feature

Јовиќ заминува од Реал и веќе има две понуди

Шпанска „Марка“ пренесува дека напаѓачот на Реал Мадрид, Лука Јовиќ веќе донел одлука за напуштање на клубот ова лето.

24-годишниот Србин, веќе од поодамна не е во плановите на тренерот Анчелоти и најразумно решение за двете страни е тој да побара нов клуб.

Екипите на Арсенал и Борусија Дортмунд веќе покажале интерес за Јовиќ, и се спремни за испраќање на официјални понуди.

Висината на сумата за негово ангажирање според некои проценки се движи околу 20 милиони евра.


Ибрахимовиќ го тестира најновиот модел на Ферари

Напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ ја посети базата на Ферари во Маранело и се сретна со директорот Матија Биното, како и со двајцата возачи на Ф1 болидите, Карлос Саинс и Шарл Леклер.

На средбата Шарл Леклер  му го покажа целиот комплекс на авто центарот, а заедно со Карлос Саинс направи и тест возење на најновиот модел Ферари 296 ГТБ.


Руски пливач загуби спонзор заради добриот однос со Владимир Путин

Рускиот пливач, повеќекратниот олимписки шампион Евгениј Рилов, го загуби спонзорскиот договор што го имаше со компанијата „Спидо“ бидејќи минатата недела беше на митинг за поддршка на рускиот претседател Владимир Путин на стадионот „Лужники“ во Москва, пренесува порталот „insidethegames“.

Во истиот текст, овој портал го споменува и списокот на руски спортисти кои присуствувале на митингот, на кој се наоѓа и споменатиот освојувач на два златни медали од претходните Олимписки игри во Токио.

Рилов на митингот на гардеробата ја напиша и буквата „З“, што ја симболизира руската инвазија на Украина. Поради ваквата постапка, Светската пливачка федерација (ФИНА) во соопштението истакна дека е „длабоко разочарана“ од појавувањето на Рилов на митингот и дека ќе спроведе истрага.


Во ПСЖ владеат кланови, Хакими најави заминување

Дефанзивецот на Пари Сен Жермен, Ашраф Хакими може да го напушти тимот на лето. Мароканскиот репрезентативец е во тензични односи со некои од соиграчите и тоа е причината за неговата желба да се раздели со парижаните.

Изворот тврди дека 23-годишниот дефанзивец не се разбира најмногу со Јужноамериканците во ПСЖ. Хакими смета дека играат себично, што доведува до неуспех на одредени натпревари.

Мароканецот е најразочаран од испаѓањето од неговиот поранешен клуб Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Многумина во тимот го делат неговото мислење. Показател за тензичната атмосфера во тимот е фактот што по поразот од Монако (0:3) викендов, никој од играчите не кажал ниту збор во соблекувалната.

Хакими дојде на „Паркот на принцовите“ минатото лето од Интер, каде што ја освои титулата во Серија „А“. Брзо стана клучна фигура во тимот на Маурисио Почетино, а досега има 32 натпревари и 3 гола во сите натпреварувања.


Кимих доби слободни денови за да присуствува на раѓањето на своето трето дете

Џошуа Кимих нема да се приклучи на германската репрезентација, бидејќи очекува неговата девојка Лина Мајер да го роди нивното трето дете.

„Тој е целосно семеен човек. Да се има дете е навистина многу посебен момент за секого. Се надеваме дека се ќе биде добро и тој наскоро ќе се приклучи на тимот”, изјави германскиот селектор, Ханси Флик.

„Панцирите“ се подготвуваат за пријателскиот натпревар со Израел закажан за в четврток. Три дена  подоцна ќе гостуваат во Холандија.


Принудна пауза за Рафаел Надал

Шпанецот, Рафаел Надал, ќе биде надвор од тениските терени во следните шест недели. Тој имаше големи проблеми за време на финалниот натпревар на Индијан Велс, кога се пожали на тешко дишење и вртоглавица.

После дополнителните лекарски прегледи, Надал излезе со изјава дека имал напукнато ребро и дека ќе мора да паузира одреден период. Тенисерот најверојатно ги пропушта турнирите во Монте Карло и Барселона, но би требало да биде подготвен за мастерсите во Мадрид и Рим.


Њукасл нема да штеди пари за доведување на Осимен

Новите сопственици на Њукасл најверојатно нема да штедат пари на летни трансфери, и целта да го направат тимот еден од најсилните во Премиер лигата.

Главен приоритет на клубот е да привлече нов голгетер. Изборот веќе паднал на Виктор Осимен од Наполи. 

Њукасл во јануари веќе понуди 70 милиони евра за Нигериецот, но тогаш понудата беше одбиена. Според информациите ,преговорите ќе продолжат по завршувањето на сезоната, а челниците на популарните „страчки“ се подготвени да ја зголеми својата понуда на 80 милиони евра, и се надеваат дека 23-годишниот Осимен ќе го облече црно-белиот дрес.


Димитриевски: Да излеземе на терен и да се покажеме во најдобро светло

Македонската репрезентација ги продолжува подготовките за плејоф натпреварот против Италија за пласман на Светското првенство во Катар.

Нашиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски вели дека Македонија има квалитет, а тоа го потврдуваат досегашните резултати и тоа што се изборивме да дојдеме до ова ниво. 

„За целата репрезентација ова е веројатно најважниот натпревар. Се подготвуваме добро, целосно сме фокусирани на мечот. Имаме квалитет, не е лесно да се стигне до ова ниво и да се избориш за ваков натпревар. Треба да излеземе на терен и да се покажеме во најдобро светло. Во италијанскиот состав сите фудбалери се квалитетни, било кој и да игра, ние треба да бидеме максимално сконцентрирани во текот на мечот доколку сакаме да дојдеме до победа“, рече голманот на Рајо.


Шпанецот Луис Фелипе се договори со Бетис

Одбранбениот играч на Лацио, Луис Фелипе, најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Шпанија веќе следната сезона.

25-годишниот Бразилец е блиску до трансфер во Бетис и тоа како слободен играч.

Клубот од Севиља му нуди на Фелипе четиригодишен договор со одлична плата.


Бабунски: Свесни сме за предизвикот кој е пред нас

Македонската репрезентација ги започна подготовките за плејоф натпреварот против Италија за пласман на Светското првенство во Катар.

Повратникот во најдобриот национален тим, Давид Бабунски вели Македонија има сила да им се спротивстави на Европските прваци. Најави игра со срце за победа.

„Среќен сум што повторно сум дел од најдобрата македонска репрезентација. Ја имам истата желба и гордост како и првиот пат кога настапив за Македонија. Свесни сме за предизвикот кој ни следува, но оваа репрезентација покажа дека може да се надигрува со најголемите селекции. Подготвени сме за ваков предизвик“.