feature

Пикси: Групата е тешка но не се плашиме од никој

Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Драган Стојковиќ-Пикси, внимателно и со избрани зборови ја прокоментира ждрепката и групата во која се најде Србија за СП во Катар.

„Групата е тешка, мора да ги респектираме ривалите, но пред се мора да се респектираме самите себе. Пред нас е мини турнир со три натпревари кои мора да ги одиграме на највисоко ниво. Ние не се плашиме, сакаме предизвик и мислам дека ќе успееме.Бразил, Швајцарија и Камерун заслужуваат максимално почитување“, истакнува селекторот Стојковиќ.


Бенфика бара огромни 60 милиони евра за Дарвин Нуњеш

Бенфика одреди цена од 60 милиони евра за својот уругвајски напаѓач Дарвин Нуњеш, информира „А Бола“.

22-годишниот уругвајски репрезентативец е во полето на интерес на клубови како Интер, Милан, Тотенхем, Арсенал и Вест Хем. Оваа сезона тој постигна импресивни 26 гола на 33 натпревари во сите натпреварувања.

Според информациите на „А Бола“, фаворити за неговиот потпис се италијанските гиганти. Интер е пред разделба со Лаутаро Мартинез и веќе бара негова замена.

Се чини дека е потешко да се пресели во Милан, бидејќи „росонерите“ многу внимателно ги трошат парите.


Кејн израмни рекорд на Кун Агуеро

Хари Кејн ја освои наградата за најдобар играч во Премиер лигата. Ова е седма ваква награда за капитенот на Англија, со што го израмни рекордот на Серхио Агуеро, кој има исто толку награди.

Тотенхем освои три победи во четири натпревари во март, зголемувајќи ги своите шанси во спорната битка за топ 4. На тие натпревари, Кејн постигна четири гола и запиша две асистенции. Капитенот на Англија ги победи Мати Каш, Трево Чалоба, Каи Хаверц, Дејан Кулушевски, Ендрју Робертсон, Букајо Сака и Ајван Тони.

Во март, Кејн постави и рекорд во Премиер лигата за најмногу голови на гости. Тој го престигна Вејн Руни кој има 94 гола на гостувањата во Премиер лигата.


Интер го продава Де Вриј за да го купи Бремер

Стефан де Вриј на крајот на сезоната би можел да го напушти миланскиот гигант, пренесуваат италијанските медиуми.

Договорот на Де Вриј со Интер истекува во јуни 2023 година, нема најава за негово продолжување, па Холанѓанецот на лето ќе влезе во последната година од договорот.

Интер е спремен да го продаде, а најсилен интерес за неговиот потпис покажува Тотенхем.„Спарси“ се спремни за неговиот потпис да понудат 25 милиони евра, а Интер како негова замена сака да го донесе Бремер од Торино.

Бремер е примарна цел на Интер во летниот преоден рок, веќе имаат договор со Бразилецот и неговиот трансфер ќе го финансираат со продажбата на Де Вриј.


Патрик Шик е повторно подготвен за игра

Од таборот на Баер Леверкузен, објавуваат дека напаѓачот на екипата, Патрик Шик се опорави од повредата и ќе може да настапи за својот тим на мечот со Херта од Берлин.

Шик, кој е втор стрелец во Бундеслигата со постигнати 20 гола, ги пропушти последните пет недели поради повреда на мускулот. Поради повредата тој не настапи и за селекцијата на Чешка во бараж натпреварот за пласман на Светското првенство.  

Чешкиот напаѓач најверојатно натпреварот ќе го започне од клупата за резерви, но најверојатно ќе влезе во игра во одреден момент од натпреварот, пренесува тренерот на Баер.


Бруно Фернандеш потпиша нов договор со Манчестер Јунајтед

Играчот од средината на теренот во Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, потпиша нов договор со клубот, со кој ќе остане на „Олд Трафорд“ до летото 2026 година. Договорот има опција за продолжување на соработката за уште една дополнителна година.

Португалскиот репрезентативец е еден од најдобрите играчи на Јунајтед, каде пристигна од Спортинг Лисабон во јануари 2020 година.

Бруно на вкупно 117 натпревари во дресот на Манчестер Јунјатед има постигнато 19 голови и 39 асистенции


Арсенал спремен да преговара со Дибала

Пауло Дибала, кој ќе си замине во текот на летото, може да добие понуда од Арсенал, пишуваат денеска медиумите во Италија.

Бидејќи „топчиите“ се во одлична позиција да обезедат место во Лигата на шампионите за наредната сезона,  тренерот Артета, планира да ангажира нови фудбалери.

„Football London“  објави дека Дибала е идеално решение за англискиот клуб бидејќи ќе пристигне како слободен играч.


Брозовиќ се враќа за дербито против Јуве

Интер во недела му гостува на Јувентус во големото италијанско дерби, кое може да се покаже како одлучувачко во трката за скудетото. Денес пристигнаа одлични вести за тренерот на „нероаѕурите“, Симоне Инзаги, кој ќе може да смета на Марсело Брозовиќ.

Брозовиќ се опорави од повредата и денес тренираше со остатокот од тимот, па против Јувентус ќе биде во стартниот состав.

Лаутаро Мартинез не е повеќе позитивен на Ковид, тренира регуларно со тимот, па ќе биде спремен за големото дерби. Особено важно за Инзаги е враќањето на Брозовиќ, бидејќи се покажа дека Хрватот е клучен фудбалер во неговата формација.


Лазаров повика 35 ракометари за баражот против Чешка

Кирил Лазаров во улога на селектор-играч,  денеска го објави поширокиот список од 35 ракометари за претстојниот двомеч со Чешка за пласман на Светското првенство во Полска и во Шведска од 11 до 29 јануари догодина.

Мечот со Чешка во Злин е на 13 април од 20:15 часот, додека реваншот е на 17 април во Скопје од 19:00 часот.

Конечниот список ќе биде затворен откако ќе се реализира подготвителната програма.


Фетел се опорави и е подготвен за трката во Мелбурн

Возачот на Ф1 тимот Астон Мартин, Себастијан Фетел, поради корона вирус ги пропушти првите две трки од новата сезона во Формула 1, но сега тој се опорави и е подготвен за настап во Мелбурн на трката за Големата награда на Австралија.

Астон Мартин сеуште е без бодови во новата сезона, а најдобри резултати постигнаа во Саудијска Арабија каде завршија на 12. и 13. позиција.

Трката во Австралија се вози на 10.април на патеката „Мелбурн парк“.