feature

ПСВ Ајндховен го освои Суперкупот на Холандија

ПСВ го совлада Феенорд во мечот за холандскиот Суперкуп со 1-0. Стрелец на единствениот гол на натпреварот синоќа во Ротердам беше играчот од средниот ред на ПСВ, Ноа Ланг во 79. минута.

Ова е трет во низа Суперкупот на Холандија за ПСВ. Во претходните две сезони тимот од Ајндховен го победи Ајакс (5-3 во 2022 година и 4-0 во 2021 година).

Севкупно, ПСВ по 14-ти пат стана сопственик на Суперкупот на земјата и е рекордер во Холандија во ова натпреварување.


Гедбан: Во Битола се чувствувам како дома

Еурофарм Пелистер направи неколку промени во играчкиот кадар за престојнава сезона, а едно од новите имиња е голманот Калифа Гедбан.

Гедбан во минатото го носеше дресот на Вардар, стана европски шампион со „црвено-црните“, па за него ова е камбек во Македонија со тоа што сега ќе игра за „фармацевтите“ од Битола.

„Многу сум среќен што се вратив во Македонија, овојпат во друг клуб – Пелистер. Навистина сум среќен. Имаме добар тим, мора да се бориме за домашната титула, ќе играме и во Лигата на шампионите. Нема да биде лесна сезона, но мора да се бориме на секој натпревар.

Од претходно го знаев градот, Битола е убава. Сум бил тука 3-4 пати претходно, а сега живеам тука. Ми се допаѓа градот, луѓето, не се чувствувам како странец, туку како да сум дома.

ЛШ е најважното натпреварување во ракометот. За Пелистер е многу е важно што ќе игра во оваа сезона. Ќе биде интересен и голем предизвик за нас“, порача Гедбан.


Ако не го доведе Мбапе, Реал ќе тргне по Влаховиќ

Реал Мадрид останува главен фаворит за потписот на Килијан Мбапе, но „кралевите“ засега се мирни на оваа тема засега не се впуштаат во конкретна акција по „војната“ која напаѓачот ја води со Пари Сен Жермен.

Меѓутоа има уште доста до крајот на овој преоден рок и останува да се види до кога Реал ќе биде навистина трпелив со оглед на тоа што јавна тајна е колку тие сакаат да го видат Французинот на „Сантијаго Бернабеу“.

Ама „Кадена Сер“ пренесува дека Реал има и уште една опција, алтернатива за напаѓачката линија ако не може да ја добие ѕвездата на „светците“. Шпанскиот великан го ангажираше Хоселу, но јасно е дека тој не беше доведен како директна замена за Карим Бензема кој „летна“ во Саудиска Арабија.

Наводно желба на тренерот Карло Анчелоти е српскиот репрезентативец Душан Влаховиќ чија што иднина е неизвесна во Јувентус. „Старата дама“ е спремна да се откаже од него за добра понуда, се обидува да го вклучи во операцијата за Ромелу Лукаку од Челси, ама во случај Реал да тропне со добра сума сигурно не би било проблем да го испрати во Мадрид.


Коло Муани најавил заминување, ПСЖ фаворит за неговиот потпис

Рандал Коло Муани ги информирал челниците на Ајнтрахт дека не сака да ја испушти шансата и инсистира на трансфер во ПСЖ, па се чини дека бундеслигашот ќе биде приморан да преговара со францускиот клуб.

Интересно е што Ајнтрахт досега преку својот претседател истакнуваше дека Коло Муани не може да замине за сума помала од 100 милиони евра, но според агентите на фудбалерот тоа е претерување и нереална валоризација, која веројатно нема да може да ја следи ниту ПСЖ.

Ова е најава за уште една трансфер сага, освен ако Ајнтрахт и ПСЖ брзо не најдат компромис околу трансфер сумата.


Иранецот Тареми го менува Кејн во Тотенхем?

Доколку Хари Кејн наскоро го напушти Тотенхем, клубот од Лондон веќе има опција за негова замена.

Во прашање е фудбалерот на Порто, 31 годишниот играч од Иран, кој веќе трета сезона настапува за оваа екипа, се вика Мехди Тареми.

Јасно е дека не е во прашање напаѓач од врвна класа, но е добра опција и замена за Хари Кејн за прва рака во Тотенхем. Иако клубот од Тотенхем го има Ришарлисон, тој по доаѓањето од Евертон не се покажа баш во најдобро светло.

Навистина, Иранецот има страшна статистика во Порто, постигна дури 80 голови во 150 натпревари, но прашање е дали и како тој ќе се вклопи во новото првенство.

За трансферот на овој играч Порто евентуално би заработил 42 милиони евра.


Хојлунд претставен на „Олд Трафорд“

Манчестер Јунајтед го искористи пријателскиот натпревар со Ленс за да го престави своето трето засилување. Расмус Хојлунд и официјално стави потпис на договор со „црвените ѓаволи“, а имаше шанса да се претстави и пред полните трибини на „Олд Трафорд“. 

Италијанскиот тим Аталанта доста добро профитираше од овој трансфер, бидејќи Данецот минатото лето беше купен за 17 милиони евра од Штурм. Сега, Хојлунд за сума од 74 милиони, плус девет во вид на бонуси се пресели во Манчестер Јунајтед. Самиот играч нагласи дека е пресреќен бидејќи му се исполни детскиот сон. 

„Не е тајна дека сум навивач на овој клуб од детските денови. Сонував еден ден да заиграм на „Олд Трафорд“ во дресот на Манчестер Јунајтед. Исклучително сум возбуден за оваа шанса да го исполнам сонот“, изјави Хојлунд. 

Во кариерата данскиот фудбалер има настапувано за ФК Копенхаген и Штурм, пред да се пресели во Аталанта. Минатата сезона за тимот од Бергамо одигра 34 натпревари и даде десет гола, а запиша и четири асистенции.


Јан Зомер од Баерн се сели во Интер

Интер решил да ја активира откупната клаузула на Јан Зомер откако не успеа да го натера Баерн Минхен да го продаде голманот со пониска цена.

„Нероаѕурите“ летово останаа без Андре Онана кој замина во Манчестер Јунајтед и Самир Хандановиќ кој го одработи договорот и го напушти стадионот –  „Џузепе Меаца“.

Затоа, италијанците решиле да ја активираат клаузулата на Јан Зомер вредна шест милиони евра.


Баер Леверкузен го продолжи договорот со Чаби Алонсо

Чаби Алонсо ќе остане на клупата на Баер Леверкузен до 30 јуни во 2026 година откако денеска ја продолжи соработката со германскиот елитен  фудбалски состав.

„Благодарен сум за довербата што ми ја укажа раководството. Позитивно гледам на изминатата сезона и на односите во клубот“ – вели Алонсо.

Тој го презеде кормилото на Баер Леверкузен во октомври 2022 година и успеа да стигне до полуфиналето на Лига Европа.


Премиер лигата најсилно национално првенство во Европа

УЕФА на својата официјална веб-страница ја претстави ажурираната табела со коефициенти за сезоната 2023/2024.

Очекувано на врвот е Англија односно Премиер лигата која и понатаму е водечка лига во Европа. Зад Англија следуваат Шпанија, Италија и Германија. Промената е меѓу Холандија и Франција кои си ги сменија местата, па во Топ 5 лигите сега е Хоалндија пред Франција.


Гвардиол на лекарски прегледи и потпис во Манчестер Сити

Дефанзивецот на РБ Лајпциг, Јошко Гвардиол се простил од
соиграчите пред преселбата во Манчестер Сити. Ова го пренесува
новинарот Патрик Бергер во својот „Твитер“.
Според изворот, хрватскиот фудбалер отпатувал за Велика Британија,
каде мора да го помине последниот лекарски преглед за да договори
трансфер во Манчестер Сити. Англискиот клуб ќе плати 90 милиони
евра за Гвардиол плус 10 милиони евра бонуси. Хрватот ќе стане
најскапиот дефанзивец во историјата на фудбалот.
21-годишниот Гвардиол минатата сезона забележа 41 настап за РБ
Лајпциг во сите натпреварувања и постигна три гола. Дефанзивецот
стана освојувач на бронзен медал на Светското првенство во Катар
2022 година.