјелини и Леонардо Бонучи би можеле да го пропуштат квалификацискиот натпревар на Италија против Швајцарија во квалификациите за Светското првенство. Двајцата дефанзивци на Јувентус не играа против Фиорентина поради повреди на мускулот.

Селекторот на Италија, Роберто Манчини изјави дека внимателно ја следи состојбата со двајцата фудбалери и дополнително ќе одлучи дали ќе ги вклучи во екипата за претстојниот натпревар во петок. 


Реал Мадрид планира распродажба на играчи

Најтрофејниот фудбалски клуб во Шпанија, Реал Мадрид, планира во наредните месеци да се раздели со прилично голем број на играчи.

Според весникот„Ас“, на листата за продажба на „кралскиот клуб“ се наоѓаат имињата на Марсело, Еден Азар и Гарет Бејл.

Речиси сигурно клубот ќе се ослободи и од услугите на Србинот Лука Јовиќ и Хесус Вајехо.

Според плановите на претседателот на клубот Перез,приходите од продажбата на овие играчи ќе бидат искористени за обезбедување на платата на Килијан Мбапе кој се очекува да биде најзвучното засилување во Реал Мадрид, како и за продолжување на договорот со Винисиус Жуниор на кој ќе му бидат понудени подобри финансиски услови.