feature

Барса продава десетина фудбалери ова лето

Шефовите на Барселона планираат да се разделат со најмалку девет фудбалери за да можат да покријат дел од финансиската загуба која е околу 1,2 милијарди евра, објавија денеска дел од медиумите во Шпанија. Балансирањето на буџетот ќе биде приоритет за новото раководство кое сака по секоја цена да го задржи Лионел Меси. Затоа тимот од „Камп Ноу“ ќе направи подолг список на играчи кој ќе бидат ставени на трансфер листата. На истиот треба да бидат: Мартин Брајтвејт, Самуел Умтити, Миралем Пјаниќ, Серхи Роберто, Жуниор Фирпо, Карлес Алења и Матеус Фернандез. Постои шанса да бидат продадени и Осман Дембеле и Филипе Кутињо.


Јовиќ: Се враќам во Мадрид, цел ми е да се наметнам во Реал

Српскиот репрезентативец Лука Јовиќ нема да остане во Ајнтрахт. Јовиќ во овој момент е позајмен во германскиот бундеслигаш, но има договор со Реал и тој самиот смета дека на крајот од сезоната ќе се врати во Мадрид. „Го сакам Ајнтрахт и тој клуб за мене е посебен во секој поглед, но сите знаат дека јас официјално сум играч на Реал. Се враќам во Мадрид на крајот од сезоната“, изјави Јовиќ за „Билд“. Во Реал Јовиќ пристигна во 2019 година, но не се снајде најдобро, постигна само два гола и поради тоа беше испратен на поозајмица. За Ајнтрахт одигра 12 натпревари, постигна три гола и запиша една асистенција.


ФИФА ќе воведе автоматски офсајд на следното Светско првенство

Арсен Венгер денес е директор за фудбалски развој на ФИФА, а за СП 2022 во Катар најавува голема иновација.
Имено, Венгер најавува дека на Светското првенство во Катар ќе биде воведен автоматски офсајд со цел да не се чека толку многу при прегледувањето на спорните одлуки со ВАР.
„Очекувам автоматскиот офсајд да биде спремен за 2022 година. Навистина силно притискам за овој проект. Со овој систем помошниците ќе добиваат директни сигнали ако играчот е во офсајд. Времето кое сега го чекаме во просек е околу 70-80 секунди, важно е затоа што имаше многу прослави на голови кои беа стопирани поради мали офсајди“, најави Венгер.


Лондонски Арсенал ќе достави понуда до Интер за Хакими

Арсенал има се посериозен интерес за дефанзивецот на Интер, Ашраф Хакими, тврди весникот „АС“. Мароканецот ги импресионираше сите со својот настап за Интер оваа сезона по трансферот од Реал Мадрид за 40 милиони евра минатото лето.
Затоа „топџиите“ размислуваат да му дадат понуда по крајот на сезоната. Интер сигурно не сака така лесно да се раздели со Хакими. Сепак, клубот доживува сериозни финансиски проблеми и ова може да го принуди да се раздели со некои од своите ѕвезди. Токму Хакими е еден од играчите за кого има најсериозен интерес и за кого може да се собере најголема сума за трансфер.
Се смета дека од Интер се подготвени да преговараат со секој што е подготвен да понуди околу 50 милиони евра за мароканскиот фудбалер.


Данецот Вестергар пред потпис со Тотенхем

Тотенхем е подготвен да започне сериозна офанзива во текот на летото за да го привлече централниот дефанзивец на Саутемптон, Јаник Вестергaр. 28-годишниот Данец е еден од приоритетите на тренерот, Жозе Мурињо, пишува денеска – „Дејли експрес“. Португалецот ќе се обиде да ја засили одбраната со Милан Шкрињар од Интер и со данскиот играч кој е висок 199 сантиметри и покажува одлични партии. Вестергарт во 2018 година беше привлечен од Борусија Менхенгладбах и досега има 70 натпревари и 4 гола со тимот на „светците“. Се проценува дека Тотенхем за неговиот потпис ќе треба да плати максимум од 18-20 милиони фунти.


Јуве ќе загуби огромна сума ако не се квалификува за ЛШ

Јувентус може да изгуби 80 милиони евра доколку не успее да се пласира во Лигата на шампионите следната сезона.
Ова е приближно до приходот на „старата дама“ од последните учества на тимот во најкомерцијалното натпреварување во Европа. Затоа, ако екипата не игра таму во следната сезона, тоа ќе биде голем удар за клубот и ќе направи огромна дупка во неговиот буџет. Од враќањето во Лигата на шампионите во 2012 година, Јувентус заработи околу 650 милиони од учеството на турнирот. Дури и во последните две сезони, кои не беа многу успешни, бидејќи тимот беше елиминиран во осминафиналето, приходите од Лигата на шампионите беа околу 75-80 милиони евра. Доколку не се квалификува во Лигата на шампионите, тоа значи дека Јувентус ќе мора да се задоволи со учеството во Лигата на Европа. Меѓутоа, таму парите за учесниците се далеку поскромни.
Победникот на второто по квалитет натпреварување на УЕФА добива 25 милиони евра. Во оваа фаза, Јувентус сè уште е во битка за најдобрите 4 во Серија А. Синоќа тимот направи важен чекор, совладувајќи го својот директен ривал Наполи со 2-1 во одложен натпревар, со што се проби на третата позиција на табелата.


Синот на Хенрик Ларсон ќе биде замена за Халанд во Борусија Дортмунд

Според информациите во медиумите, Борусија Дортмунд стапила во контакт со Џордан Ларсон, напаѓачот на Спартак Москва.
Станува збор за синот на поранешниот напаѓач, Хенрик Ларсон. Џордан своевремено беше дел и од фудбалската школа на Барселона, познатата „Ла Масија“.
Потоа играше за Хелсингборг и Норкопинг во Шведска и холандскиот НЕЦ.
Во 12 натпревари за Спартак оваа сезона постигна пет голови, а неговата вредност на трансфер пазарот во овој момент е девет милиони евра.
Ако Борусија Дортмунд навистина ги стартувала преговорите со Џордан тогаш заминувањето на Ерлинг Халанд станува поверојатно.


Руските атлетичари со нов допинг скандал

Поранешните олимписки шампиони, руските атлетичари Андреј Силнов и Наталија Антјух се суспендирани на четири години поради допинг, соопшти Судот за спортска арбитража (CAS) со седиште во Лозана.
Силнов и Антјух беа обвинети за користење или обид за користење забранети супстанци или методи, а обвинувањата произлегоа од истрагата што Светската антидопинг агенција (WADA) ја отвори против Русија во 2016 година.
Силнов го освои златниот медал во скок во вис со 2008 година на Игрите во Пекинг, додека Антјух победи на Игрите во Лондон во 2012 година во дисциплината 400 метри со пречки.
Како што е соопштено, Силнов и Антјух ќе ги задржат сите освоени медали. Тие не се натпреваруваат од 2016 година, а Силнов беше потпретседател на Атлетската федерација на Русија до 2019 година кога поднесе оставка поради истрагата на судот во Лозана.
Осумгодишна суспензија доби носителката на сребрениот медал од Светското првенство во сала во 2006 година на 1.500 метри Елена Соболева, додека четиригодишна казна и е изречена на руската атлетичарка во фрлање кладиво Оксана Кондратева, која е дисквалификувана од петтото место на Светското првенство во 2013 година.


Салихамиџиќ го потврди заминувањето на Боатенг

Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ ја потврди очекуваната вест за заминувањето на дефанзивецот Жером Боатенг по завршувањето на сезоната.
Договорот на поранешниот германски репрезентативец нема да биде продолжен и на лето тој ќе го напушти клубот по 11 години поминати на „Алијанц Арена“.
„Неговиот договор нема да биде продолжен. Ова е одлука што ја донесе управата на клубот. Тренерот исто така учествуваше во овој избор. Разговарав со Жером и тој покажа разбирање. Боатенг ќе даде се од себе до крајот на сезоната во остварување на нашите цели. Тој е свесен дека ќе го напушти Баерн со крената глава“, коментираше Салихамиџиќ пред натпреварот со ПСЖ.
Баерн Минхен ќе биде пред сериозен предизвик откако загуби на првата средба со ПСЖ, па сега ќе мора да одат на победа и тоа со два гола разлика на реваншот во Париз.


Миленковиќ е желба на Тухел за новиот Челзи

Челзи е уште еден клуб кој се приклучи во трката за потписот на Никола Миленковиќ од Фиорентина. 23-годишниот Србин е еден од најбараните играчи за претстојниот преоден рок. Досега, неговото име најчесто се поврзуваше со Манчестер Јунајтед и Ливерпул, но другите тимови внимателно ја следат ситуацијата околу него, а еден од нив е Челзи, пренесува „Тутомеркато“. Меѓутоа, неодамна, интересот на Манчестер Јунајтед и Ливерпул малку се олади по неколку неубедливи настапи на Миленковиќ со репрезентацијата на Србија. Сепак, ова не им пречи на газдите на „Стемфорд Бриџ“, за кои привлекувањето нов централен дефанзивец станува една од главните цели за летото, а Миленковиќ е едно од првите алтернативи на нивниот список. Договорот на Миленковиќ истекува за 15 месеци, а во оваа фаза категорично одбива да потпише повторно со Фиорентина. Ова практично значи дека ќе биде ставен на трансфер пазарот во текот на летото, а битката за неговиот потпис ќе биде доста интересна. Од почетокот на сезоната, Миленковиќ е солиден стартер на Фиорентина, со 27 натпревари и 3 погодоци. Тој е исто така клучен играч во српската репрезентација, минатата недела го забележа својот 28-ми натпревар за својата земја.