feature

Oд Рома засрамени: Треба да научиме од оваа бламажа

Капитенот на Рома, Лоренцо Пелегрини по дебаклот на неговиот тим на гостувањето кај Бодо/Глимт во Конференциската лига на УЕФА, изјави дека тој и играчите им должат извинување на навивачите.

„Немам многу што да кажам. Можам само да се извинам. Кажавме што треба да правиме во соблекувалната и тоа останува таму. Понекогаш ви треба шлаканица за да научите. Денеска ја примивме сосема заслужено. Мора да научиме нешто од овој срам“, рече Пелегрини по натпреварот.


Роман Абрамовиќ го враќа Азар во Челзи

Сопственикот на Челзи, Роман Абрамович лично ќе се заложи да го врати својот миленик Еден Азар на Стемфорд Бриџ.

Рускиот милијардер сака да ја задржи одличната позиција на неговиот клуб во Европа и е подготвен да оддели 50 милиони евра за белгиецот кој сега настапува за Реал Мадрид. Информациите од Мадрид велат дека претседателот на „кралевите“ Флорентино Перез бил спремен да се раздели од Азар за 60 милиони евра, свесен дека играчот го мачат чести повреди и дена тешко повторно ќе заигра во топ форма.

Да се потсетиме дека Еден Азар во 2019 година го напушти Челзи и премина во Реал за огромни 115 милиони евра. Оваа сезона Азар настапи на 7 натпревари во Ла Лига, и постигна само еден гол.


Барса одби да го врати ветеранот Дани Алвеш

Пред неколку дена во медиумите се појави изјава на Дани Алвеш во која Бразилецот порачува дека доколку е потребено спремен е да се врати во Барселона да помогне.

Алвеш го раскина договорот со Сао Паоло, но нема намера да ја заврши кариерата. Сепак како што пренесува „Скај Италија“ Барселона не ја разгледува опцијата да го врати Алвеш.

Од Барселона Алвеш си замина во 2016 година кога се пресели во Јувентус. По епизодата во Торино следуваше нова во Париз за ПСЖ, а од таму се врати во татковината во редовите на Сао Паоло.


Лоша вест за Дортмунд – Ерлинг Халанд повторно во аут

Тренерот на Борусија Дортмунд,  Марко Росе објави дека поради повреда на бутниот мускул, најдобриот напаѓач на екипата, Ерлинг Халанд ќе паузира најмалку две недели.

Норвежанецот кој изминатата недела се врати од уште една повреда на мускулот и играше против Мајнц во Бундес лигата при што постигна два гола, но по настапот во Лигата на шампионите и дебаклот од Ајакс со пораз од 4:0, Халанд повторно почуствувал мускулна болка поради која ќе мора да паузира.


Ѓорѓиев четврти пат е светски првак во кик-бокс

Најдобриот македонски кик-боксер, Димитар Ѓоргиев е нов светски првак. Во финалето на Светското првенство во Италија во дисциплината лоу кик, Ѓорѓиев славеше против Никола Дробњак од Босна и Херцеговина со 3-0 и повторно се закити со светско злато.

Ова за него е четврта титула на светските првенства, откако претходно беше златен и на СП во 2011 година во дисциплината кик лајт.

На патот до финалето во Италија, Ѓорѓиев обезбеди три убедливи победи, без загубен поен. 


Манасков после операцијата на коленото: Се гледаме наскоро

Членот на македонската ракометна репрезентација, Дејан Манасков, објави на социјалните мрежи дека му е извршена успешна операција на лигаментите од коленото. Поради здобиената тешка повреда тој нема да настапи за репрезентацијата на Македонија на Европското првенство во 2020 година.

„Операцијата помина добро, се чувствувам одлично. Благодарам за сите ваши пораки со поддршка изминативе две недели. Интересниот дел може да започне, се гледаме наскоро, ве сакам сите “ – гласи пораката на Манасков.


Арсенал потпиша преддоговор со 4 годишно дете

Дека никогаш не е доволно рано за да се откријат талентирани фудбалери, потврдува премиерлигашот Арсенал, кој потпиша преддоговор со 4 годишно дете.

Станува збор за Зајн Али Салман кој веќе е интернет сензација со неговите постови на инстаграм каде ги прикажува неговите фудбалски мајстории. 

Малиот Али Салман кој вели дека е голем фан на Арсенал, уште од сега го споредуваат со Лео Меси поради неговата слична фудбалска техника.


Нови проблеми со фашизмот во Лацио

Дресерот на орелот кој е маскота на Лацио, Хуан Бернабе, е суспендиран од страна на раководството на римскиот клуб поради фашистички поздрави кој ги упатил кон ултрасите на Лацио.

Бернабе е снимен на видео клип на кое се гледа како тој изведува фашистички поздрав и скандира Дуче, Дуче,што е прекарот по кој е познат фашистичкиот лидер Бенито Мусолини.

Видеото е снимено на еден од последните домашни натпревари на клубот, најверојатно дербито со Интер.

Орелот Олимпија е маскота на Лацио и лета над стадионот Олимпико пред секој домашен натпревар на клубот.


Еден натпревар од Лига 1 ќе се игра во Кина

Француската лига има намера да одигра првенствен натпревар во Кина. Според информациите, станува збор за мечот меѓу Монако и Лион кој треба да се одигра во рамките на 23 коло од француската Лига 1.

Според најавите, дуелот би се одиграл на 5 февруари 2022 година, а и двата клуба се согласиле да патуваат за Кина. Тоа би бил прв првенствен натпревар од која било европска лига на друг континент, со оглед на тоа што досега се одиграни само пријателски или оние од Суперкупот.

Натпреварот би се играл во Шангај, а претседателот на Лион, Жан-Мишел Ола разговарал за тоа минатата сабота со сопственикот на Монако, Олег Петер.


Затворен стадионот во Холандија на кој се урна трибината

Холандските власти го затворија стадионот „Гоферт“ во градот Нијмиген, откако во неделата се урна дел од трибина за време на прволигашкиот натпревар меѓу домаќинот Нец и Витесе.

Инцидентот се случи на дел од трибината со навивачи на Витесе по завршувањето на натпреварот кога започнаа да ја прославуваат победа од 1-0.

За среќа беше избегната трагедија и никој не беше повреден. Засега не се познати причините кои довелоа да се урне дел од стадионот, што е во сопственост на Градот.

„Бидејќи не знаеме зошто дел од трибината се урна, мораме да го затвориме стадионот. Доколку тоа не го направиме, безбедноста ќе биде загрозена. Стадионот повторно ќе биде отворен откако ќе бидеме 100 отсто сигурни дека објектот ќе биде безбеден“, соопштија градските власти во Нијмеген.